Се заканува ли бран од стечајни постапки?
22 август 2020Да се спасува или да се пропаѓа? Тоа беше големото прашање во март годинава. Владата се одлучи да спасува. Всушност компаниите кои веќе не можат да ги исполнат своите платежни обврски или се презадолжени, мораат да пријават стечај. Од таквата обврска, благодарение на короната, од први март се ослободени со закон до крајот на септември.
Таквата пауза е добредојдена за многу компании бидејќи економскиот живот значително беше разнишан. Во колкава мера, покажува БДП, кој во првиот квартал падна за 2 процента, а во вториот за десет. На ниво на цела година експертите очекуваат минус од пет до осум проценти.
За да им се помогне на компаниите беа донесени пакети за помош во висина од многу милијарди евра, во Германија и во целата ЕУ. Владата, меѓу другото, ги олесни правилата за скратено работно време, го намали данокот на додадена вредност, одобри финансиска помош за премостување на ситуацијата и даночни олеснувања, или пак купи удели во големите компании. Но, дали тоа ќе им помогне на сите фирми да застанат на свои нозе? Сега веќе се шири страв дека во октомври, кога повторно ќе стапи на сила обврската за пријавување стечај, би можело да има голем бран стечајни постапки.
Профитираат фирми „слепи патници“
Засега бројот на стечаи се намали. „Во првото полугодие беше за 8% понизок од минатата година во истиот период”, вели Патрик-Лудвиг Ханч од компанијата за економски податоци Кредитреформ. Сојузната служба за статистика за јули смета дека ќе има намалување од 30 проценти.
Дури и бројките да се интерпретираат како успех, тие може да укажуваат и на тоа дека од правилата профитираат фирми кои имале проблеми уште пред корона кризата. Имено, од обврската да се пријави стечај се ослободени сите фирми кои од 31.12.2019 биле презадолжени или имале платежни потешкотии. Но, на тој датум во Германија уште немаше корона пандемија. Така дефинираниот датум покани и фирми „слепи патници”.
Повеќе: Германската економија соочена со тешки времиња
Здрави фирми може да бидат загрозени од зомби-компании
На почеток било важно на компаниите да им се остави доволно слободен простор за да може да делуваат државните мерки за поддршка.
Но, принципиелно и во кризата е важно да има чистење на пазарот преку стечаи, смета Ханч. „Ако ниту една фирма не се затвора, тоа во основа значи дека веќе не се прави разлика меѓу добри и лоши бизнис модели”.
Тоа може да биде проблем и за здравите фирми. Кога економијата повторно ќе почне да расте, компаниите сепак ќе мора да бидат внимателни „бидејќи воопшто не знаат кој де факто е банкротиран, а кој во секој случај си ги плаќа сметките”, појаснува Ханч. Така и здравите фирми може да западнат во потешкотии, ако не им се плаќаат фактурите. Се закануваат т.н. последователни стечаи.
Дојче Банк Рисрч предупредува покрај тоа дека такви „зомби фирми” следат агресивна ценовна политика, која ги оптоварува маржите за профит и здравите фирми и севкупно ги попречува структурните промени. „Не смее да се заборави тоа”, посочува Ханч, „и пред короната имаше трансформација во многу економски бранши, како на пример во автомобилската или трговијата. Короната сега делува како катализатор.” А, тој со замрзнувањето на обврската за пријавување стечај засега не функционира.
Ако сега, кога ќе престане да важи законската регулатива, навистина дојде до бран на стечајни постапки, тоа ќе го погоди и пазарот на труд, вели Клаус Хајнер Рел од Институтот за германска економија. Значајно е тоа што ќе бидат погодени и банките. „Тие се доверители на компаниите во стечај и со тоа повторно имаме опасност од банкарска криза”, вели Рел.
Повеќе: Пандемијата ја зголемува социјалната нееднаквост
Сеизмографот е исклучен
Но, каква е навистина состојбата со фирмите во Германија? Во нормални времиња стечај е еден вид сеизмограф за состојбата на економијата, вели Ханч. Бидејќи тој е сега замрзнат како постапка, Кредитреформ користи други индикатори.
„Го разгледуваме однесувањето во подмирувањето платежни обврски. Ги гледаме нарачките и многу други аспекти и дојдовме до заклучок дека ситуацијата со компаниите не е добра”, гласи резимето што не изненадува.
На компаниите парите постетепено им стануваат кнап. Во секој случај, има се’ повеќе отворени сметки кои се плаќаат со задоцнување. Ликвидноста и протокот на исплати и уплати во моментот е најлош од 2015-та, кога е започнато со ова истражување. Според една анкета на Ифо-институтот во јуни, една петтина од германските компании навеле дека стравуваат за својот опстанок во корона-кризата. Во септември околу 550.000 компании ќе се најдат во големи потешкотии или дисбаланс, проценуваат од Кредитреформ. За споредба: во 2018. имаше 330.00 таканаречени „зомби-компании“.
Одложено не значи и откажано
Ханч е сигурен дека доколку корона-кризата потрае уште долго време и обврската за одлагање на барање за стечај се одложува и понатаму, тогаш и бројот на компании во потешкотии ќе расте. Всушност, ова правило треба да важи до крајот на септември, но се шпекулира дека ќе се продолжи. Министерката за правда Кристина Ламбрехт би сакала одлагање до крајот на март 2021.
Повеќе: Германија: План од 130 милијарди евра за излез од корона-кризата
Од друга страна, постои загриженост кај претприемачите. Претседателот на германската индустриска и трговска комора (ДИХК), Ерик Швајцер смета дека „натамошно продолжување на рокот би било еднострано на штета на доверителите и со тоа ќе се загрозат и други компании.“ Според него, подобро е ако се реформира Законот за стечај. Дури и Сојузот на стечајни управници во Германија предупредува од натамошно продолжување на обврската за пријава на банкрот.
Со цел да се намали очекуваниот бран на стечајни постапки и да не се влошува уште повеќе презадолженоста на компаниите, Клаус-Хајнер Рел од Економскиот институт предлага веќе да не се даваат итни заеми. „Во одреден момент кредитите мора да се сервисираат.“ Наместо тоа одредени кредити, кои им се дадени на компаниите, постепено може да се претворат во помош, на пример за задржување на работни места, или за обука.