1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

СДСМ-овска осмица со кромид

11 јуни 2020

Времето ќе покаже - и докаже - дека пораката од Али е колку албанска, толку и македонска. Ако не и повеќе. Пишува Арсим Зеколи.

https://p.dw.com/p/3dcn6
Mazedonien Arsim Zekolli
Фотографија: DW/K. Blazevska

Колкави и да се несогласувањата околу предлог барањето на Али Ахмети за премиер Албанец, барем во едно можеме да се согласиме - дека неговото обраќање беше долгоочекуваниот камен кој ги разбуричка матните води на политиката и ќе ги принуди краповите да си ги покажат мустаќите над вода. Достојно на неговото итроманство за „едно зборување, друго правење, трето мислење“, преостанува да се расчленат трите димензии на неговиот пристап, во кој тој ја презема улогата на етнички портпарол, меѓуетнички балансер и политички „кингмејкер“ во Македонија.

За почеток, како бива тоа што за албанскиот кандидат за претседател, прв на државата, постоеше симпатија кај добар дел од македонските партии, а одеднадеж, за позицијата на премиерот, трет по ранг во државата, има ваква експлозија на патриотско незадоволство? Лицемерност скроена да се каже дека, ете, тие не се против Албанец, но да не е од ДУИ. Но вистината е поинаква. Кај премиерот се парите. И корупцијата. И информациите. Светото тројство на патриотизмот скроен по мерка на македонскките партии.

Не мислам, не верувам дека Ахмети цели и очекува следниот премиер да биде Албанец. Што не подразбира дека не посакува. Но во дадената констелација на односи во земјата, профитот на Ахмети повеќе се базира на дадената понуда отколку на прифатена испорака, т.е. добива повеќе со одбивањето отколку со прифаќањето следниот прв во Илинденска да биде Албанец. Следствено, неговата понуда беше прецизно вперена, умешно спакувана и совршено временски темпирана за  другите да го спроведат тоа што го има смислено за правење - но со нивна сопствена рака. А таа задача, секако, ја спроведе совршено очекувано Зоран Заев со паничното лелекање „Јас сум премиер!”. Возвратено со смирениот, однапред спремен коментар на Ахмети дека „барањето (за премиер) не се однесува на мене, никако на мене”. И со тоа ја исцрта јасната линија на поделба помеѓу егоизмот на Заев и негова алчност за лична моќ и слава, во споредба со, нели, широкоградата „скромност” на Ахмети за доброто на државата. Колку и да е болно ова самосоголување на Заев, нека му послужи како потсетник дека за да се биде итроман во политиката треба нешто повеќе од љубење пенкала, имитирање Бранкови тупаници во воздух и фацијално глумење селска наивност по тв-дебати со најмени новинари.

Што мисли Али?

Најинтересна од сите е сепак третата категорија на пирамидалната шема на Ахмети, онаа - што всушност се мисли. Би можел ова прашање да го формулирам и во еднина - „што мисли Али?”, но некако се ми се чини дека плуралот на „мисли” е далеку посоодветен за опишување на комплексноста на политичката сцена.

Во овој час, ќе повторам, ДУИ е единствената внатрешно консолидирана партија на политичката сцена, расчистена темелно од остатоците на надворешно диригирани кланови и групировки. Тој непобитен факт е лесно согледлив во споредба со иди-ми-дојденките во албанските опозициски партии зафатени со пребези на селски шефови од една во друга, па трета партија и заткулисните шурувања на Села и Касами де со СДСМ, де со ВМРО. Со што им даваат на знаење на Албанците дека нивниот пат до Илинденска е цементирано зависен од Бели палати и Бихаќки. Таквиот впечаток изграден кај Албанците не се побива со анкетни политички инжинеринзи на ИРИ, туку со конкретна акција на теренот, по терк на Ветвендосје во Косово. Неспремноста на Села, Касами и Гаши за такво дејствување, упатува на заклучок дека и тие се свесни за јавната тајна дека во нивни пазуви се одамна инсталирани темпирани бомбички кои треба да се активираат – кога ќе затреба.

Таа видлива, компаративна разлика помеѓу консолидираната ДУИ и расштрканата опозиција е сосема јасно дефинирана во јавноста поради интересот на македонските партиии и медиуми во секоја тревка на патот на ДУИ да препознаат стебло. И воедно мижат пред стеблата од кои прават тревки и сличните состојби во македонскиот кампус. Во кој, потајно и задоцнето, се одвива истиот, пресликан процес на внатрешни идео-партиски диференцијации според моделот преземен од ДУИ и наложен од новата реалност на државата. Процес, во кој институционалните структури на партиите тивко, систематски, во сенка на патетичните пропаганди за затапената јавност, се растоваруваат од баластот на нарцистички профитери со кои водствата на партиите се држат во (гласачко) заложништво, (кадровско) гниење и (политички) статус-кво. Во ВМРО-ДПМНЕ тој процес е вперен кон професионалните патриоти со златни Виза-картички во палтото и Вергина во срцето, акомодирани албанофоби исклучени од секојдневието и на храбра дистанца од секој Албанец и, се разбира, традиционалните медиумски чувари на стравот.

Други колумни од авторот:

Од Албин не бива Сали

Дестилација

Чукни во ДУИ

Политички кромид

Далеку е поинтересен, сепак, процесот кој се одвива во СДСМ. Ефектот на чистка во ДУИ и раслојувањата низ другите партии доведе до тоа клиентелистичкиот еснаф на професионални Албанци, професионални Турци, професионални Срби, Бошњаци, Роми, муслимани, христијани, вмровци денес да е речиси комплетно и ексклузивно префрлен и забаракадиран во Бихаќка. Како последен слој на одбрана и заштита на тамошните професионални Европејци Македонци. Чинам, токму евроинтеграцииите и пандемијата досега, а социјалната криза понатаму, убаво, немилосрдно и низ солзи го раслојува тој политички кромид кој ни се нуди под етикетата „реформи и едно општество за сите". Сосе цената која сите ја плаќаме за одржување на професионализацијата на аматеризмот под капа на Заев. Таа цена, скапа за сите нас, е сепак најскапа за СДСМ.

Има ли, затоа, место за изненадување што по бум-бум изјавата на Ахмети и паничната трас-трас реакција на Заев уследи бизарниот молк од институционалната СДСМ, проследена со уплашени реакции на грст лица од најблиското опкружување на Заев? Честа да се даде одговор кон ставот на Ахмети му припадна на африканологот Мерсел Биљали, следен од Мила Царовска, запечатен од генералот Стојанче. Недостасува уште Љубчо Георгиевски да се изјасни во полза на одбрана-и-заштита на Заев. И со тоа да ја објави и разјасни очигледната шизма помеѓу заевистичките „шарени револуционери”, загрижени за сопствените кариери, клиентелистички хонорари и бизниси од една и институционалната СДСМ од друга страна. Шизма која јасно ја отсликува егоистичната, излитена, поткуплива, корумпирана мисија на „шаренашите”, спремни за скокање од една граѓанска во друга патриотска крајност за спас на сопствената кожа, и институционалната политичка претпазливост на СДСМ, свесна за опасноста од играњето казачок врз острицата на мечот. Како што може да се заклучи од претпазливата и смирувачка изјава на Шеќеринска и молкот на јадрото на СДСМ. Разликата е секако во институционалното паметење на СДСМ за судбинската помош која ја добиваа од ДУИ за време на груевизмот, па сѐ до освојувањето на Илинденска. Се разбира, „шарените” шарлатани се комотно растоварени од таквата меморија, наивно и погубно убедени дека историјата почнува со нив. 

Цинизмот на пирејот

Далеку помал проблем е тоа што Стојанчо, по принципот „што слушнало дете дома” ја пренесува мислата на Заев за градење на интраетничка коалиција како одговор на барањето на Ахмети. Помал проблем е и тоа што со таквите ставови го обзнанува она што е веќе познато - дека Заев ги презира Албанците троа повеќе од Македонците. За политичката сцена најбитниот момент во таа игранка на заевистите е што тие сѐ повеќе наликуваат на СДСМ варијација на „осумтемина од ВМРО” независни пратеници за еднократна преспанска употреба. Во таа СДСМ-овска осумка, вратарската улога на Муковски сепак не припаѓа на самиот Заев, туку на „најмениот братучед” кој се обидува за изолираниот Заев да ги подотвори портите на западните високо позиционирани амбасади. Без успех.

Среде ваквата тековна депилација на големите партии од неприродните израстоци врз нивните тела, се одвива и паралелниот процес на регрупирање на „отпишаните” кои чувствуваат дека ВМРО ги отпишува, но СДСМ не ги запишува – и обратно. Оставени да дремат под сенките на Рамстор и Круг, збунето се потпрашуваат каде згрешиле и зошто нивните посреднички услуги се сѐ помалку барани и ценети.  

ВМРО и СДСМ се враќаат кон сопствените корени, закржлавени од пирејот на политичка мангупарија која политиката ја подразбира како тезга за купи-ден-продај и флерт со селски фризерки. Пирејот, албански и македонски, е разбирливо збеснат од тоа што токму Ахмети на нивните партии им го покажа правецот и начинот за нивно требење. Умереноста на ставовите на институционалните ВМРО и СДСМ кон предлогот на Ахмети е доказ дека и двете партии добро ја паметат епизодата со менталитетот на Тито дека „не му се потребни албански гласови”. Знаеме како заврши таа колосална гордост.   

Во тоа е суштината на замислите на Ахмети, вткаени во пораката „јас го фрлив семето”. Семе кое немаше да никне, да не беше фертилната почва на албанската опозиција податлива за орање, и предвидливоста на македонските партии загушени од цинизмот на пирејот. Таа мисла, на Ахмети, би била полесно сварлива за нив, доколку во нејзиниот зародиш не лежи и подеднакво квалитетниот придонес од некои други страни кои со Али го споделуваат искуството на справување со лажни, празни величини во сопствените средини. Времето ќе покаже – и докаже – дека пораката од Али е колку албанска, толку и македонска. Ако не и повеќе. 

Mazedonien Arsim Zekolli
Арсим Зеколи Дипломат, историчар на уметност, преведувач