1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Со кликовите си го уништуваме мозокот

Мирјана Кине - Вељковиќ / Александар Методијев8 август 2012

Дури 99 проценти од младите секојдневно се онлајн на интернет. Но, тоа не е безопасно, смета германскиот невролог Манфред Шпицер. Тој објави книга под наслов „Дигитална деменција“.

https://p.dw.com/p/15ldD
Фотографија: picture-alliance/dpa

Мнозинството млади секој ден во просек три часа е на интернет, без оглед дали станува збор за смартфон или компјутер. Тоа е многу опасно, пишува Манфред Шпицер во својата книга, чиј поднаслов гласи: „Како ние и нашите деца го губиме разумот“. Со други зборови, со кликовите го уништуваме мозокот.

„Во книгата едноставно се обидов да покажам зошто и овде можеме да зборуваме за нуспојави и ризици, како што ние лекарите тоа вообичаено го нарекуваме, а не само за позитивните страни на новите медиуми. Секако дека никој не сака да се врати во среден век или во шума, но и меѓу народот е познато дека не е злато се’ што сјае“, забележува неврологот Шпицер.

Зошто интернетот е погубен за мозокот на децата?

„Мозокот расте со задачите. Земете ја, на пример, навигацијата за возење. Ако секогаш возите со навигација, по некое време ќе имате проблеми да се превезете до некоја цел без да ја користите. Ќе ви биде тешко да се ориентирате. Последицата од тоа е што мозокот се‘ помалку се реструктурира и на крајот од краиштата, гледано долгорочно, тоа доведува до опаѓање на душевната способност“, забележува Шпицер.

Manfred Spitzer
Манфред Шпицер предупредува од заборавање на многу научени работи поради користењето интернет и нова технологијаФотографија: picture-alliance/ZB

Иднина препуштена на пазарот

Врз основа на резултатите од истражувањето, Шпицер дојде до заклучок дека телесниот аспект е многу важен за време на учењето, на пример, да се пишува со молив на хартија, а не само со допир на тастатурата. Пишувањето трае подолго од чукањето. А, Фејсбук не е замена за пријателствата, вели авторот на книгата „Дигитална деменција“.

„Многу од тоа се менува, но во негативна смисла. Кој многу игра игри, станува бесчувствителен за вистинското насилство. Докажано е и дека и самиот полесно прави насилство. Врз основа на резултати од сериозни истражувања се дојде до заклучок дека менталното насилство го прави човекот понасилен, а дека преку компјутери не се учи подобро, туку полошо. Поинаку тоа не може да биде, бидејќи компјутерот ни ја одзема духовната работа. Се’ останато се само интереси на пазарот. Една работа не смееме да ја дозволиме, а тоа е иднината на следните генерации да ја препуштиме на пазарната индустрија“, вели неврологот Шпицер.

Сурфањето во дигиталниот свет го заменува вистинското учење, оценува докторот. „Ако на учениците во прво, второ и трето одделение им подарите Плејстејшн, нивните оценки стануваат полоши и воопшто тие имаат се’ повеќе проблеми во училиште. Тоа недвосмислено е докажано. Се’ останато се само пароли во интерес на пазарот“, заклучува Манфред Шпицер.