Средба Путин-Асад: брз крај на операциите во Сирија?
21 ноември 2017Рускиот претседател Путин очекува брзо завршување на воените операции во Сирија. Според Кремљ, Путин ова го изјавил на состанокот со сирискиот претседател Башар ал Асад во туристичкиот град Сочи на Црното Море. Путин му честитал на Асад за „резултатите во борбата против терористичките групи", се вели во соопштението. Сирија се приближува кон „конечна, неизбежна победа над терористите".
„Сè уште има долг пат пред да постигнеме целосна победа над терористите", рече Путин. „Но, што се однесува до заедничката борба против тероризмот на територијата на Сирија, воената операција всушност завршува". Сега, според Путин, станува збор за иницирање политички процеси.
Тој изразил задоволство од подготвеноста на Асад да работи со секој што сака да изгради мир и да изнајде решенија за сирискиот конфликт. Досега постигнат е голем успех, како на бојното поле, така и на политичкото поле. Многу области во Сирија биле ослободени од терористи, а сега цивилите кои морале да ги напуштат овие области може да се вратат, истакнал рускиот претседател.
Путин најавил и дека има намера во текот на денешниот ден, за посетата на Асад на Русија и за ситуацијата во Сирија телефонски да разговара со американскиот претседател Доналд Трамп. Денеска во Сочи за сирискиот конфликт ќе води разговори со претседателите на Турција и на Иран, Реџеп Таип Ердоган и Хасан Рохани.
Напори за деескалација
Русија, Турција и Иран работат заедно од почетокот на годината за деескалација на сириската граѓанска војна. За време на серија разговори во главниот град на Казахстан Астана, беше договорено воспоставувањето на таканаречените зони за деескалација, во кои важи примирје меѓу бунтовниците и владините сили.
Додека Русија и Иран го поддржуваат Асад, Турција е на страната на бунтовниците. Сепак, Турција и Русија значително од минатата година значително се приближија а Путин и Ердоган редовно се состануваат на разговори. За Турција, приоритет во Сирија повеќе не е соборувањето на Асад, туку потиснувањето на Курдите.