1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

СДСМ: Не е време за избори, туку за економија

30 август 2019

Заслужуваме да го истераме мандатот до крај и да добиеме време Владата да ги покаже економските ефекти кои граѓаните ги заслужуваат, вели висок извор од СДСМ. Мерките се испланирани со ребалансот на буџетот,

https://p.dw.com/p/3Ojb0
SDSM Parteizentrale, Skopje, Mazedonien
Фотографија: MAKFAX

Со одржување на редовни избори во втората половина на октомври 2020 година, ќе ѝ се даде шанса на економијата, на имплементацијата на законите и на борбата против криминалот и корупцијата. Вака висок извор од владајачкиот СДСМ ги образложи причините зошто е неповолно државата сега да влегува во циклус на предвремени парламентарни избори.

„Ова е неповторлив период за државата. Следните 6 или 9 месеци не се исти како оние по избори. Сега може да се максимизираат ефектите во економијата. Со тоа се испраќа и порака до стопанствениците за спокојно планирање на нивните економски активности и политики, а Владата ќе добие време да ги покаже економските ефекти кои граѓаните ги заслужуваат“, велат од СДСМ.

Раст на платите

Следната недела се очекува на владина седница да помине ребалансот на Буџетот, во кој ќе бидат вградени мерки што треба донесат бенефит и на пазарот на трудот.

„Ќе се стимулира покачувањето на севкупните плати во државата. Таргет не е само зголемувањето на платите на специјалистите во здравството и на медицинскиот персонал, туку на сите, а посебни мерки ќе бидат наменети за младите со цел да не заминуваат од земјата", најавуваат од СДСМ.

Една од мерките што ќе почне да се применува од октомври годинава, е државата да ги покрива придонесите за здравствено и пензиско осигурување ако работодавачот ја зголеми платата на работниците во нето износ од 25 отсто од просечната плата. На пример, ако работник зема плата во нето износ од 20.000 денари и работодавецот му ја зголеми за 5.000 денари нето, придонесите за пензиско и здравствено осигурување за зголемувањето од 5.000 денари ќе ги плати државата. Работодавецот ќе плати само персонален данок на зголемувањето од 5.000 денари. Оваа и други комлементарни мерки се насочени кон реализација на ветувањето - 16.000 минимална и 30.000 просечна плата. Нема да изостанат и други мерки поврзани со кавалитетот на живот на граѓаните, како еколошките политики за што ќе бидат испланирани меѓу 30 и 40 милиони евра.  

Mazedonien Geld Denar
Сега може да се максимизираат ефектите во економијата, оценуваат во СДСМФотографија: DW/E. Milosevska Fidanoska

Оптимизам за датумот

Во наредниот период Владата очекува и други ефекти. По надворешнополитичките успеси - Преспанскиот и Договорот со Бугарија, не паѓа оптимзмот во СДСМ дека во октомври земјата ќе добие датум за почеток на преговори со ЕУ и дека членството во Алијансата ќе биде ратификувано од сите земји-ченки до декемврискиот Самит на НАТО во Лондон. Во разговорите на владини претставници со официјални лица од земјите кои важеа како скептични по прашањето за проширување на ЕУ, според извори во СДСМ, тие неодамна се изјасниле дека „ако не се случи некаков проблем, тоа би им ја олеснило позитивната одлука за Северна Македонија".

Поради ова, но и планираните економски ефекти, Во СДСМ сметаат дека разговорите за избори може да почнат по декември, со јасен став дека е најдобро да се одржат во октомври 2020 година, бидејќи претходно, од 1-ви до 30-ти април, треба да се спроведе попис. За таа цел веќе биле испланирани средства за организациски, теренски и софтверски трошоци. 

Нема отстапување од црвените линии

Она што останува предизвик во моментот е донесувањето на новиот закон за Јавното Обвинителство. Од СДСМ велат дека не отстапуваат од црвените линии - за продолжување на предметите кои ги започна СЈО. Иако ставовите со опозицијата засега се спротивставени, во СДСМ се оптимисти дека може да се постигне договор. Но, не по цена кој било реформски закон да биде условен со одржување на предвремени избори, без оглед што анкети на јавното мислење покажале дека СДСМ би победил на предвремени избори. Но, доколку не се обезбеди двотретинско мнозинство на 10-ти септември, кога ќе се гласа законот за ЈО, тогаш ќе нема друго решение освен да се премине кон планот Б: Советот на јавни обвинители да назначи в.д. на СЈО.

Mazedonien Press Sonderstaatsanwaltschaft in Skopje
Фотографија: DW/P. Stojanovski

„Во спротивно, обвинителите и вработените во СЈО ни плати не ќе може да земат“, објаснуваат од СДСМ.

Од партијата велат дека се свесни за „огромното разочарување заради можното инволвирање на специјалната јавна обвинителка во случајот ‘Рекет'“, и сметаат дека само ефикасна, неселективна истрага и засилената битка со криминалот може да ја вратат довербата кај граѓаните.

СДСМ останува на ставот дека за ветинг за судството би можело да се разговара, но по добивањето на датум за почеток на преговорите со ЕУ.