Смрт во арапското задно двориште
6 декември 2017Убиствата веќе одамна не предизвикуваат освестување во Јемен. Од пред речиси двеипол години меѓународен сојуз, предводен од Саудиска Арабија, во Јемен се бори против своите непријатели, бунтовничките Хути. Тие пак немаат задршки и обѕир кон своите противници, повремено дури ги убиваат и воените затвореници. Меѓу двата фронта се наоѓа цивилното население, цената која тоа ја плати за војната е преку 10.000 мртви.
Жртва сега стана и еден од господарите на војната: Али Абдула Салех, до 2012. година претседател на Јемен. Беше убиен во понеделникот и тоа од Хутите, со кои пред месеци склучи сојуз. Но, на викендот навести желба да ја промени страната, потврдувајќи го својот имиџ на, учтиво кажано, исклучително флексибилен политичар, со гледишта необично компатибилни со моменталните погодности кои му се нудат.
Ниту неговата смрт нема да ги запре борбите во Јемен, напротив, може да се очекува неговите трупи да им свртат грб на Хутите и да се приклучат кон оние на неговиот наследник на функцијата, претседателот Абед Рабо Мансур Хади, што ќе води до уште пожестоки пресметки.
Воздржаност на Европа
Западот сето ова го прима на знаење со прилично умерен интерес. Ретко некој политичар во Европа чувствува порив да заземе став во поглед на индиректната војна која двете најголеми регионални сили, Саудиска Арабија и Иран ја водат во Јемен, зашто ризикот од замерки и конфликт со една од нив, или дури и со двете, е преголем. Дотолку повеќе што овие две држави стојат една контра друга индиректно и во Сирија. А тамошната војна резултира со последици и врз Европа, преку бегалската криза.
Калкулацијата е едноставна: Сирија е поблиску до Европа, Јемен, за среќа, е доста далеку. Од Сирија доаѓаат стотици илјади бегалци, а од воглавно изолираниот Јемен, речиси ниеден. Адекватно мал е и ангажманот за најсиромашната земја во јужниот дел од арапскиот свет.
Со други зборови, геостратешките факти предизвикуваат хуманитарни интервенции, или како во случајот, имплицираат нивна непотребност. Пружањето помош понекогаш е и прашање на интереси.
Повеќе на темата:
Во Јемен умираат од глад, светот немо гледа
Се заканува ли војна меѓу Саудиска Арабија и Иран?
На потег се соседите
Уште повеќе отколку за вистински оддалечената Европа, тоа важи секако за непосредниот сосед на Јемен, Саудиска Арабија. Младиот принц престолонаследник Мохамед бин Салман непоколебливо ја продолжува војната во Јемен, без оглед што таа и претходно најсиромашната арапска земја ја втурна во целосна беда. Човечките страдања, сосем очигледно, не се воопшто фактор кој игра некоја улога во неговата калкулација.
Степенот на вмешаноста на Иран во насилството во Јемен досега е неможно да се потврди со сигурност. Меѓутоа, вчера иранскиот претседател Хасан Рохани ги предупреди Саудијците од натамошни напади. „Јеменското население ќе ги натера агресорите да зажалат за своите дела“, изјави тој во телевизиски пренесуваниот говор. Какви се врските на Иран со јеменскиот народ, кои би оправдувале ваква најава, е прашање. Но, без сомнеж, веројатно не се исклучиво благородни.
Ниту останатите земји во регионот, Иран, Пакистан и Индија на исток, Етиопија на југ и Судан на запад, досега не се прославија со свој ангажман во конфликтот. Недвојбено, Европа можеше да стори повеќе, Европа секогаш може да направи нешто повеќе. Но, за промена, еднаш и соседите на Јемен треба да си го постават прашањето за нивниот ангажман. И за тоа во каков регион всушност сакаат долгорочно да живеат.