1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Советник на Јанукович во служба на Трамп

М. Сидорчевскиј; М. Остапчук / ЗЈ1 август 2016

Пол Менафорт, менаџер на предизборната кампања на Доналд Трамп, креираше кампањи и во Украина. Тој таму и на поранешниот претседател Виктор Јанукович му помогна да победи. Каква улога игра Менафорт во политиката?

https://p.dw.com/p/1JXey
Фотографија: Getty Images/W.McNamee

Уште еден скандал во САД. Од илјадниците мејлови, што ги обелодени Викиликс пред партискиот конгрес на демократите и номинацијата на Хилари Клинтон за претседателски кандидат, произлегува дека раководството на партијата од почетокот било на нејзина страна и против нејзиниот партиски конкурент Берни Сандерс. Весниците Њујорк Тајмс и Вашингтон пост цитираат експерти дека тие мејлови биле хакирани од руски тајни служби. Тоа било направено во интерес на Доналд Трамп, изјави Роби Кум, менаџер на предизборната кампања на Клинтон.

Трамп, претседателски кандидат на републиканците, на ова одговори со твит: „Најнов виц во градов е дека Русија ги пробила катастрофалните е-мејлови, кои никогаш не смеело да бидат напишани, оти сум му симпатичен на Путин“. Таа теза дека Трамп му е симпатичен на Путин не доаѓа случајно.

Украина како индикатор

Украинското прашање е индикатор за ставот на Трамп спрема политиката на рускиот претседател Владимир Путин. Тоа во моментов е една од најчувствителните теми во односите меѓу Русија и САД. На неодамнешниот партиски конгрес републиканците го избришаа од својата програма барањето на Украина да ѝ се испорача смртоносно оружје.

Стивен Пајфер од Институцијата Брукингс, поранешен американски амбасадор во Украина, за ДВ оцени: „Независно кој стои зад таа иницијатива и кои се мотивите за неа, програмата се разликува од она што одамна во Конгресот го бараат многумина водечки републиканци – воена помош за Украина во форма на смртоносно оружје“.

Boldkombo Hillary Clinton Donald Trump Emotionen
Хилари Клинтон и Доналд Трамп се во трка за влез во Белата куќаФотографија: Getty Images/AFP/M. Ngan

Улогата на Пол Менафорт

Според медиумите во САД, формулациите во однос на Украина во програмата на републиканците се ублажени под притисок од Пол Менафорт. Менаџерот на предизборната кампања на Трамп (на насловната фотографија) повеќе години беше најважен советник на поранешниот украински претседател Виктор Јанукович и на неговата „Партија на регионите“.

Во Украина тимот на Менафорт се појави во 2005. година. Тој прво беше советник на холдингот СЦМ на олигархот Ринат Ахметов, кој подоцна иницираше соработка на американскиот политички советник со Партијата на регионите. Менафорт со успех го промени имиџот на партијата, како и на Виктор Јанукович, кој тогаш почна во јавноста да зборува на украински наместо на руски јазик. Неговите говори станаа повпечатливи и поефектни. Подобрени беа и манифестациите на партијата и нејзиното предизборно рекламирање.

Победи на претседателски и на парламентарни избори

Поранешни соработници на Менафорт изјавија за еден американски интернет-портал дека нивниот шеф вистински верувал во Јанукович како лидер и се сомневал дека прозападните противници на Јанукович би можеле да бидат подобри за Украина. Менафорт изгледа дека бил широкоградо платен, иако не се познати конкретни суми. Според Мустафа Најем, тогашен новинар, а сегашен пратеник во украинскиот парламент, станува збор за сума до 20 милиони долари.

Inauguration von Viktor Janukowitsch
Виктор Јанукович беше избран за претседател на Украина во 2010 годинаФотографија: picture alliance/dpa

Со помош на американскиот политички советник, Партијата на регионите победи на парламентарните избори во 2006. и 2007. година освојувајќи околу една третина од гласовите. Набљудувачите укажуваат и на неговиот решавачки придонес за победата на Јанукович на претседателските избори во 2010. „Менафорт до крајот беше на страната на Јанукович, кој многу ги ценеше него и неговиот тим“, рече за ДВ украинскиот политички советник Сергиј Хајдај.

Активен во Украина и по Јанукович

Бегството на Јанукович во Русија по протестите на Мајдан во февруари 2014. година не значеше и крај на активностите на Менафорт во Украина. На парламентарните избори во октомври 2014. тој го советуваше „Опозициониот блок“, партија-наследничка на Партијата на регионите. Членови на Блокот признаа за весникот „Новое времја“ дека Менафорт ги поддржувал во предизборната кампања поранешните политичари на Партијата на регионите и им помогнал под нов партиски знак повторно да влезат во парламентот.

Самиот Менафорт во април за американската телевизија НБЦ (Ен-Би-Си) изјави дека внимателно си ги одбира клиентите. Цел на неговата работа во Украина била земјата „да ја доближи до Европа“, што, според сопствено мислење, и го постигнал. Но, критичари како Стивен Пајфер сметаат дека Менафорт поттикнал приближување кон Русија. Некогашниот амбасадор мисли дека Менафорт и од позицијата на менаџер на предизборната кампања на Трамп постапува во полза на Москва: „Во случај да стане претседател, Трамп ќе настојува на затоплени односи со Русија и ќе ја редуцира поддршката за Украина од страна на САД“.