Со Меркел не оди, но ни без неа исто така!
11 септември 2016
Изборите во една од најслабо населените федерални единки – Мекленбург Предна Померанија - предизвикаа политички потрес во Германија. Настана досега незамислива ситуација: неприкосновено водечката партија на сојузно ниво, Христијанско-демократската унија (ЦДУ), падна на трето место, зад социјалдемократите и Алтернативата за Германија (АфД), партија која стои многу десно во политичкиот спектар на земјата. Драмата е во тоа дека ЦДУ е партија на канцеларот Ангела Меркел, а пикантеријата во фактот дека Меркел потекнува од Мекленбург Предна Померанија, која е и нејзина изборна база. Драма е и подемот на десните популисти – предвидуван, но неочекувано силен.
Сето тоа ја крева политичката тензија оти наредната година претстојат сојузни парламентарни избори, а во фокусот се најде прашањето за политичката иднина на Ангела Меркел. Некогаш извонредно популарната „мути“ („мама“) доживува спуст по политичкиот тобоган. Во најновите, септемвриски анкети на јавното мислење (извор: www.statista.com), таа се најде дури на шесто место меѓу десетте најпопуларни политичари во Германија – 54 проценти ја оценуваат негативно, а 45 насто позитивно нејзината работа. Тоа е огромно заостанување зад водечкиот Франк-Валтер Штајнмајер (СПД), за кого позитивна оцена имаат 73, а негативна само 22 процента од испитаниците. А долги години вредностите на Меркел далеку надминуваа 70 проценти. Сега пред неа се и Волфганг Шојбле (ЦДУ, министер за финансии), Винфрид Кречман (премиер на Баден Виртемберг, од Зелените), Џем Ездемир (копретседател на Зелените), Томас де Мезие (ЦДУ, министер за внатрешни работи).
Со сопствен камен по глава
Главна причина за стрмоглавиот пад на Меркел е бегалската криза. Нејзиното „добредојдовте“ и (во почетокот!) широко отворените врати за бегалците од Блискиот Исток, наместо посакуваната Нобелова награда за мир можат да ѝ донесат дури и неславен крај на кариерата. Зборовите „Ние ќе успееме“ во врска со интеграцијата на еден милион бегалци кои само минатата година дојдоа во земјата, ѝ се враќаат како бумеранг по секој инцидент предизвикан од луѓе со мигрантско потекло – дури и ако тие не се од кругот на ланските или годинешни дојденци. Во анкетата на ЦДФ (јавниот сервис Втора германска телевизија), 51 процент од граѓаните веќе не веруваат дека Германија ќе успее да ги интегрира сите кои бараат азил, а доаѓаат од сосем поинаков културен круг. Само две недели пред оваа анкета скептици беа одвај 40 проценти. Политиката на Меркел во однос на бегалците 48 проценти ја оценуваат како лоша (пораст од пет процентни поени), а 45 ја сметаат за добра. Кај ЦДФ Меркел е на четврто место на скалата на најпопуларни политичари, зад Штајнмајер, Шојбле и Кречман.
Подемот на АфД многумина во германската јавност ѝ го припишуваат како „заслуга“ на Меркел. Бегалската политика е директен повод, иако вистинска причина за повремените скокови на десно-популистички или екстремно десни партии може да се гледа и во празниот простор в десно што го остави ЦДУ вртејќи се. со Меркел на чело. кон политичкиот центар, дури навлегувајќи на територија која традиционално им припаѓа на социјалдемократите. Тоа „левичарење“ на Меркел не може да го компензира поконзервативната Христијанско-социјалната унија (ЦСУ), сестринска партија на ЦДУ, оти таа дејствува само во Баварија.
Бегалската криза ѝ донесе многу негативни поени на Меркел и во делови од ЕУ – членките од Источна и Централна Европа не сакаат да ги прифатат „гостите“ кои таа ги покани, а потоа, кога ѝ дојдоа во толку голем број, сакаше да им ги распредели на сите. Многумина – и во Германија и во ЕУ – не можат да ѝ го простат договорот за бегалците, под нејзин притисок склучен од ЕУ со турскиот претседател Ердоган, со кој Европа се стави во подредена улога, подложна на уцени од турска страна.
Конкурентите елиминирани, алтернатива нема
Од Меркел се очекува до крајот на годинава да се изјасни дали ќе се бори за уште еден мандат за канцелар. Во тој поглед расте отпорот во традиционално конзервативната база на нејзината партија. Во прилог, пак, ѝ оди што таа нема вистински конкурент во сопствените редови, откако на различен начин успеа да се ослободи од редица можни кандидати (Кох, Мерц, Вулф, Рие...). А и од социјалдемократите не ѝ се заканува сериозна опасност, оти тие никако, дури ни во време на толкави проблеми и толкав пад на популарноста на Меркел, не успеваат да се одлепат од 22-23 проценти, што е недоволно за лева коалиција. На раководството на СПД, очиглено му е удобно во закрилата на големата коалиција преводена од Меркел – ужива во придобивките, а главната одговорност секогаш паѓа врз канцеларот. Шефот на партијата Зигмар Габриел е дури осми на скалата на популарноста, но досега нема сигнали дека би му препуштил на Штајнмајер, на пример, да ги предводи социјалдемократите во предизборната кампања.
Така, значи, изгледа дека за Меркел „нема алтернатива“ (нејзина омилена политичка парола за политиката во финансиската криза).
Македонија – јубилеј без славеничка атмосфера
Македонија одбележа 25 години од независноста. Прославата испадна многу скромна во однос на поводот. И тоа е показател за општата атмосфера во државата, за чувството дека нема причина за славење, освен голиот факт за две и пол децении државна самостојност. Што стана, до каде дојде земјата откако се остварија „вековните идеали за самостојна македонска држава“, споменувани во секој пригоден говор од 1944, а сѐ поретко како одминуваат годините на самостојно живеење. Со што може да се гордее, да се пофали Македонија денес, откако самата решава за својата судбина? Земјата е во политички ќорсокак, изолирана. Колку посети на највисоко политичко ниво имало во последните години? Зошто водечките светски и европски државници ја заобиколуваат Македонија дури и кога се на турнеја во регионот? Наспроти пропагандата на власта за значаен економски напредок, Македонија и натаму е во дното, меѓу најсиромашните во Европа (оти другите не стојат во место).
Поголемиот дел од времето на самостојно живеење кормилото на власта беше во рацете на коалиции предводени од ВМРО. Партијата со додаток ДПМНЕ во името допиша натамошни страници во својата историја на контроверзи. Државата е ограбена, општеството поподелено од кога и да е – ни трага од „македонското национално единство“ за кое станува збор во името на партијата: вмрОВЦИ, комуњари, македонски граѓани кои се идентификуваат под знамето на странска држава поради заедничките етнички корења... тоа е сликата на општеството денес. Колку бргу паднаа во длабока сенка сцените од граѓанските, наднационални протести. Сега повторно сѐ си е во „нормала“, како што беше вообичаено од првите денови на самостојноста, кога за Уставот не гласаа пратениците од блокот на македонските Албанци. Ако јубилејот не беше повод за честитки од лидерите нивните партии, не е за чудо ни што изостана и збор на осуда за случувањата на фудбалскиот натпревар меѓу Албанија - Македонија во Скадар, дури и од кадровските „адути“ на СДСМ од редовите на македонските Албанци. Сето е уште поапсурдно со оглед на фактот дека во македонската репрезентација настапуваат (сосем нормална работа!) и македонски Албанци. Да нема недоразбирања, ист став на осуда очекувам и за сите националистички испади од навивачките групи на македонска страна.
За состојбата виновна целата политичка каста
За сите промашени и погрешни потези вината не може и не смее да му се префрлува само на ВМРО. Економскиот развој (поточно економското назадување во споредба со состојбата од пред распадот на Југославија) беше во голема мера детерминиран од избраниот модел за приватизација, што е дело на СДСМ. Од тоа не се дистанцира ни актуелното раководсто на социјалдемократите. Конечно, слабоста на СДСМ, предолго зафатена со внатрепартиски борби, создаде простор за сите искривоколчувања кои се случуваат во последната деценија на владеење на ВМРО, без вистински моќна опозиција која би го спречила тоа.
Сега, во атмосфера на општа недоверба, меѓусебен „натпревар“ на партиите во обвинувањата за тоа кој сторил поголем криминал, осиромашено население и екстремно збогатена мала елита, сѐ позадолжена држава, во атмосфера на општа неодговорност како во однос на сегашноста, така и за иднината на земјата, спасот треба да го донесат предвремени избори во декември. Во врска со тоа, потсетувам на она што го пишував во поранешните колумни:
Така целата ситуација заличува на политички безизлез. Што можат да донесат избори (…) без да се воспостави вистински демократски амбиент во земјата? Што значат избори со актери кои носат голем товар од сомневањата дека сториле тежок криминал? Тоа е вистинската дилема, а не прашањето кој би можел да биде победник на изборите. На Македонија ѝ е потребна катарза, оти контаминацијата и корумпирањето на општеството во различни форми од страна на недемократски настроените политичари оди до последните пори. Затоа вистински демократски избори, независно од датумот на одржување, и доаѓање нова генерација политичари со поинакви сфаќања на чело на државата, би претставувал прв чекор во еден подолготраен процес на демократска обнова на Македонија.
Кршењето на законите, за што има сериозни индиции, и особено неказнивоста за тоа, морал некој да им го овозможи на тие што го правеле. Затоа катарзичниот процес на прочистување мора да ги зафати сите правосудни инстанци, јавната администрација и – во никој случај не како последни, туку напротив, меѓу првите – медиумите. Конечно, сето тоа заедно ќе биде и предупредување за сите идни вршители на власта. Тие ќе мораат да сметаат на тоа дека секој нивен потег ќе биде под лупа на освестените граѓани, медиумите и на оние кои се задолжени на неправилностите да реагираат по службена должност.
Враќање, значи, нема.