1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Пакети помош против гладот во источна Украина

Филип Ворвик/сн21 декември 2015

Конфликтот во Украина претвори милиони луѓе во раселени лица. Хуманитарните организации доставуваат помош во храна на двете страни, но не можат да ја добијат сите на кои им е потребна

https://p.dw.com/p/1HR6O
Фотографија: DW/F. Warwick

Среде тампон зоната и неколку километри од линијата на раздвојување која Украина ја дели од проруските сепаратисти се наоѓа украинското градче Свитлодарск. Напуштените рудници за јаглен се остатоци од некогашното развиено рударство во земјата. Тие се разместени во областа во која во изминатите 18 месеци дојде до бројни конфликти меѓу владините сили и сепаратистите. Многу рудници претрпеа големи оштетувања, оставајќи илјадници рудари без работа.

Пензионери во дебели капути, со шубари или беретки на глава стојат во ред пред палатата на културата, градба од советската ера во која сега еден дел се користи како центар за регистрација и хуманитарна помош. Меѓу луѓето во редот е и Вера Михаилова Копејника (50) која чека да дојде на ред. Нејзиниот сопруг и син се рудари- сега невработени. „Добивам 37 евра месечно“, вели таа со треперлив глас. „Како моето семејство да преживее со 37 евра? Како мојот сопруг и син да најдат работа кога сите рудници за јаглен се оштетени при гранатирањата? Ние сме отпишани и никому не му требаме.“

Пет милиони луѓе во Украина бараат хумантарна помош, како во деловите под надзор на Киев така и во деловите под контрола на сепаратистите. Од нив 1,3 милиони луѓе се принудени да бараат помош во храна, соопшти Канцеларијата за хуманитарна помош. Светската програма за храна на ОН и партнерите од невладините организации им помагаат на внатрешно раселените лица, но и на локалното население. Светската програма за храна обезбеди помош за 200.000 луѓе за време на изминатите 12 месеци, а за цел има да обезбеди помош за 500.000 луѓе.

Ostukraine Humanitäre Hilfe Vera Mihailova Kopeinika
Фотографија: DW/F. Warwick

„Во областите кои ги контролираат сепаратистите дистрибуираме храна во форма на хуманитарна помош во пакети“, објаснува офицерот за врска на Светската програма за храна, Дебора Нгуен. „Во областите под контрола на украинската влада дистрибуцијата ја извршувме преку бонови, обично во продавниците во кои функционира платниот и финансискиот систем.“

Ситуацијата е посебно очајна во регионот Донбас, под контрола на сепаратистите. Изминатата зима Киев пресече и запре каков било пристап на финансиските институции во областите кои не се под надзор на украинската влада. Последица беше тоа што пензионерите не можеа да ги подигнат своите пензии, а банките не можеа да работат и да ја исплаќаат украинската валута- гривна, ниту таа можеше да се подига од банкомати. Руската рубља така де факто стана официјална валута, а цените се два до три пати повисоки отколку во Украина.

Не се сите пакети исти

Покрај Светската програма за храна и невладините организации, храна дистрибуира и украинскиот милијардер Ринат Ахметов преку својата хуманитарна организација Фондација за развој на Украина. Но не се сите пакети со хуманитарна помош исти.

„Ги споредивме нашите со пакетите на Ахметов“, вели Лариса Кобзаренко од хуманитарната организација АДРА за Украина, која е локален партнер на Светската програма за храна на ОН. Нивните пакети чинат околу 5 евра, многу се евтини, во нив има само житарки, нема ориз, ни леќа, ни грав, ни месо. Нашите пакети чинат околу 38 евра.“

Ostukraine Humanitäre Hilfe
Фотографија: DW/F. Warwick

Но многумина се среќни ако добијат каква било помош. Бидејќи повеќе од 2 милиона и 300.000 луѓе се раселени, а испораката на пакети и бонови е за оние најзагрозените, кои се препуштени самите на себе.

Сепаратистите спречуваат испорака

Но испораката на помош за најзагрозените претставува голем предизвик. Во јули сепаратистите ги запреа хуманитарните конвои и ги спречија да стигнат до целта. Хуманитараните организации се протерани од областите под контрола на сепаратистите. Од нив се бара да поднесат барања за нови акредитации, вели Нгуен. Таквите проблеми се чести и се голема пречка за ОН и за испораката за помош за најзагрозените слоеви од населението. „Работата е во тоа што ОН не може да ги признае сепаратистите како влада и тоа што ние не можеме да ги прифатиме нивните акредитации бидејќи тие за нас не се официјална влада.“

Со приближувањето на зимата сепаратистите и нивните власти сепак дадоа зелено светло за Светската програма за храна и нивните партнери- организациите „Пипл ин нид“, „АДРА" и „Мерси корпс"- да испорачаат хуманитарна помош, по долгиот и тежок процес на регистрација.

Ostukraine Humanitäre Hilfe
Фотографија: DW/F. Warwick

Но немаат сите право на помош. Локалното население, кое живее во разурнати и оштетени домови, не ги исполнува условите за хуманитарна помош, која, според украинскиот закон, е резервирана само за внатрешно раселените лица.

Лариса Кобзаренко од АДРА неодамна наиде на семејство кое живее на територијата под контрола на украинската влада и чија куќа е целосно уништена. Во недостаток на каква било друга опција тие биле принудени да живеат во шталата. „Се’ додека не се раселени лица за нив не може да се одобри хуманитарна помош“, вели Лариса. Но нивната ситуација е толку очајна па АДРА се обрати до Светската програма за храна во овој случај сепак да направи исклучок.