Слобода за осудените и оставки од Јанкулоска, судијата и обвинителката
11 јули 2014Итно ослободување на шестмината осудени во „Монструм“, слобода за притворените од протестите, оставка од министерката за внатрешни работи Гордана Јанкуловска, како и оставки од судијата Ивица Стефановски и од обвинителката Гордана Гешковска, побараа учесниците во денешниот протест против судскиот епилог за петкратното убиство кај Смилковско Езеро, извршено пред две години. Тие најавија дека демонстрациите на незадоволство ќе продолжат сѐ до исполнувањето на нивните барања.
По јавното читање на барањата, најголемиот број од учесници во протестот си заминаа, а само мала група помлади лица се обидоа со фрлање камења да се спротивстават на полицискиот кордон, поставен кај трговскиот центар „Мавровка“. Но, по убедување на дел од повозрасните лица и тие постепено го напуштаат местото на протестот.
Исто како и во минатиот петок, и денеска протестот започна по завршувањето на петoчната молитва во џамијата Јаја паша, кога неколку стотици муслимански верници тргнаа кон Бит Пазар во насока на судските згради. Од околните улици им се придружија и други граѓани, а нивното движење се одвиваше под будното око на големиот број полициски сили, кои од утрово се распоредени на критичните точки во главниот град. Уште од вчера се беше ставено во функција на превентива за спречување на нарушување на јавниот ред и мир, а поради загриженост од можна ескалација на незадоволството, денеска беа затворени поголемиот број дуќани на Бит Пазар и во трговскиот центар „Мавровка“, а од работа порано си заминаа вработените во судот.
Протестот се одвиваше мирно и без инциденти, а учесниците извикуваа „Голема Албанија“, „Јанкуловска теорист“ „Али предавник“ и носеа транспаренти со пораки: „Сакаме Слобода“, „УЧК не е ДУИ“, „УЧК е со народот“.
Нема контрапротест
Преку социјалните мрежи за денеска протести најавија две групи- едната под мотото „Скопје е срцето на Албанија“, а втората со контрапротрести под мотото „Македонија на Македонците“ со собирно место пред зградата на Владата. Но вториот собир на се реализираше, што ја намали опасноста и стравувањата од „блиска средба“ меѓу двете групи.
За мирни протести, разум и воздржаност вчера апелираа и странските амбасади и домашните политички субјекти. Беа упатени пораки правдата да се бара по легитимен пат, преку сите скалила на судските инстанци, а не преку насилство. Од друга страна, лидерот на ДПА, Мендух Тачи, вчера по средбата со пост мониторинг мисијата на Делегацијата на Парламентарното Собрание на Советот на Европа (ПССЕ) се заложи за мирни протести, но изјави дека единствен начин да се смират тензиите е сите приведени од досегашните протести против пресудата за „Монструм“ да бидат пуштени на слобода и да се запрат прекршочните и кривичните пријави против нив. Притоа го минимизираше значењето на повикот на поглаварот на Исламската верска заедница (ИВЗ) реис-ул-улема Сулејман Реџепи, кој во колумна повика на ненасилство и изјави дека „лично повеќе би ги мавал лицата што манипулираат со протестите, отколку да го изразува гневот кон полицијата“.
„Поглаварот никој не го слуша. Тој ништо не претставува и понатаму не треба веќе да се појавува, бидејќи ова не е негова работа. Албанците во Македонија имаат етнички проблеми, а не верски“, рече Тачи и повика приведените од протестите да бидат ослободени.
Продолжен притворот
Денес, пак, Основниот суд Скопје 1, соопшти дека за 30 дена им е продолжен притворот на осумте лица кои учествуваа во протестите на 4 јули пред објектите на Основниот суд Скопје 1 и Скопје 2, а на кои претходно им беше изречена мерка притвор од осум дена.
Во судот денеска бил доставен обвинителен предлог од скопското Основно јавно обвинителство против осумте лица (А.Р., М.Б., Р.В., А.А., Е.И., И.М., Р.Б. и Ф.З.) кои се гонат за кривичното дело „учество во толпа што ќе предизвика кривично дело“. Обвинителството ги товари дека биле дел од поголемата група граѓани кои со камења и други тврди предмети ги оштетиле фасадите на судските објектите и повредиле неколку полициски службеници. Дополнително ќе биде утврден и термин за одржување на главата расправа за конкретниот предмет, соопшти Основниот суд Скопје 1. Согласно Кривичниот законик, за кривичното дело од член 385, став 2, во врска со став 1, предвидени се казни од три месеци до 5 години затвор.