Спомени на лекарите од Сребреница
11 јули 2022„Почна гранатирањето, имаше многу ранети. Со неколку медицински техничари од таа област почнавме да ги згрижуваме луѓето“, вели Фатима Даутбашиќ Клемпиќ, една од воените лекари во Сребреница.
„Работевме по куќите, со материјали кои ги имавме при рака. Немавме никаков лек, освен оној што ни го носеа луѓето од дома, полуискористени кутии со антибиотици и слично“, вели таа за ДВ.
На почетокот на војната, кога српските паравоени сили го окупирале Братунец, таа се вратила во родното село во близина на Сребреница. Случајно во своите родни места се вратиле и уште неколку доктори.
Болници во приватни куќи
„Немавме лекови, медицински материјали, анестетици, па ампутациите се правеа на живо. Тоа беа страшни сцени. Имаше многу ранети од мини, коските буквално висеа на парче месо“, се присетува Фатима во разговор за ДВ.
Слична ситуација имало и во селата околу Поточари, ни раскажува Суљо Чакановиќ, медицински техничар кој за време на војната бил во областа Сребреница.
„Во април 1992 година, сите вработени во Здравствениот дом во Сребреница и другите служби ги напуштија своите работни места, фирми, продавници... ништо не функционираше бидејќи беше даден ултиматум да се предаде оружјето, со закана дека во спротивно Сребреница ќе биде гранатирана“. вели Чакановиќ.
Првите гранати, додава тој, не паднале врз градот, туку врз неговото село Будак над Поточари, каде што се нашол и почнал да им помага на првите ранети. „И така започна војната“.
Чакановиќ мислеше дека се ќе помине брзо. „Подоцна сфатив дека сите здравствени работници, кои случајно се нашле во областа на општината Сребреница, се разделени. Никој не знаеше за никого и сами се организираа и почнаа да дејствуваат“.
„Формирав привремена амбуланта во селото Пале, кое беше најинтензивно гранатирано. Оттаму отидов да им помогнам на ранетите и на други места во околината. Помина времето, некои луѓе ми дојдоа на помош и почнавме да ги обучуваме мештаните да пружат прва помош, да го прекинат крварењето и слично“, додава Чакановиќ.
Операциите се изведуваа без анестезија
Хамдија Фејзиќ, тогашен претседател на Извршниот одбор на Општинската болница во Сребреница, вели дека воената болница почнала со работа кон средината на јули 1992 година. „Дотогаш лекарите работеа на местата каде што случајно се нашле. Решивме да ги собереме на едно место, каде што ќе ги носат ранетите и каде ќе ја имаат најдобрата помош што може да им се пружи во тоа време“.
„Ја исчистивме зградата на болницата и ги собравме лекарите. Таму остануваа дење и ноќе, работеа и живееја таму. Немаа речиси ништо, никакви помагала, лекови, завои... Операции се правеа без анестезија со нестерилизирани инструменти, често со обичен нож или пила. Нема награда или орден што би можела да изрази благодарност до тие луѓе за сè што направиле и за многуте животи што ги спасиле“, изјави за ДВ Фејзиќ, денешен заменик градоначалник на Сребреница.
Првите две години од војната беа најтешки за д-р Фатима Даутбашиќ Клемпиќ. Околу 60.000 луѓе кои побегнаа да си ги спасат животите од сите страни, од Вишеград до Зворник, најдоа прибежиште во градот, кој пред војната имаше десет илјади жители.
„Имаше голем глад, немавме струја, не функционираше градскиот водовод. Чекавме денови и ноќи во редици за вода за пиење и перење, полнејќи ја во канистри од два или три извори што беа во периферијата на градот“, вели таа.
„Сребреница е гранатирана секој ден. Ранетите ги преврзувавме со завои направени од чаршафи. Нечистите завои ги носевме дома за жените да ги измијат и стерилизираат според нашите упатства во рерна или со пегли во кои се ставаше жар“.
Масакр на училишни игралишта
Имаше многу тешки моменти кои останаа врежани во нејзината меморија, како отсекување на ранетите нозе без анестезија со обична пила.
Сепак, најтешкиот момент за д-р Фатима беше пролетта 1993 година, кога се случи масакр на училишното игралиште во центарот на Сребреница, каде беа убиени 74 Бошњаци, а повеќе од 100 беа ранети од неколку гранати испукани од позицијата на Војската на Армијата на Република Српска. Масакрот се случи неколку дена пред ОН да ја прогласат Сребреница за „заштитена зона“.
„Бев во болницата, која тој ден беше полна со ранети, кои плачеа за помош. На почетокот не бев ни свесна што се случи. Дури следниот ден, кога поминав покрај оградата на тие игралишта, видов дека во неа буквално се втиснати и залепени парчиња човечко месо. Така стоеше со денови, бидејќи со ништо не можеше да се исчисти, толку беше силна експлозијата“, се сеќава докторката.
Откако Сребреница беше прогласена за „заштитена зона на ОН“, општата состојба, вклучително и здравствената, малку се подобри, но никогаш не беше добра, велат нашите соговорници.
Во конвоите со хуманитарна помош почнаа да пристигнуваат некои лекови и материјали, но никогаш доволно од најнеопходните бидејќи, како што велат, „не дозволувала српската војска која што го контролирала влезот на конвојот во енклавата“.
Од маршот на смртта до маршот на мирот
Фатима Даутбашиќ Клемпиќ е чест учесник на Маршот на мирот. Таа самата го помина „патот на смртта“ по падот на Сребреница. Овој пат таа е таму за да ги поддржи ќерката и сопругот кои учествуваат на маршот.
Иако денес живее и работи во Тузла, еднаш месечно доаѓа во Сребреница и бесплатно ги прегледува сите жени без разлика на вера и националност и дали имаат или не здравствено осигурување.
По падот на Сребреница, Суљо Чакановиќ се проби низ шумата до Тузла и по завршувањето на војната е еден од првите што се вратил во Сребреница, каде сè уште работи во Здравствениот дом. Секоја година е во колоната на Марш на мирот каде го најдовме и овој пат. Го прашуваме како денес го доживува патот на смртта низ кој поминал во 1995 година?
„Секако дека не можам да бидам рамнодушен. Секако дека сето ова ме трога, но од друга страна не сакам маршот да помине без мен,е бидејќи ми стана составен дел од животот и секогаш ќе поминувам низ него и ќе учествувам во организирање, помагање луѓе, додека сум жив“.
„Го правам ова за да не заборавам, но сакам и овие генерации млади луѓе да видат, слушнат и низ сеќавањата на нас преживеаните да искусат барем дел од она што го доживеавме за никогаш повеќе да не се повтори никому“, вели Суљо Чакановиќ.