Претходната Влада потпишала одговорност за пропустите!
2 јули 2017Пропустите со автопатите стануваат се` поочигледни, а штетите се` поконкретни! Надзорот детектираше серија грешки и големи пропусти кои драматично ќе ја поскапат цената на автопатите Кичево-Охрид и Миладиновци-Штип. Но на изненадувањата им нема крај. Како што дознава Дојче веле, во владата сега се соочиле и со барање од кинеските изведувачи за продолжување на рокот за изградба на делницата Миладиновци-Штип. Од „Синохидро“ барале уште една година за работа на терен, но и дополнителни пари за покривање на пропустите за кои од поранешната влада добиле потпис дека вината не е кај нив:
„Од она што досега го утврдивме е дека поранешната Влада им потпишала на кинеските изведувачи дека презема одговорност за сите пропусти. Тоа практично значи дека ние како држава сега ја преземаме одговорноста за доцнењето и направените пропусти. Станува збор за технички детали и тоа на повеќе позиции. Парафот го ставиле поранешниот вицепремиер за економски прашања, министерот за транспорт и врски и директорот на Јавното претпријатие за државни патишта. Допрва анализираме како ќе постапиме“, открива за Дојче веле висок владин претставник.
Пролонгирање на рокот
Како што дознаваме, со анекс на договорот кинеската компанија бара да се пролонгира рокот за завршување на автопатската делница Миладиновци-Штип која првично требаше да биде готова во мај годинава:
„Кинеската компанија сега бара одложување на рокот за изградба на автопатската делница до мај 2018 година. Или наместо мај 2017, една година подоцна. Бараат да се потпише анекс на договорот со кој оваа работа ќе се утврди дополнително. Ние тоа го немаме се` уште потпишано, но очигледно дека ќе мора бидејќи тоа е тоа. Колку точно ќе значи тоа дополнително во пари засега не може да се каже со точност. Но сигурно дека станува збор за неколку милиони евра повеќе од првично планираните 216 милиони евра колку што требаше да чини изградбата на оваа делница“, вели нашиот извор.
По ваквиот развој станува се` поизвесно дека конечната сметка со автопатите кои се градат со кинески кредит ќе биде драстично поскапа. Грешките и пропустите детектирани во делот на автопатот од Кичево до Охрид, ќе проголтаат дополнителни најмалку 100 милиони евра. Една третина од овие пари ќе бидат потребни за клучките кои воопшто и ги немало во проектите. Најмалку уште двојно повеќе ќе чинат активностите околу тунелите, засеците, косините, кои поради пропусти во подготвителната фаза на проектирањето ќе мора да се работат со многу посложени и поскапи технологии. Со ова само за оваа делница која првично требаше да тежи 373 милиони евра, ќе отидат близу половина милијарда.
Потврдени пропусти
Во извештајот од надзорот кој го објави Дојче веле констатирани се проблеми со нестабилност во косините, потреба од дислокација на надземни и подземни инфраструктурни и станбено деловни објекти, неусогласеност на проектната документација со состојбата на терен, потреба од дополнителни заштити и потпори на тунелите поради лошите материјали. Надлежните не негираа, туку напротив признаа пропусти:
„Секогаш има проблеми на такви големи проекти. До сега сме имале проблеми од аспект на дислокација на земјиште, зголемување на ископите, погрешни категоризации на земјиште од проектот, зголемени површини на земјени маси кои што произлегоа од лошата геологија. Но не можам да шпекулирам. Дали е грешка во проект или на терен тоа треба да се испита. Секој проблем е поединечен и се бара поединечно решение“, изјави за Дојче веле Александар Стојанов, директор на Јавното претпријатие за државни патишта.
Сумата ќе расте
Каква ќе биде динамиката и колку вкупно ќе ја чинат Македонија изградбата на двете автопатски делници допрва треба да откријат анализите кои интензивно се прават во Владата. Јавноста очекува и расчистување на дилемите околу одговорноста, не само во делот на серијата сериозни пропусти и проблеми во работењето, туку и за сторен криминал, за што јавно предупреди и премиерот Зоран Заев. За тендерите со автопатите обвинение поднесе и Специјалното јавно обвинителство. Станува збор за случајот „Траекторија“ во кој поранешниот премиер Никола Груевски и неколку високи владини функционери се сомничат дека проектот незаконски го доделиле на кинеската градежна компанија со што го оштетиле буџетот на Република Македонија за 155 милиони евра. Кривичниот суд веќе одреди мерки за претпазливост за поранешниот вицепремиер Владимир Пешевски, кој е еден од обвинетите во „Траекторија“. Но наместо притвор, како што бараше СЈО, на Пешевски му е одземен пасошот и му е наложено секој вторник да се јавува во судот.