1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Сноуден смее да остане во Русија уште две години

СН /дпа,афп,ртр
18 јануари 2017

За разлика од Челси Менинг, чија затворска казна беше ублажена, „свиркачот“ Едвард Сноуден не може да се надева на милост од претседателот Обама. Но продолжена е неговата дозвола за престој во Русија.

https://p.dw.com/p/2VyQJ
Фотографија: picture-alliance/dpa/J. Lane

Руските власти му ја продолжија дозволата за престој за 2 години на поранешниот консултант на американската разузнувачка служба и „свиркач“ Едвард Сноуден, кој од 2013 година живее во Русија, објави денес портпаролката на руското министерство за надворешни работи.

„Тукушто на Сноуден му ја продолживме дозволата за престој во Русија за две години“, напиша на својата Фејсбук-страница Марија Закарова.

Адвокатот на Сноуден не можеше веднаш да ја потврди оваа информација.

Едвард Сноуден досега имаше тригодишна дозвола за престој  која му истекува наскоро. Претходно, тој имаше едногодишна дозвола за азил во Русија. На самиот почеток помина повеќе од еден месец во транзитната зона на московскиот меѓународен аеродром Шереметјево.

Сноуден (33) беше консултант на Националната агенција за безбедност (НСА), а во јавноста изнесе тајни документи кои покажаа постоење на голем број тајни проекти за надзор, како и дека САД спроведувале хакерски напади врз компјутери ширум светот. Сноуден овие документи им ги предаде на новинарите во јуни 2013 година.

USA NSA Hauptquartier in Fort Meade, Maryland
Фотографија: picture-alliance/AP Photo/P. Semansky

По објавувањето на документите на НСА, Сноуден прво побегна во Хонгконг, а потоа во Москва, каде што доби азил.

Злоделата на Сноуден се поопасни од оние на Менинг

Американскиот претседател во заминување, Барак Обама, вчера ја промени затворската казна за Челси Менинг, трансексуален американски војник кој беше осуден на 35 години затвор поради откривање доверливи документи на вебсајтот Викиликс. Менинг ќе биде ослободен на 17 мај.

Сноуден, кој и самиот е обвинет за шпионажа во САД и кражба на државни документи и кому му е одземен американскиот пасош, ја поздрави оваа одлука.

„За 5 месеци ќе бидеш слободна, ти благодарам за сѐ што направи за светот Челси. Благодарам Обама“, напиша Сноуден на Твитер.

Меѓутоа, Обама ја исклучи можноста да го помилува Едвард Сноуден, рече портпаролот на Белата куќа, Џош Ернест, и додаде дека овој поранешен консултант „пребегал во рацете на противникот“, односно во Русија. „Тој најде прибежиште во земја која неодамна целно се обидуваше да ја ослабне нашата демократија“, изјави портпаролот на Обама, алудирајќи на наводните руски хакерски напади за време на кампањата за претседателските избори во САД. „Казнените дела на Сноуден се потешки и поопасни“, истакна Ернест.