1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

СДСМ и партнерите ќе градат нова стратегија

4 април 2017

Преку консултации со партнерите, СДСМ ќе гради стратегија за излез од ќорсокакот по вчерашната изјава на Иванов. И без санкции од ЕУ, Македонија веќе е во тешка состојба: економијата тоне.

https://p.dw.com/p/2ad2U
SDSM Parteizentrale, Skopje, Mazedonien
Фотографија: MAKFAX

Социјалдемократите од синоќа започнаа внатрепартиски консултации, кои денеска ќе ги продолжат и со партнерите од парламентарното мнозинство, со цел да најдат решение по вчерашната изјава на претседателот Иванов дека останува на истата одлука, односно дека нема да го даде мандатот за состав на влада. Ваквиот став Иванов го соопшти по едночасовниот тет-а-тет разговор со претседателот на Европскиот совет, Доналд Туск.

Од СДСМ не откриваат за каква стратегија размислуваат со цел да се излезе од ќорсокакот, но велат дека има повеќе модалитети за надминување на ваквата состојба и дека за тоа прво ќе разговараат со партнерите од мнозинството. 

Во недостиг на информации за разговорот Иванов -Туск зад затворени врати, засега се шират шпекулации: дека биле разменети далеку поостри тонови од оние во официјалните изјави по средбата, дека Туск на Иванов отворено и без ракавици му ги предочил сите ризици и последици за земјата од неговата одлука, но и дека Иванов, наводно, предупредил колкав мигрантски бран може да стигне до границите на Европа, ако ЕУ продолжи да се залага мандатот за состав на влада да го добие Заев.

Лошиот Хан и добриот Туск

Во провладини медиуми, изјавата на Туск се толкува како „многу подипломатска и со посмирен вокабулар, за разлика од оној на Федерика Могерини и Јоханес Хан“. Притоа, неговиот став дека Македонија треба да најде решение за внатрешните проблеми, се „чита“ како заклучок дека ЕУ конечно се уверила дека решението е во рацете на народот, односно на оние кои протестираат на улица. На тоа се додаваат и изјавите од вчерашниот протест на иницијативата „За заедничка Македонија“, со цел да се зацврсти таквото уверување во јавноста. 

Mazedonien Proteste der Anhänger von VMRO-DPMNE
Фотографија: DW/P. Stojanovski

„Му посакуваме добредојде на господинот Туск и му посакуваме добро да нѐ види колку сме, бидејќи ако повторно дојде некој Хан ние можеме да се собереме и во неколку пати поголем број. Се надеваме дека ги слушнал нашите пораки и ќе ги пренесе кај неговите колеги во Брисел, од кои дел од нив сигурно мислат дека лесно може да се справат со нас, иако 36-ти ден по ред им гарантираме дека не е така. Ќе продолжиме да им гарантираме, да покажуваме и докажуваме дека никој не може да ја сака оваа земја повеќе од нас самите и никој не може да се бори повеќе за неа од нас самите. Добронамерниците ќе ги пречекаме како што треба, оние другите како што заслужуваат“, е пораката од Богдан Илиевски, еден од организаторите на протестот.

Економија, што беше тоа?

Настрана од „народно-паушалното толкување“ на пораките од Туск, македонски дипломати уште вчера предупредија дека одлуката на Иванов значи збогување од вредносниот систем на ЕУ, а со тоа и од евроатлантскиот интеграциски пат, што земјата ја носи во ризична и неизвесна иднина, пред сѐ, во економска стагнација или назадување.

„Покрај тоа што во прашање е доведена препораката за почнување на преговори, ставот на Иванов ќе се одрази на економските односи, ќе предизвика пад на инвестициите, зголемување на каматите и најава на санкции“, изјави за ДВ, амбасадорот Виктор Габер.

Die Fabrik Jugohrom bei Tetovo Mazedonien.
Се заканува економска стагнација или назадување, предупредуваат аналитичаритеФотографија: DW/S. Toevski

Состојбите веќе подолг период се загрижувачки. Впечатокот го засили и последниот месечен извештај на Народната банка, кој покажа дека странските инвеститори од Македонија во своите компании во странство во јануари однеле 78,2 милиони евра. Тоа не е невообичаена постапка, но во споредба со другите извештаи, станува збор за највисока повлечена сума од 2011 година до денес. Долгото траење на кризата, политичката нестабилност и неизвесноста во која ќе се движи економијата, придонесе вкупниот резултат од странските вложувања во јануари да биде негативен. Таквото негативно салдо, односно поголемите одливи од приливи, на својот Фејсбук-профил го искоментира новинарот Владимир Петрески.

„Овој јануари и тоа се случи, и тоа износот на одлеаните средства воопшто не е мал. Знаело да се случи, на пример, месеци како април, мај или јуни да бидат со негативно салдо зашто тогаш странските инвеститори понекогаш ги репатрираат профитите (по објавувањето на ревидираните годишни сметки и со исплатата на дивидендите), ама не во јануари. Никогаш во јануари“, констатира Петрески.

Овие теми, за жал, се надвор од радарот од пратениците на ВМРО-ДПМНЕ. На конститутивната седницата на Собранието и денеска ќе продолжат со веќе слушнатите реплики, кои немаат врска со темата на дневниот ред. За дискусија се пријавени 50 пратеници, а досега своето право го искористија само четворица. Додека тие и натаму се посветени исклучиво на т.н. тиранска платформа, секој ден расте бројот на затворени објекти кои осамнуваат со натпис „објектот се издава“. Она што не се гледа во „излозите“, а го чувствуваат и малите и средни претпријатија, се нивните биланси и сѐ потешката можност да опстојат на пазарот и да обезбедат плати. За разлика од нив, пратениците три месеци не произведоа никакви резултати, но редовно земаат плата.