Скопје-Софија: Хардверот е заменет, следува софтверот
27 јануари 2022Меѓувладината седница на Владите на Северна Македонија и Бугарија е сам по себе настан кој не заслужува повеќе внимание од протоколарното забележување како прва од таков вид. Зачинета со заклучоци за одржување фудбалски натпревар, но без разјаснување кој би бил судија. Францускиот министер за надворешни работи чинам како да покажа интерес. Шега на страна, средбата Ковачевски-Петков не донесе ништо ново, барем во однос на дадените изјави, пренесените ставови и изнесените заклучоци. Но да не се лажеме, токму таа штурост и неатрактивност – како продолжение на сличните тонови од посетата на Петков во Скопје – ја крие драматичната промена и значење кое може да се разбере единствено доколку се следи во поширок контекст на процесите.
Со јазикот на компјутерџиите
Во оваа прилика, објаснет низ јазикот на компјутерџиите.
Нашето зачленување во НАТО ја наложи потребата за промена на куќиштето во кои се сместени елементите на компјутерот. Реалноста налагаше дека новите системи не се компатибилни, сигурносно и процедурално, со застареното Комодор куќиште, кое ионака е премало за да ги смести и адаптира новите безбедносни и дипломатски апарати. По отфрлање на старото и прифаќање на новото куќиште, се пристапи кон следниот чекор на отстранување на прегорениот, кородиран, компромитиран и застарен хардвер кој доскора убедуваше дека нивниот Pentium 5 оперативен систем е секако „ич нема мука” способен да ги извршува комплицираните налози изготвени на Windows 11. Екстракцијата на хардверот беше мачно за следење, проследено со многу шкрипење и истекување, но конзументите сепак повеќе се фокусираа на можностите на новите оперативни системи и поволностите кои тој ги нуди. Следниот чекор, кој веќе се одвива, е замената на застарениот софтвер со нов, усовршен, со посилен капацитет за комплицирани операции и добро заштитен од евентуални надворешни хакерски упади. Логичниот следен чекор е избор на нова тастаура, ергономски дизајнирана, според новите услови и потреби со која ќе се испишуваат новите програми согласно меѓународните стандарди. Следните чекори се изработка на нови апликации, вмрежување во новите, споделени оперативни системи. Заклучно со приштекување на енергетски извори со гарантирана долговечност, одржливост и доверливост. За тоа, подоцна.
Други колумни од авторот: Петков и Ковачевски го разбраа мемото- опозицијата го нема ни прочитано
Но што со старите елементи, некомпатибилни, кородирани и со букети вируси загадени драјвови? Неупотребливи за претопување, преситни за „старо купувам”, нивната судбина е во музејот на антиквитети на исклучивото едноумие. Сосе нивните скриени надежи за здружување со старите академски и универзитетски флопи-дискети. Со цел исклученоста од процесите да ја надокнадат преку тројански дарови на придонес и бивање барем надворешен хард-диск. Но, за жал, нивната застарена dial-up жичка е некомпатибилна со западниот wi-fi рутер и потребата за брзо и навремено решавање на комплицираните задачи.
Конструктивна интровертност
Целта на овој компјутерски опис на воглавно внатрешните и делумно надворешните процеси кои се одвиваат во овој час не е за да се даде сликовита алузија, туку да се нагласи тековната промена на политичкиот менталитет и пракса на нашата сцена. Новиот премиер наСеверна Македонија е конкретна илустрација на таа тивка промена на конфигурацијата на политичарскиот имиџ, квалификација и карактер. Кажано со јазик на психологијата, ликот на Ковачевски спаѓа во категоријата на H фактор на интровертна сивост наспроти досегашниот доминантен X фактор на екстровертна колоритност на ликови како Груевски, Заев, Димитров, Шеќеринска, Тачи, Груби кои уживаат и егзистираат за да бидат под светла на сите рефлектори. Таквата карактерна особина го прави Ковачевски да биде посличен до категоријата на Мицотакис, Ахмети и Петков и нивниот стајлинг на конструктивна интровертност. Интровертноста не подразбира склоност кон срамежливост, повлеченост, опскурност, туку повеќе ја отсликува потребата за одбивање на ефемерното, одвишното, со цел фокусирање врз есенцијалното, практичното, изводливото и неопходното. Досега барем, таквите карактерни профили беа редовни објекти на потсмев од страна на наведените фламбоајантни, налицкани, смрзнато-расклештени ЕПП ликови убедени во надмоќта на сопствениот дво-димензионален имиџ и вештачки проектираниот медиумски холограм на успешност и способност.
Изборот на Ковачевскибазиран врз неговото интровертно сивило кое не предизвикува ниту занес ни одиум е само дел од инжењерингот на справување со ендемската емотивност во политиката и засилување на рационалноста во водењето на администрацијата и управување со техниката на политиката. На извесен начин, тој е само надворешно видлив изданок на подлабокиот судир со културата на Хомо-совјетикус начин на расудување и манипулација. Неговата практичност и сувопарност е контрапункт на опсесијата со бавење со големи теми, справување со историски предизвици, бивање на чело низ историските премрежја и сета таа плејада на ликови чија минорност се компензира низ грандиозни, грандомански, надвременски и натчовечки прашања од чии нерешавања зависи нивната – незаменливост. Дури и по смртта.
Други колумни од авторот: Здравко, Мариглен, Драган, Рилинд и Бранимир во канџите на тромбозата
Ковачевски е надлежен за решавање на спор помеѓу државите. Колку само плитко, неинспиративно звучи тој опис на работните задачи. Во споредба со титанските и сизифовските мисии на несвесните експоненти на хомо-совјетикусите кои и ден денес се припадници на пост-комунистичкиот одмрзнат феудализам за „договор помеѓу народите”. Како што некогаш беа Арбен Џафери и Љубчо Георгиевски, а денес се Еди Рама, Александар Вучиќ, Мирослав Додик, Бакир Изетбеговиќ и старите, корумпирани западни вљубеници од Вашингтон, Берлин и Лондон, во илузијата наречена Југославија. Ковачевски пријатно ќе изненади доколку ја препознае и константно ја нагласува неговата административна улога и бега од историските икони во кои ќе сакаат да го сместат наследените клиентелни пропагандисти. Доколку сака да изненади негативно, боже мој, ќе се најде место и за него во антикварницата на историски борци. Доволно е да има на ум колку лесно се искачи до фотелјата.
Демонстрација на позитивизам
Процесот на комплетирање на амбиентот за преговори е во завршна фаза, но не и блиску до конечна завршница, камо ли заклучни аксиоми. Па колку и да тоа го посакуваат од немајкаде конструктивните од власта или опортунистите од опозицијата. Процесот и подлогата врз кој ќе се одвиваат преговорите и донесат решенија е однапред определен од диктатот и наметнувањето на позитивната неутралност од страна на тивките носители на добри услуги отсликан низ формулата „што сакаш за себе и што можам да сторам за тебе” и отфрлањето на хомо-совјектикус империјалниот рецидив „што сакаш да му направам на овој и кое колено да му скршам на оној”. Името на играта од двете страни на преговарачкиот фронт е демонстрација на позитивизам, на приближување преку придобивки и наоѓање заеднички точки во рамките на новото куќиште кон кое припаѓаме.
А во тоа куќиште веќе никој не бара политички магливи, туку административно конкретни реформи. Средбата на Мицкоски со Петков во Скопје и изјавата на Борисов по средбата со Ковачевски во Софија даваат причина за верување дека и на номиналните опозиции им е јасно (ставено до знаење) дека процесите се иреверзибилни и не чекаат на никого. Се чини дека таа порака е уште подобро разбрана од опонентите на процесите, кои одненадеж по средбите на Мицкоски и анкетите на кои убедливо води, се определија да при здрав, прав Христијан, во Данела Арсовска препознаат „формат за министер, премиер или претседател”. Евидентно и логично, сепак. Ерата на партиски статични хард-дискови и Pentium лидери заврши. Следи политичката реконфигурација кон Cloud технологии на преносна размена, складирање и реорганизирање на берењето гајле.