Србија и БиХ се преоптоварени со военото минато
17 јуни 2015Фактот што посетата на српскиот претседател Томислав Николиќ на Сараево е откажана на барање на бошњачкиот член на претседателството на БиХ Бакир Изетбеговиќ потврдува дека односите меѓу двете земји се уште се оптоварени со военото минато. Доколку на тоа се додаде и недоследноста на меѓународната заедница, стекнати се сите услови за стагнирање на Србија и БиХ во процесот на европските интеграции, велат аналитичари од регионот за ДВ.
„Односите во регионот, особено меѓу БиХ и Србија, се оптоварени со военото минато, нерешеното прашање на процесуирање на воените злосторства но и политички превирања како во уставно недоречената БиХ, така и во Србија каде се уште се негува митот за големата српска држава. Ни недоследната политика на меѓународната заедница не оди во прилог на нормализацијата на односите во регионот“, вели политичкиот аналитичар од Сараево Џевад Кучукалиќ.
Далеку од искрени односи
Притоа, според некои аналитичари, прашање е и колку се искрени односите меѓу двете држави. Апсењето на Насер Ориќ не е единствениот пример кој тоа го потврдува. „Ниту на Николиќ му беше драго што мора да дојде во Сараево, ниту на Сараево му беше драго што им доаѓа Николиќ. На двете страни Ориќ им дојде како порачан. Тука е суштината во неискреноста. Ние ќе мораме уште да чекаме во Србија да се појави вистинскиот Вили Брант, некој кој заради општото добро и подобрата иднина и на Србија и на БиХ ќе биде во состојба да се соочи со фактот дека во Сребреница е сторен геноцид, а не да брои колку пати зборот геноцид се споменува во британската резолуција“, вели за ДВ, новинарот на „Дневни Аваз“ Сеад Нумановиќ.
Српскиот аналитичар Александар Попов, директор на Центарот за регионализам, вели дека во случајот на БиХ се случува еден збир на настани во негативна смисла. „Најпрво апсењето на Ориќ, па калкулации околу тоа што содржи резолуцијата за Сребреница која ја предложи Британија, и на крај барањето на Изетбеговиќ да се одложи посетата на Николиќ. Но јас сметам дека вест на денот треба да биде откажувањето на посетата на комесарот Јоханес Хан на БиХ, бидејќи кај дел од лидерите не постоеше подготвеност да ја прифатат обврската да работат на изградба на институциите во БиХ и да направат мапа за патот кон европските интеграции“, вели Попов.
Решение преку дијалог
Според белградскиот аналитичар, проблемот со апсењето на Ориќ можел да се реши преку дијалог на надлежните органи на двете држави доколку имало политичка волја. „Особено што таквите случаи не се некоја новина. Но очигледно некому му одговораше секогаш да има некоја тема за политички калкулации и за хомогенизација на гласачкото тело, па затоа и имаме 20 години после Дејтон ваква ситуација во БиХ“, смета Попов.
По откажувањето на посетата на Николиќ сега се поставува прашање и дали слична судбина може да ја снајде и најавената посета на српскиот премиер Александар Вучиќ на 20-годишнината од геноцидот во Сребреница. Според Попов досега потезите на претседателот не го условувале и однесување на српскиот премиер, напротив. Тој смета дека веројатноста е голема дека Вучиќ сепак ќе оди во Сребреница.