1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Случај Асани: Правната држава прегазена од „ленд ровер“

8 март 2018

Со оглед колку долго имавме заробена држава, реституцијата оди тешко и мачно. Параформациите даваат отпор, особено кога се врзани со политичките елити, вели комуникологот Петар Арсовски, за симптомите на „случајот Асани“

https://p.dw.com/p/2tvoq
Bei Falschparken Abschleppdienst
Фотографија: picture-alliance/dpa/D. Karmann

Како вицепремиерот Бујар Османи ги уверувал вчера амбасадорите на ЕУ во напредокот на земјата според планот на Владата за длабоки реформи, ако партијата молчи и не бара санкции за приотивзаконското однесување на еден нивен поранешен функционер? Ова прашање посветено на случајот „пајак“ односно „случајот Бекир Асани“, се реактуелизира и по информациите дека неговиот брат, Бејтула Асани му се заканувал на претседателот на Здружението на новинарите на Македонија (ЗНМ), Насер Селмани. 

Како што потврдуваат од ЗНМ, Селмани добил порака на Фејсбук со заканувачка содржина, која била пријавена во полиција. Заканата уследила откако Селмани на неговиотт Фејсбук профил напишал дека правната држава клекна пред еден силеџија. Неговиот коментар се однесува на инцидентот од 1-ви март, кога поранешниот претседател на чаирскиот огранок на ДУИ, Бекир Асани, вербално нападнал полициска службеничка кога возило „пајак“ требало да го подигне неговото непрописно паркирано возило „ленд ровер“. Според билтенот на МВР, тој влегол во вербална расправија со полицајката, а таа на помош повикала да интервенираат и други полицајци. Од МВР ги демантираа гласините дека Асани физички ја нападнал полициската службеничка, кои произлегоа по информацијата дека таа по инцидентот била во Градска болница.

По информацијата за заканата до Селмани, со осуда се огласи Претставникот на ОБСЕ за слобода на медиумите, Харлем Дезир, кој на Твитер напиша: „Заканата и навредата која беше упатена кон Насер Селмани, претседателот на ЗНМ, е неприфатлива. Овој директен напад на слободата на изразување треба да биде брзо и ефикасно истажен и на новинарите да им биде загарантирана безбедноста.“

Naser Selmani
Закани до Насер Селмани на ФејсбукФотографија: Petr Stojanovski

Рецидиви на параинституциите

„Неприфатливи се какви било закани врз новинари и врз сите кои инсистираат за  непречено функцинирање на институциите и санкционирање на прекршителите на законот“, вели комуникологот Петар Арсовски. 

„Со оглед колку долго имавме држава заробена од параинституции и подземје,  реституцијата на нормалното функционирање оди и тешко, и мачно. Секогаш параформациите даваат отпор, особено, кога се инфилтрирани како паралелен систем и се врзани со политичките елити. Од друга страна, имајќи предвид дека јавноста е нестрпелива по тоа прашање, таа прави притисок таквите инциденти да се расчистуваат брзо, што е уште потешко за систем кој уште не е застанат на нозе. Ова е време кога стариот систем сѐ уште е усидрен, а новиот не е целосно воспоставен. Добар сигнал е што полицијата ги презема сите мерки, но лош сигнал е што посочениот и неговото опкружување не попушта, а тоа не би било можно ако нема политичка заштита“, вели Арсовски.

Повеќе на темата: 

Во кругот триаголник

Брисел: Итните реформски приоритети клучни за Македонија

За случајот постапка отвори и Јавното обвинителство, каде полицајката Јасмина Јаначкова завчера даде исказ. Како што дознаваме од извори во Обвинителството, таа таму ја повторила истата верзија за настанот, што ја раскажала и пред раководството на МВР, на средбата на која беше повикана веднаш по инцидентот. Таа и за медиумите изјави дека не била физички нападната.

„Немав физички контакт со него, а од кафеана излегоа пријатели што го тргаа настрана и му викаа: 'Немој, не тепај ја'. Во тој момент ја зедов радиоврската и повикав засилување со цел да превенирам да не дојде до такво нешто. Кога се свртев, раката ја удрив од пајак-возилото. Немав сериозни повреди, само се удрив од возилото“, изјави Јаначкова за Макфакс.

Токму коментарите околу овој аспект ја изместија темата од главниот фокус. „Не верувам дека Беќир Асани кренал рака, особено не на полицајка“, изјави Артан Груби, пратеник и сопартиец на Асани, со став дека ако има одговорност треба да ја бара Обвинителството. ДУИ со ниту еден збор не го коментираше ниту го осуди инцидентот.

Mazedonien Polizei Symbolbild
Зошто МВР нема поднесено кривична пријава против лицето Бекир Асани, прашува Хелсиншки комитетФотографија: P. Stojanovski

ХК: Тоа е напад врз службено лице

Бројните коментари и шеги на тема „полицајка нападната од пајак“, го ставија во сенка клучното битие на делото. Единствено регираше Хелсиншкиот Комитет, откако МВР соопшти дека со Асани бил извршен разговор во полициската станица Бит Пазар и изготвен записник за констатиран прекршок по чл. 13 од Законот за прекршоците против јавниот ред и мир. Но, и оваа пријава очигледно не извршила влијание. Дека Асани ги провоцира или тестира институциите, сведочат и снимки, според кои, тој продолжил непрописно да го паркира возилото на истото место.

„Зошто МВР нема поднесено кривична пријава против лицето Бекир Асани за кривично дело „Напад врз службено лице при вршење работи на безбедноста“ од член 383 од Кривичниот законик, имајќи предвид дека исполнето е битието на ова кривично дело?“, праша ХК.

Оттаму потенцираа дека не може само физичкиот напад да се смета за исполнување на битието на делото, бидејќи самата одредба од Кривичниот законик потврдува дека за напад се смета и заканата, малтретирањето и навредата.

„Со описот на настаните, сметаме дека исполнето е битието на кривичното дело 'Напад врз службено лице при вршење работи на безбедноста' согласно кое: „Тој што ќе нападне или сериозно се заканува дека ќе нападне службено лице или лице кое помага при вршење работи на јавната безбедност или заштита на уставниот поредок на РМ што се однесуваат на спречување или откривање кривично дело, фаќање на сторител на кривично дело, чување на јавниот ред и мир или чување на лице лишено од слобода, ќе се казни со парична казна или со затвор до три години. Став 2: 'Ако при извршувањето на делото од став 1 сторителот се заканува со употреба на оружје или друго опасно орудие, го малтретира или го навредува службеното лице или лицето кое помага или телесно го повреди, ќе се казни со затвор од шест месеци до пет години“, се вели во реакцијата на ХК.

Ако се разлистаат медиумските архиви, името на Бекир Асани е прилично присутно - од учество во изборни инциденти, напад врз новинарот Лирим Дулови во 2008 година, напад врз Тодор Петров, а не недостигаат ни вести за инциденти во кои биле инволвирани членови на неговото семејство.

Читајте нѐ и преку апликацијата на ДВ за андроид