Со креативност и младински активизам против говорот на омраза
8 ноември 2014Во Центарот за култура „Григор Прличев“ во Охрид преку видео – бим над педесеттина ученици ги гледаат кусите перформанси на нивните врсници од Европа.Тоа сигурно ќе ги поттикне и тие нешто слично да направат и симболично да го кренат гласот против омразата. Всушност, говорот на омраза на секој чекор била првата причина луѓето од веб – порталот „Безомразно мк“ да размислуваат како младите од Македонија да се вклучат во глобалниот тренд за намалување на нетрпеливоста и омразата. Решиле преку конкурс да наградат три идеи на млади лица до 30 години со по 100.000 денари. На патот низ 6 града во Македонија објаснуваат зошто и што сакаат да постигнат со кампањата? „На веб - сајт којшто го покренавме со Македонскиот институт за медиуми со помош на Британската амбасада има дебати, документарци каде што преку пресуди на Судот од Стразбур се анализира говорот на омраза. Целта е граѓаните, особено младите да разберат што е говорот на омраза и да понудиме што повеќе едукативни алатки,“ вели Петрит Сараќини – уредник на „Безомразно мк“ и раководител на програми во Македонски институт за медиуми.
Преку светски искуства се бараат корените на омраза во Македонија
На прашањето дали тој концепт ќе профункционира во Македонија, Сарачини ни рече: „Одбравме поинаков пристап. Само го деконструираме говорот на омраза, покажуваме која е неговата вредност или анти – вредност, кои проблеми понатаму тој ги создава во општеството. На средбите со младите преку примери од светот покажуваме како други поразвиени држави во делот на демократијата го изоделе тој пат којшто треба да го изодиме ние.“ Искуствата покажуваат дека омразата најмногу функционира кога луѓето се индиферентни кон неа и кога општеството не ги употребува механизмите да ги сопре тие негативни процеси. „Македонија има одлично законодавство, но за жал не го применува. Токму тоа ние сакаме да го поттикнеме. Сите одговорни во Македонија почнувајќи од институциите преку медиумите и невладиниот сектор да се вклучат малку повеќе во оваа тема. Не ни е целта да создадеме повеќе омраза. Еве уште еден пример со кој неодамна дури во регионален контекст имаше големи проблеми. По фудбалскиот натпревар Србија – Албанија, во една вест на сајтот „Безомразно“ пишувавме дека фудбалерите од репрезентациите на Србија и Албанија кои играат во ФК „Лацио“ од Рим заедно застанале,се фатиле за раце, се сликале и испратиле порака против тоа што одекна по прекинатиот натпревар помеѓу нивните репрезентации во Белград. Таа вест на нашиот сајт имаше над 70.000 кликови. Тоа ни кажува дека граѓаните на Македонија, особено младите не го прифаќаат говорот на омраза, но за жал тие посредно или непосредно се жртви на тој говор на омраза. Посредно тие коишто се плукани и мразени конкретно во јавноста, а непосредно тие што го читаат тоа. Бидејќи тој начин на дискусија станува нормален во едно општество, а не е нормален. Освен политичкиот и етничкиот говор на омраза во Македонија којшто ги препознаваме, има примери на омраза во верски контекст, кон маргинализираните заедници, Ромите и сексуалните малцинства,“ посочува Сараќини.
Говорот на омраза од секој вид зазема замав
Промотор на кампањата за конкурсот не случајно беше Петар Младеновски од групата „Суперхикс“ во повеќето од нивните текстови и хитови доминира бробата против омразата. „Пееме за борбата против различностите. Свириме ска – музика, а нејзината идеја води кон обединување на младите од различна етничка припадност, раса, боја на кожа, вера... Се случило да имаме по 4- 5 илјади луѓе на концерт. Тие не дошле тукутака, сакале да не слушнат. Таа порака допрела до нив и се надевам дека таа идеја се шири. Потребни ни се повеќе состави и изведувачи коишто би се занимавале со слична тематика и би обработувале вакви текстови. Петар признава дека често бил мета на говор на омраза. „Очигледно со годините имам искуството и не реагирам на такви провокации. Етничкиот говор на омраза и омразата кон маргинализирани групи мислам дека дури и зема замав и повеќе е присутен од претходно.“
Никој не е имун на омразата – како да се справиме со неа?
Ова требаше одамна да се случи во Македонија. Затоа што општеството само генерира говор на омраза. Младите пак се најранливата категорија. Охрид е прилично мала средина луѓето се’уште се преполни со предрасуди, посебно спрема оние коишто се поразлични од нив – по дебели, по слаби, со различни економски и социјални можности. Сигурно ќе треба да протече уште многу вода во езерото што велиме ние охриѓани за овде нешто драстично да се смени. Важно е што меѓу учениците почнува да се буди таа свест дека секого треба да го гледаш еднакво и со почит. На тој што не’ не сака да му возвратиме со љубов, а на тој што не мрази да му возвратиме со позитивна енергија,’ вели младинската активистка Весна Цветаноска – новинар и магистер по политички науки и меѓународни односи. И Петрит признава дека често бил жртва на говор на омраза и дека и овој ангажамн е доказ дека се бори против тоа. „Доколку некого сум предизвикал со мојот јавен ангажман да има таков став кон мене, да мрази и да се однесува така во јавноста тоа мене ми говори дека добро си ја работам работата. Нормално е дека за се’ не можеме да имаме исти мислења, но има норми на однесување преку кои тоа може да се стави во една пристојна рамка,“ вели тој. Во Европа постои „Движење против омразата“ каде институционално е вклучена и Македонија во која функционира и координативно тело. Постојат повеќе активни организации и секоја од нив на посебен начин го адресира говорот на омраза. Сигурно и трите проекти догодина ќе бидат успешна приказна за останатите во светот – како Македонија се справува со говорот на омраза.