Спорот со Бугарија до март обвиткан во магла
5 јануари 2021Спорот со Бугарија, како опашка, остана да се влече зад владиниот тим задолжен за надворешната политика и на почетокот на новата година. Надлежните најавуваат нов план за надминување на разликите со Софија, чие детали допрва ќе се прецизираат. Надежите се дека во наредните месеци би можеле да се состават најголем дел од коцките во мозаикот, што би резултирало со расчистување на патот кон ЕУ. Министерот за надворешни работи Бујар Османи е оптимист. Неговите очекувања од португалското претседателство за проширување на ЕУ се големи, а најави и дека МНР наскоро ќе испрати македонски дипломат во Лисабон за да има директен контакт со властите во Португалија. Османи се надева и на помошта од Германија. Премиерот Зоран Заев, пак, не очекува исход пред изборите во Бугарија. Тоа би можело да значи дека односите меѓу двете земји ќе останат завиени во магла се до март, по што би можело да се очекува некакво разведрување на релација Скопје - Софија.
Преговорите продолжуваат
Министерот за надворешни работи Бујар Османи оптимистички најавува наскоро одржување на првата Меѓувладина конференција за почеток на преговорите на земјава со Европската Унија. Османи рече дека неговите очекувања од Португалија се позитивни, но и дека се надева помошта од Германија да продолжи. „Знаете дека претседателствата функционираат во рамки на тријада, односно на три претседателства кои што ги координираат активностите, насоките и политиките, така да очекувам Германија да продолжи со својот ангажман.
-повеќе на темата: Сузане Шиц за бугарско-македонскиот спор: Разговорите мора да продолжат
Според првите контакти со португалското претседателство, тоа има сериозна намера да се ангажира процесот да се продолжи од таму каде го остави германското претседателство и побрзо да се најде решение за разликите со цел да се одржи првата меѓувладина конференција односно да се усвои преговарачката рамка“, истакна Бујар Османи. Тој најави дека деновиве ќе се испрати македонски дипломат во Португалија со цел да биде во блиска комуникација со португалските власти, но ќе се продолжи и комуникацијата со другите земји членки паралелно со комуникацијата со Република Бугарија. Османи вели дека засега не е договорена средба со бугарската колешка Екатерина Захариева, но најави координација со премиерот Зоран Заев и сите оние кои се вклучени во овој процес за да се утврди динамиката на активностите за што побрзо изнаоѓање решение со Бугарија.
-повеќе на темата: Заев до Каракачанов: Не сме легнале во 1943 година како Бугари, за потоа да се разбудиме како Македонци
Премиерот Зоран Заев, пак, не очекува пресврт наскоро. Отворените прашања со Бугарија не се очекува да се решат до одржување на парламентарните избори во март годинава, откако земјата стави вето на македонските преговори со ЕУ. „Изборите се несоодветен момент за решавање на вака политичко сензитивни прашања, посебно прашања кои што еве барем нашата страна не може да го утврди каде е проблемот. Јас многу често кажувам не можам да го сфатам проблемот. Јас можам да сфатам стојалишта да разговараме дури и за минатото зошто не, минатото пред се е на историчарите, ние политичарите треба да ја отвораме иднината но дефинитивно тоа не значи дека не треба да правиме напори веднаш“, рече Заев, кој разменил пораки и честитки со сите премиери за Нова година, како и со бугарскиот премиер, Бојко Борисов. Заев во гостување во вестите на Сител, порача дека не планира да поднесе оставка поради бугарското вето, како што бара опозицијата. Тоа, според него, би значело изневерување на граѓаните, од кои бараше втор чист мандат, кога есента 2019 година поднесе оставка поради француското вето.
Регионални иницијативи
По блокадата на С Македонија за почеток на преговорите со Европската Унија од страна на Бугарија, останува неизвесно кога земјата би можела да се најде пак на агендата за проширување на Европската Унија. Во меѓувреме, македонскиот политички врв задолжен за надворешната политика со регионални иницијативи се обидува да ги затопли односите и да ја зајакне соработката меѓу двете земји. Министерот за надворешни работи Бујар Османи упати писмо до неговите колешки од соседните Бугарија и Албанија Екатерина Захариева и Олта Џачка за економско-политичко зближување наречена „Иницијатива 8“. Целта е Албанија, Северна Македонија и Бугарија да ги засилат сите врски за да се поврзе регионот од Јадранското до Црното Море.
-повеќе на темата: Уште една трнлива година за Западниот Балкан и проширувањето
„Очекувам состанок со министерката Захариева, за два формални предлога, надвор од потребата за комуникација за надминување на разликите. Првата е потребата да се одржи првата меѓувладина конференција што треба да се одржи во првите месеци од годинава, втората е поканата за оваа трилатерална иницијатива со цел да се стави во функција „Иницијатива 8“, за која очекувам состанок во Скопје на тројцата министри за надворешни работи, доколку одговорот биде позитивен за мојата иницијатива“, додаде Османи.
Без условувања и уцени
Државниот врв е дециден дека ќе продолжат напорите за надминување на отворените историски и идентитетски прашања помеѓу двете земји. Покрај средбите меѓу политичарите, се очекува да продолжи со работа и заедничката македонско-бугарска Комисија за историски и образовни прашања, која изминатата година не успеја да ги приближи ставовите и да постигне договор околу клучните прашања. Членовите на Комисијата се судрија околу придавката „македонски“, но и околу цар Самоил, па недоразбирањата ескалираа до тој степен, што и македонските и бугарските историчари одбиваа да ги потпишат записниците за состаноците. По последната средба на Комисијата, се чини двете страни се уште подалеку од постигнување на компромисни решенија, а на површина испливаа низа проблеми и недоразбирања, коишто го продлабочија јазот. Копјата се кршат околу заедничката историја, придавката ‘македонски“, учебниците, околу историски личности и нивното чествување.
-повеќе на темата: И Исус е Македонец - нова провокација од Бугарија
„Заедничките чествувања се европски и цивилизациски придобивки, па затоа треба да се прават врз еднаква основа со почитување на различните перцепции и без наметнување на сопствениот наратив врз наративот на другиот и без повреда на достоинството на Македонците со условување и уцени“, вели претседателот на МАНУ, Љупчо Коцарев во интервју за ТВ Телма.
Според него, македонскиот јазик има повеќедневна традиција, формиран е пред формирањето на државата Македонија, а се зборува надвор од границите на денешна Македонија. „За посебноста на македонскиот јазик веќе поодамна се изјаснила светската славистика, не македонската или бугарската“, вели Коцарев. Според него, Денот на светите браќа Кирил и Методиј – 24 Мај треба да го одбележуваат повеќе држави, не само Македонија и Бугарија, туку и сите словенски држави и народи.