Смртта на Џорџ Флојд треба да ја разбуди и белата Америка
31 мај 2020Сликите од запалените полициски возила, солзавец во воздухот, уништени и ограбени продавници, полицијата во судир со демонстранти, се шокантни за нас Американците, но тие не се изненадувачки.
Видеото на кое афроамериканец умира под тежината на коленото на бел полицаец врз неговиот врат е одвратно е шокантно- но сме гледале вакви видеа и порано.
Ќе се присетиме на протестите во 2015 во Фергусон, Мисури; постарите генерации ќе се потсетат на бунтовите во 1992 по убиството на Родни Кинг, на линчувањата за време на движењето за граѓански права. Се е веќе видено.
Но актуелните масовни протести ја зафаќаат државата во време кога пандемијата на коронавирусот одзема повеќе од 100,000 животи, кога има повеќе од 30 милиони невработени, огромна социјална раслоеност и нееднаквост и политичка поларизација која ја разнебитува државата. Сега се чини дека САД доаѓаат до точката на топење. Иднината на земјата се чини несигурна и неизвесна.
Расизмот никогаш не оди на пауза
Кога САД беа во карантин поради пандемијата, она што го карактеризираше нормалниот живот сопре. Но повеќето фундаментални и структурни проблеми продолжија. Системскиот расизам е еден од нив, со бројни примери кои се евидентни дури и откако нормалниот животи сопре пред неколку месеци.
Во февруари, беше објавено видео од моментот кога црниот Ахмуд Арбери беше застрелан од двајца бели одметници додека џогирал во Џорџија.
Во друго видео, жена во њујоршкиот Централ Парк повикува полиција откако еден афроамериканец ја замолил да ги следи правилата и да го врзе своето куче, лажно пријавувајќи дека тој и се „заканувал“ на неа и на кучето.
Со растот на пандемијата, обоените луѓе непропорционално повеќе страдаа од коронавирусот- исто така индиректен резултат од системската нееднаквост и расизмот.
Сепак, бели демонстранти окупираа разни државни објекти протестирајќи против карантинот и викаа, се закануваа, па дури и плукаа кон полицајците, кои пак кон нив се однесуваа со големо внимание, во уште еден потсетник дека белците поинаку се третираат од полицијата.
Поларизацијата го блокира напредокот
Како и речиси секоја друга тема во САД во моментов, на улогата на полицијата и на системот за кривична правда се гледа низ политички и расни диоптрии.
Протестите во Фергусон во 2015 доведоа до формирање на движењето „Животите на црните се важни“, движење посветено на зголемување на свеста за системскиот расизам и борба против индивидуалните и колективните предрасуди кои го одржуваат во живот.
Како одговор беа формирани контра-движења со слогани како „Сите животи се важни“- потврдувајќи го верувањето дека Американците живеат во општество без расни предрасуди, и „Сините животи се важни“- како потврда на верувањето дека полицајците се херои и добиваат нефер третман во однос на расното насилство.
Не е изнедување што овие движења во најголем дел добиваат поддршка од конзервативни белци. Анкетите постојано покажуваат дека јавната доверба во полицијата е повисоко меѓу републиканските гласачи, белите и постарите граѓани, додека само мал дел од афроамериканците, латино, младите и демократите ја споделуваат таа доверба.
Во 2020, овие спротивставени демографски, расни и политички односи се максимално антагонизирани, и ја засилуваат тековната фрагментација и трибализмот.
Поделбата меѓу овие групи ја засилуваат опортунистички политички лидери како претседателот Доналд Трамп, чија функција во Белата куќа е директен резултат на високата поларизација и културните војни кои произлегуваат од неа. Во таков ќорсокак, напредокот е блокиран, а улиците низ САД ќе останат подложни на бранови од насилство.
Молкот на белата Америка
Статистиките тоа го покажуваат, студиите го анализираат, а видеата како она со Џорџ Флојд само го кристализираат: афроамериканците се диспропорционално таргетирани од страна на полицијата. Но, многу бели Американци и натаму не можат да признаат дека правосудниот систем и полициската култура ги штити и им угодува. Многу бели Американци не можат да признаат дека расизмот останува длабок социјален проблем и дека државните структури имаат голема потреба од реформа за да се обезбеди еднаков третман на граѓаните.
Оваа неспособност на голем дел од белата Америка да ги расознае сопствените привилегии или да покаже емпатија кон искуствата на малцинствата е една од најголемите пречки за напредок и помирување.
Оние кои се дел од проблемот мора да биде дел од решението. Обоените луѓе не можат самите да го променат системот кој е инхерентно насочен против нив. Низ целата историја, на црната мобилизација и требаше критична маса на бели луѓе кои ќе се придружат во битката за да се промени рамнотежата. Затоа, игнорирањето на системскиот расизам од страна на белата Америка мора да престане.
Но, во време кога политичките трибализми владеат, може ли ова повторно да се случи? Предизвикот никогаш не бил поголем, а влоговите се огромни.