Светот им оддава почит на жртвите на комунизмот
До падот на Берлинскиот Ѕид околу една третина од светското население живееше во комунистички земји. Колапсот на источниот блок го следеше процес на рехабилитација во кој Германија имаше посебна улога
Чешка: Меморијал на жртвите
Седум бронзени скулптури се поставени на бели скалници под прашкиот рид Петрин. Отворен во 2002 година, меморијалот е дело на скулпторот и поранешен политички затвореник, Олбрам Зулбек. Како што се наведува на постаментот, споменикот не им е посветен само на оние „затворени или егзекутирани, туку и на оние чиј живот беше уништен од тоталитарен деспотизам“.
Германија: Меморијалот Хоеншонхаузен
Повеќе од 11,000 луѓе беа затворени меѓу 1951 и 1989 во затворот на тајната полиција на поранешна ГДР, Штази. Претходно зградата била користена од советските окупациски сили како специјален камп за противниците на режимот. Оттаму, затворениците биле префрлани во поранешниот нацистички концентрационен логор Заксенхаузен.
Романија: Сеќавање на отпорот
Од 2016, овој 20-метарски споменик изработен од скулпторот Михаи Букулеи стои на пиедесталот каде некогаш се наоѓала статуата на Ленин во Букурешт. Сместен е пред една од најважните згради во сталинистичката ера, плоштадот Слободен печат. Иницијативата е идеја на Здружението на поранешни политички затвореници.
Албанија: „Куќа на листовите“
Во Тирана, првиот меморијал по падот на сталинистичкиот режим беше отворен во 2017 година. За време на нацистичката окупација, зградата била користена како затвор. По доаѓањето на власт на комунистите во 1945 година, тука биле затворани и измачувани луѓе. Подоцна зградата ја користела тајната полиција.
Казахстан: Жртви на гладот
Околу 1.5 милиони Казаци беа жртви на големиот глад во 1932/33 година, предизвикан од злоупотреби и принудна колективизација. Скулптурниот ансамбл во Астана им е посветен на жртвите. Беше отворен на 31 мај 2012, националниот ден на сеќавање на жртвите на политичката репресија.
Латвија: Меморијалот на слободата
„Милда“ е прекарот на овој 19-метарски обелиск на фигура на жена во Рига. Изграден е уште во 1930 година, пред советската окупација во 1940. Споменикот е централен потсетник за Летонците за нивната борба за слобода и само-определување. Во изминатите децении често служеше како почетна точка за протести и отпор.
Камбоџа: Жртвите на Кмер Руж
Околу 2,2, милиони Камбоџанци беа убиени за време на режимот на терор на Кмер Руж. Тоа е околу половина од целото население. По инвазијата на комунистичките трупи од Виетнам, човечките остатоци и скелети беа јавно откривани за да се документираат злосторствата. Дури и денес, многу масовни гробници и натаму се откриваат.
САД: Божица на демократијата
Оваа статуа во Вашингтон отворена во 2007, е реплика на „Божицата на демократијата“ изградена од кинеските студенти во 1989 година за време на крвавите протести на плоштадот Тјенанмен во Пекинг. Локални политичари соработуваа со европски борци за слобода како Вацлав Хавел и Лех Валенса за подигнување на овој споменик во САД.