Смешни планови на ЕУ за користење интернет
19 декември 2015Новите прописи на ЕУ за заштита на податоци покажуваат дека надлежните политичари очигледно немаат многу контакти со млади луѓе. Тие веројатно не сфаќаат многу какво значење имаат социјалните медиуми за младите, инаку би осознале колку се смешни нивните планови.
Родителите на тинејџери знаат дека некое време можат да ги држат подалеку од интернет, но кога и да е тие ќе добијат пристап кон мрежата. Ќерка ми првиот мобилен телефон го доби на 10-годишна возраст. На 11 години доби смартфон и набргу потоа ги користеше ВотсАп и Јутјуб. Потоа дојде Инстаграм, а сега, на 13 години, таа моли за пристап кон Снепчет и уште размислува каде уште може да биде онлајн.
Нова норма: онлајн веќе на 10 години
Дигиталната кариера на ќерка ми ги одразува искуствата на родителите во Европа. Според една минатогодишна британска студија, 59 проценти од децата кои имаат интернет-приклучок, веќе на 10-годишна возраст користат понуди од социјалните медиуми.
Не сите млади користат социјални медиуми со согласност на родителите, независно од законските одредби кои предвидуваат дека понудувачот на дигитални содржини мора да добие согласност од родител или старател ако се децата помлади од 13 години. Но, многу е едноставно да се отвори профил во социјалните медиуми. По правило не се бара ни службена идентификација. Затоа не е изненадувачки што од една анкета меѓу 16-годишници и помлади корисници на фејсбук (до денес најомилен кај младите) произлегува дека повеќе од половината од нив дале лажен одоговор на прашањето за нивната возраст.
Старосни ограничувања се нереални
Сегашното воведување правило за минимална возраст за користење социјални медиуми од 16, наместо досегашните 13 години, покажува колку малку политичарите од ЕУ имаат контакт со реалноста на младите луѓе. Згора на тоа, целосно е нереално да се бараат такви ограничувања. Ако сериозно се сака да се спроведе тоа, мора и социјалните медиуми да се обврзат од секој поединечен корисник да побараат и зачуваат уште повеќе податоци, чекор кој со право е критикуван од заштитниците на податоци.
Најмалку исто толу разочарувачка околност е дека им се наметнуват обврски на родителите и претпријатијата во врска со контролата на пристапот кон социјалните медиуми, но воопшто не се зафатени проблемите со кои се соочуваат младите луѓе кога се онлајн-активни, со или без дозвола на родителите.
Грижи на родителите
Нарушување на заштитата на податоците, сајбер-мобинг, сајбер-стокинг и „валкани разговори“ - тоа се теми на кои се изложени младите луѓе и нивните родители во интернет. Тие нема да исчезнат со кревањето на минималната возраст за социјалните медиуми на 16 години. Една студија од пред неколку месеци покажува дека една третина од родителите се загрижени поради содржините на кои наидуваат нивните деца во интернет. Освен тоа, тие имаат чувство дека не се добро подготвени за да се фатат во костац со таквите предизвици.
Политичарите во Брисел треба почесто да ги слушаат родителите и нивните деца. Потребна ни е поддршка во развојот на медиумска компетенција кај младите луѓе, потребно е поголемо просветување за сигурно сурфање во мрежата, а потребно е повеќе советување за родителите и учителите по прашањето како тие да ги придружуваат почетните активности во интернет на младите во рана возраст. Колку порано младите ќе ги запознаат интернетот и социјалните медиуми, толку побргу тие ќе развијат рутина да се штитат себе си и другите.
За реални предуслови
Социјалните медиуми се и ќе останат реалност во секојдневието, интегрален дел од нашиот и од животот на нашите деца. Затоа, да гледаме да не ги оптоваруваме медиумските платформи или младите корисници со смешни правни предуслови или пак да не им се оневозможи пристап кон образование и социјални шанси, кои ние самите ги користиме. Наместо тоа, треба да ги концентрираме нашите напори да ги оспособиме за најдобро да ги користат сопствените искуства. Тоа е постапка која во иста мера им се допаѓа на родителите и на младите.