1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Саудиска Арабија: нафтениот џин на маки

Николас Мартин/бг19 декември 2015

Благодарение на своите природни богатства Саудиска Арабија е богата и влијателна. Но ниските цени на нафтата, војната во Јемен и регионалните судири со Иран ја намалуваат нејзината моќ.

https://p.dw.com/p/1HMqv
Фотографија: Getty Images/AFP/Fayez Nureldine

Кога ќе биде завршена, Кралската кула ќе се вивне високо во небото. Со висина од еден километар, во 2019 година таа треба да биде највисоката зграда во светот. Тоа е Саудиска Арабија каква што ја посакуваат нејзините владетели: модерна, благородна и најдобра во сите можни категории. Но кулисите пред таквата реалност полека се уриваат: во октомври, Меѓународниот монетарен фонд предвиде дека авторитарното кралство ќе може да продолжи да троши со актуелното темпо само уште во следните 5 години, потоа неговите големи финансиски резерви полека ќе пресушуваат.

Но трендот во меѓувреме дополнително се влоши. Економскиот напредок на земјата може да се поврзе само со еден фактор: цената на нафтата. Речиси цела година цената на овој природен ресурс се движи меѓу 40 и 50 долари за барел. Всушност, цената неодамна падна и под 40 долари за барел - најниско ниво во последните 6 години - по состанокот на земјите-членки на ОПЕК во Виена. „Саудиска Арабија смета на цена од 80 долари за барел за да ги избалансира своите буџетски потреби“, вели Себастијан Сонс од Германскиот совет за надворешни односи. Проценките се дека само годинава буџетската дупка на Саудиска Арабија ќе изнесува околу 100 милијарди долари, што е еднакво на една петтина од вкупниот БДП на земјата.

Saudi-Arabien Kingdom Tower in Dschidda Prinz Alwaleed bin Talal
Макета на Кралската кулаФотографија: Getty Images/AFP/F. Nureldine

Нов бизнис модел

Од таа причина, консултантската куќа МекКинзи на почетокот на декември објави студија во која го повикува кралското семејство да не чека на зголемување на цената на нафтата, туку да иницира реформи што побрзо. „Чекањето состојбата во светот да се подобри не е опција“, вели директорот на МекКинзи, Џонатан Вецел.

„Принципот на субвенционирање 'за секого подеднакво' веќе не функционира“, вели Себастијан Сонс. Досега, државата имаше обичај да ја претвори нафтата во готовина и потоа да му раздели дел од тие пари на народот. Власта со години масовно ги субвенционираше своите потчинети, на тој начин одржувајќи ги цените на нафтата, гасот и водата неприродно ниски. Саудиската држава не наплаќа даноци на доход. „Саудиското општество стана расипничко“, вели Сонс. Но, тоа на некој начин им беше наметнато на луѓето преку субвенциите. „Сега одеднаш да се бара промена на курсот е политички невозможно“.

Тоа е особено тешко затоа што еден дел од општеството станува многу незадоволен. Официјално, невработеноста во земјата изнесува околу 6 проценти, но за младите под 26 години состојбата е далеку потешка. На крајот на 2014 година, во далеку подобри услови, околу 30 проценти од лицата под 26 години немаа работа. Фрустрацијата е голема, вели блискоисточниот експерт Сонс: „Секоја година околу 100 илјади млади луѓе дипломираат на универзитетите. Но тие не можат да најдат работа затоа што речиси сите сакаат да работат во јавниот сектор“. Причината е во тоа што платите во приватниот сектор се далеку пониски од државниот.

Saudi-Arabien Energie Ölraffinerie
Рафинерија во Рас Танура, Саудиска АрабијаФотографија: picture-alliance/Vioujard christian/Maxppp

Прагматизам или идеологија?

Саудиска Арабија е голема регионална сила. Зад својата јужна граница, Саудијците се борат против Хути-бунтовниците во Јемен. Над својата северна граница, државата се обидува да го сопре влијанието на Иран во регионот. Најважната војна во која земјата учествува индиректно се случува во Сирија. Јемен не само што е воена, туку е и финансиска катастрофа. Проценките се дека досега оваа војна чинела околу 50 милијарди долари, и уште најмалку 20 милијарди во Сирија. Сирискиот експерт и новинар Даниел Герлах неодамна за германските медиуми тврдеше дека Саудиска Арабија потрошила повеќе од 100 милијарди долари за војната во Сирија.

„Доколку се погледне економската состојба во Саудиска Арабија, следниот логичен потег би бил да се намали регионалната улога и да се усвои попрагматична надворешна политика“, вели Сонс.
Но во државните фондови се‘ уште има големи резерви. Минатата недела, кралството лансираше сателит во вселената. Тој е дел од огромната мрежа која се гради на 36 илјади километри над Земјата и чија цел е да ги подобри интернет-врските на Блискиот исток, Африка и Централна Азија - уште еден во редицата мултибилионски проекти на Саудиска Арабија.