Седум казни доживотен затвор за „Диво насеље“
2 ноември 2017Вкупно 33 лица обвинети за крвавите настани во Куманово во мај 2015 година добија затворски казни во времетраење од 12 години до доживотно, а четворица се ослободени од обвинението. Седуммина обвинети во случајот Дива населба се осудени на доживотна затворска казна. Скопскиот Кривичен суд на уште 13 обвинети им пресуди 40 години затвор, на шестмина- 20 години, на еден обвинет 18 години, на двајца обвинети- 14 години, на двајца - 13 години, и на 12 години уште двајца од обвинетите.
Осум полицајци- припадници на специјалната единица „Тигар“ и 14 осомничени терористи ги загубија животите во крвавата дводневна битка на 9 и 10 мај. Десетици беа приведени од полицијата, а ранети беа уште најмалку 40 лица.
Првообвинетиот Сами Укшини познат под прекарот „командант Соколи“ доби 40 години затвор.
Поголемиот дел од обвинетите одбија да влезат во судницата за време на читањето на пресудата, а оние кои останаа извикуваа пароли „УЧК, УЧК“ и ја пееја албанската химна. Обвинетите тврдеа дека не се виновни и дека „вистинските терористи се во парламент“.
Крвавиот инцидент во Куманово се случи неполни четири месеци откако тогашниот лидер на опозицијата Зоран Заев започна со објавување на ткн. бомби. Тогашната опозиција обвинуваше дека нападот бил обид да се дефокусира вниманието на јавноста од „бомбите“ и од масовните протести во Скопје, додека Владата на ВМРО-ДПМНЕ ги обвини „терористите“ од соседно Косово дека сакаат да ја дестабилизираат земјата.
Два дена по крвавиот судир, оставки од функциите поднесоа тројца високи функционери кои важеа за блиски до поранешниот премиер Никола Груевски: тогашната министерка за внатрешни работи Гордана Јанкулоска, директорот на УБК, Сашо Мијалков како и министерот за транспорт Миле Јанакиески.
Јавноста никогаш не ја дозна причината за нивните оставки, ниту пак мотивот за судирите во Куманово.