1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Фејсбук загуби 40 милијарди долари на берзите

БГ
20 март 2018

Акциите на гигантот Фејсбук доживеаја голем пад откако социјалната мрежа се соочи со жестоки критики по откритието дека фирма која работела на кампањата на Доналд Трамп илегално собрала податоци на 50 милиони корисници.

https://p.dw.com/p/2ucTp
Facebook Nasdaq Aktie Anzeige Börse New York USA
Фотографија: picture-alliance/dpa

Се множат повиците за истрага на работењето на Фејсбук, откако беше откриена големата измама зад која стои британската фирма Кембриџ Аналитика. Во Британија е отворена истрага која треба да утврди дали Фејсбук сторил доволно за да ги заштити податоците на корисниците, откако беше откриено дека консултантска фирма ангажирана во претседателската кампања на Доналд Трамп илегално добила пристап до 50 милиони кориснички профили.
Британската комесарка за информации Елизабет Денхам соопшти дека побарала налог за претрес во канцелариите на Кембриџ Аналитика во Лондон.
Акциите на Фејсбук на берзите паднаа за речиси 7 проценти во понеделникот, што претставува загуба од околу 40 милијарди долари од неговата пазарна вредност. Инвеститорите се загрижени дека новото законодавство би можело да му наштети на рекламниот бизнис на компанијата и да ја намали нејзината привлечност за корисниците.

Marketing Messe - Cambridge Analytica
Шефот на Кембриџ Аналитика, Александер НиксФотографија: picture-alliance/dpa/C. Charisius

Истрагата за работењето на Кембриџ Аналитика и Фејсбук е дел од поширока истрага во користењето на личните податоци, вели Денхам, чија служба е задолжена за спроведување на британскиот закон за заштита на лични податоци.
„Разгледуваме дали Фејсбук ги обезбедил и заштитил личните информации на платформата и дали, откако откриле за проблемот, реагирале робустно и дали корисниците биле информирани“, изјави Денхам за БиБиСи.

Кембриџ Аналитика ги демантира медиумските извештаи дека ги злоупотребила корисничките податоци, и тврди оти ги избришала сите Фејсбук податоци кои ги добивала од трети страни.
Дополнително, од фирмата тврдат дека податоците на корисниците на Фејсбук не биле користени во претседателската кампања на Доналд Трамп.