1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Здравје

Селективно читање на твитовите на амбасадорот Жбогар

24 април 2020

Илјада ќебиња добиени преку Механизмот за цивилна заштита на ЕУ, беа злоупотребени од евроскептиците со цел да го „покријат“ фактот дека ЕУ ѝ помага на Северна Македонија со 66 милиони евра

https://p.dw.com/p/3bLFx
Nord-Mazedonien Skopje Coronavirus
Фотографија: DW/P. Stojanovski

Голем број потсмешливи коментари, меѓу кои и од лидери на опозициски партии, стигнаа по твитот на евроамбасадорот Самуел Жбогар, кој на 22-ри  април објави дека Северна Македонија ќе добие помош за справување со коронавирусоти преку Механизмот за цивилна заштита на Европската Унија.

„Северна Македонија ќе добие помош преку Механизмот за цивилна заштита на ЕУ, што вклучува пет генератори, 25 семејни шатори, 200 душеци и 1.000 ќебиња. Австрија, меѓу другите, испраќа и ракавици и средства за дезинфекција“, напиша амбасадорот.

По оваа најава, во евроскептични кругови веднаш во оптек беше пуштен слоганот „Ќебе за тебе“ како иронично потсетување на кампањата „ЕУ за тебе“. Некои од медиумите отидоа и чекор понатаму - со прашање дали ќебињата и шаторите ќе бидат наменети за мигранти.  

Да биде иронијата поголема, истите тие медиуми „заборавија“ на еден друг твит на амбасадорот, објавен еден месец претходно, на 25-ти март годинава. Тогаш амбасадорот Жбогар објави декаЕУ ќе ѝ помогне на Северна Македонија во борбата против коронавирусот со 66 милиони евра.

„Заедно сме во борбата против овој злобен вирус. Во ова тешко време, ЕУ ќе ја поддржи Северна Македонија со четири милиони евра за итни потреби, 50 милиони евра за социоекономско опоравување, девет милиони евра за приватниот сектор, три милиони евра директна поддршка за буџетот" напиша амбасадорот Жбогар во март.

Денеска првата донација од ЕУ

За да се добие веродостојна слика, Делегацијата на ЕУ во Скопје вчера преку соопштение ги ажурираше податоците за помошта што земјава ќе ја добие од Унијата.

„Поради недоразбирањата кои се појавија во врска со помошта од ЕУ за земјата да се справи со ситуацијата со Ковид-19, Делегацијата на ЕУ во Северна Македонија сака да ги ажурира информациите за дистрибуцијата на донацијата од 66 милиони евра објавена пред неколку недели. Четири милиони евра се за итно потребни медицински материјали, а првата испорака, која ги вклучува и толку потребните респиратори, ќе биде направена утре (денеска, 24.4 –н.з.). Три милиони евра се за директна буџетска поддршка - процедурите се во тек и ќе се реализира во наредните недели, додека девет милиони евра се за директна поддршка за мали и средни претпријатија која ќе почне да се реализира на есен. Четириесет милиони евра – фондови, исто така, се за поддршка на мали и средни претпријатија, но и за активни мерки за вработување, за што, како што посочуваат од ЕУ се прават последните договори со Владата, со цел првата транша средства да се префрли во Буџетот по завршување на летото. Исто така, 10 милиони евра се алоцираат за евентуални здравствени и други итни потреби кои можат да се јават во иднина", се вели во соопштението од Делегацијата на ЕУ во земјава.

Оттаму потсетуваат и дека Европската комисија завчера им предложи на Советот на Унијата и на Европскиот парламент да обезбедат 160 милиони евра за макрофинансиска помош за буџетот на земјава во форма на заеми за да може да менаџираат со фискалните последици од кризата. 

„Северна Македонија има право да биде поврзана со Европскиот договор за јавни набавки за медицинска опрема и системот за брза сигнализација на ЕУ за заразни болести. Европската унија е во процес на ослободување на извозот на медицинска опрема во земјите на Западен Балкан, вклучително и на Северна Македонија", се вели во соопштението.

Од Делегацијата на ЕУ додаваат Северна Македонија можела да побара помош и преку Механизмот за цивилна заштита на ЕУ, што резултирало со испорака на генератори, шатори, ќебиња, душеци и комплети за хигиена, а покрај помошта од ЕУ, земјата исто така добива и билатерална помош од земји членки на Унијата.

Благодарност до ЕУ

Првата донација од итно потребни материјали во која има и респиратори треба да биде доделена денеска. Toa вчера го потврди и министерот за здравство, Венко Филипче, кој упати благодарност до Унијата и до евроамбасадорот Самуел Жбогар, поради поддршката за здравствениот систем на Северна Македонија од четири милиони евра за справување со состојбата предизвикана од пандемијата од Ковид-19.

Претседателот на СДСМ, Зоран Заев кој вчера учествуваше на вонредниот состанок на Партијата на европски социјалисти (ПЕС), се осврна на солидарноста како европска, но и врвна социјалдемократска вредност. Тој го поздрави предлогот поднесен до Европскиот парламент, кој има за цел подготовка на пакет мерки за справување со економските последици од коронавирусот, а ја искористи приликата да се заблагодари на помошта што земјава ја добива од Унијата за справувањето со здравствените и економски последици од коронавирусот.

„Изразувам особена благодарност за сѐ она што ЕУ го прави за Северна Македонија како помош во битката против корона вирусот. Благодарни сме што нашата земја е исклучок во забраната за извоз на здравствена опрема од ЕУ, што нашата држава е вклучена и добива помош преку Европскиот механизам за цивилна заштита. Секако, голема благодарност и за финансиската помош од ЕУ. За нас, тоа се значајни финансиски средства, затоа што создаваме план за спас на секое работно место, за зачувување на секоја компанија, а со тоа и побрзо надминување на економската криза“, изјави Заев.