Шок-прогноза на Столтенберг на 100-иот ден од војната
3 јуни 2022Шефот на НАТО, Јенс Столтенберг, предупреди дека украинските сојузници мораат да се подготват за „тешка исцрпувачка војна“. Тој им се обрати на новинарите по разговорот со американскиот претседател, Џо Бајден, во Белата куќа.
„Мораме да бидеме подготвени на војна на долги патеки. Бидејќи, она што го гледаме е дека војната сега стана војна на исцрпување. Поголемиот број војни, веројатно и оваа, во некоја фаза ќе се завршат на преговарачка маса, но знаеме дека она што се случува на преговарачката маса е многу тесно поврзано со ситуацијата на терен, на бојното поле“, рече Столтенберг. Тој додаде дека НАТО нема да ѝ диктира на Украина на кои услови треба да се согласи во преговорите со Русија.
„Му верувам на политичкото раководство во Украина, тие требаат да донесат тешки одлуки. Ние не треба да одлучуваме или да имаме цврсто мислење за тоа што треба или не треба да прифатат Украинците. Треба да им помогнеме да го остварат своето право на самоодбрана“, рече тој.
Првиот човек на Алијансата повтори дека НАТО не сака да влезе во директна конфронтација со Русија, но нагласи оти западната воена алијанса има одговорност да ја поддржи Украина.
Повеќе: Зеленски: Не отстапуваме украинска територија заради мир со Русија
Денеска е стотиот ден од руската инвазија врз Украина во која Москва досега според украински наводи заземала 20 отсто од украинската територија и која се фокусира на источниот регион Донбас и нејзиниот стратешки град Северодоњецк. „Имавме извесен успех во битката за Северодоњецк. Но, уште е рано. Ова е најтешката зона во овој момент“, рече синоќа украинскиот претседател Володимир Зеленски.
„Денеска се бориме и го држиме секој метар од Луганската област“, рече утрово гувернерот на Луганск, Сергеј Гајдај. Тој наведе дека „веќе 100 дена (Русите) уништуваат сѐ што се истакнуваше во Луганската област.“ Уништени се над 400 километри „патишта по европски стандард“, 33 болници, 237 селски клиники, речиси 70 училишта и 50 градинки, додаде Гајдај. Тој вчера рече оти се „окупирани 80 насто“ од Северодоњецк, административен главен град на Донбас, како и дека се водат борби на улиците.