1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Се очекува слаб пораст на германската економија

Рихард Фукс / Е.М.Фиданоска17 ноември 2014

Институтот на германската економија во Келн, кој е близок до работодавачите, ги праша - како тие гледаат на конјунктурата? Нивен заклучок: не се заканува рецесија, но се заканува низок пораст кој ќе трае подолг период.

https://p.dw.com/p/1DojJ
Фотографија: picture alliance/dpa

На раководителите во фирмите полека им исчезнува самодовербата. До ваков резултат дојде анкетата на Институтот на германската економија во Келн (ИВ) на тема конјунктура. Институтот, кој им е близок на германските работодавачи, го претстави својот втор полугодишен извештај. Околу 3000 претпријатија од страна на ИВ добиja прашања за изгледите на деловното рбаотење. Резултатот, како што рече директорот на ИВ Михaел Хитер, е поразителен:

„Германската економија тапка во место и тоа не е првпат.“

Слабата конјунктура во еврозоната и нерешената криза во Украина се одразува видливо на расположението на шефовите на фирмите. ИВ прогнозира само мини-пораст за Германија - 1,25% пораст годинава и најверојатно исто толку во наредната.

„Германската економија се движи странично. Таа, за разлика од претходната деценија, сепак ќе биде понесена од динамична внатрешна потрошувачка, а зад тоа, како што претпоставувате, стои и натаму робустен пазар на работа“, изјави Хитер пред новинарите.

Во моментов 43 милиони луѓе имаат работно место, што е апсолутен рекорд на сите времиња. Но, зголемувањето на бројот на работни места, како што покажува анкетата, е можно значително да се забави.

„За 2015 година само 23% од претпријатијата ќе имаат поголем број вработени, додека пролетва тој процент беше 38%“, нагласи Хитер.

Maschinenbau
Во 2015 година една петтина од фирмите очекуваат минус на производствотоФотографија: picture-alliance/dpa

Што се однесува до очекувањата во односна прозиводството, анкетата на ИВ покажува дека во 2015 година една петтина од фирмите очекуваат минус на производството. Претходната анкета, направена пред половина година, покажа дека секоја десетта фирма е скептична. Особено голема скепса денес владее кај фирмите во источна Германија, што според Хитер се должи, меѓу другото, на санкциите против Русија, особено во делот на машинопроизводството.

И изгледите и очекувањата во делот на извозот се влошени.

„За 2015 година само уште 24% од германските фирми очекуваат зголемување на извозот, додека 18% очекуваат намалување. Останатите фирми, околу 60%, претпоставуваат дека состојбата ќе остане стабилна.“

Тоа што германското стопанство во блиска иднина би можело се‘ повеќе да се соочува со мини пораст, според економските експерти и истражувачи на ИВ, се должи пред се‘ на недоволната подготвеност за инвестирање на претпријатијата. Хитер нагласува дека наредната година уште само 3 од 10 претпријатија планираат повисоки инвестиции. Половина од фирмите планираат да не инвестираат повеќе пари отколку минатата година.

Мрачни изгледи, велат истражувалите на ИВ. Тие на владата и‘ препорачуваат пред се‘ едно: германските претпријатија сега не смеат веќе да се оптоваруваат со повеќе бирократија и поголеми обврски во делот на социјални издатоци, соопшти Хитер, кој не крие дека смета оти е погрешно се‘ што владата го донесе како одлука во последно време - заминување во предвремена пензија, минимална плата и помалку работа на одредено време.