1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Светот на раб на бездна?

Матијас фон Хајн
8 февруари 2018

Меѓународниот поредок еродира, опасностите од сериозни конфликти се зголемуваат. Извештајот за безбедност дава отрезнувачка слика за состојбите во светот- и го налага тонот за следната безбедносна конференција во Минхен.

https://p.dw.com/p/2sKyG
Friedensnobelpreis 2017 an ICAN NGO Nukleare Abrüstung
Фотографија: picture-alliance/AP/Korean Central News Agency

Безбедносните експерти ретко кога се оптимисти, извештаите за безбедност исто така. Тоа важи и за новиот Минхенски безбедносен извештај. Насловен е: „До бездната и назад?" и покажува нова несигурност на хоризонтот. Светот во минатата година дошол значително поблиску до тешки оружани конфликти, пишува претседавачот со Минхенската безбедносна конференција, Волфганг Ишингер уште во самиот вовед - „премногу блиску". Притоа тој посочува на опасното натегање меѓу САД и Северна Кореја, на растечкиот ривалитет меѓу Саудиска Арабија и Иран, на тензиите меѓу НАТО и Русија во Европа.

Повлекување на САД

Како и во изминатите три години, Изврштајот е подготовка за Минхенската безбедносна конкференција која ќе се одржи кон крајот на следната недела. И на некој начин новиот извештај се надоврзува на минатогодишниот. Уште во февруари 2017 година авторите веќе предупредуваа дека САД со тогаш уште новата власт на чело со Доналд Трамп може да се збогуваат со нивната улога на гарант на меѓународната безбедност и нивната надворешна политика да ја направат унилатерална или дури националистичка. Годинава извештајот го констатира токму тоа: САД се повлекуваат од нивната лидерска улога.

Повеќе на темата:

-Претстои ли нов светски поредок?

-Надворешна политика на ЕУ без Трамп

-Итно потребни решенија за кризите

Deutschland Wolfgang Ischinger
Волфганг ИшингерФотографија: picture-alliance/dpa/A. Gebert

Тие покажуваат малку интерес за градење регионални или интернационални институции кои поставуваат правила за меѓународните односи. САД се збогуваа од една политика која се заснова на заеднички вредности, утврдува извештајот. За САД сега веќе се битни само заедничките интереси за одредени точки. Тоа оди рака под рака со значително помалиот интерес за дипломатија: буџетот за американското министерство за надворешни работи енормно е намален - истовремено трошоците за вооружување растат. Во извештајот се цитира американскиот експерт за надворешна политика Г. Џон Ајкенбери со констатацијата: „Најмоќната нација на светот почна да го саботира поредокот што самата го создаде."

Европејците пресечени?

За Европјаните тоа значи и дека посилно од до сега ќе мора да се грижат за сопствената безбедност. Извештајот потсетува на една забелешка од канцеларката Меркел по посетата на Германија од страна на претседателот на САД, Трамп во мај 2017: „Времињата во кои можевме комплетно да се потпреме на другите во делумно завршија". Сега, продолжи канцеларката, Европејците мора судбината да си ја земат во свои раце. Со тоа се мисли и на поголеми трошоци за вооружување. Кога сите членки на ЕУ и Норвешка би се држеле на т.н. цел од 2% и де факто два проценти од својата економска сила би трошеле за војската, давачките за оружје до 2024-та ќе пораснат за 50% на 386 милијарди долари. За да стане европската војска поефикасна, пред сѐ мора меѓусебно да е подобро поврзана. Авторите на извештајот тука гледаат „дупка во вмрежувањето и дигитализацијата". Само затворањето на оваа дупка би ги конзумирало дополнителните средства. Потребна е и консолидација на разгранетата европска индустрија за вооружување.
Извештајот дијагностицираше и почетоци на здружување на европската одбрана: 25 земји одлучиле во рамки на новооснованата т.н. Постојана структурирана соработка да ги координираат своите безбедносни и одбранбени политики на европска база. Франција и Германија сакаат заеднички да ја развиваат следната генерација на воени авиони. А, претседателот на Франција, Емануел Макрон, е силен поддржувач на идејата за заедничка европска армија.

G20 Gipfel in Hamburg | Trump & Merkel
Фотографија: picture-alliance/dpa/M. Kappeler

Климатски промени, конфликти, миграција

И во поглед на други теми новиот извештај се надоврзува на претходниот. Минатата година темите климатски промени и миграција добија голем простор. Во извештајот експлицитно се изразува жалење за истапувањето на САД од Парискиот договор за климата и тоа што во најновата национална стратегија за безбедност климатските промени не се наведени како безбедносен фактор.
Извештајот потсетува дека 2017 покрај 2015 и 2016  била меѓу најтоплите години од времето од кога се бележат такви податоци и дека била обележана од катастрофални невремиња, суши и поплави. Исто така извештајот посочува на корелацијата меѓу климатските промени и конфликтите. Климатските промени делувале како „засилувачи на конфликтите", се вели во него. „Продолжувањето на бројни долгогодишни вооружани конфликти се една од главните причини за миграција, протерување и глад", се констатира во делот на Извештајот посветен на Африка и на миграцијата.