1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Саудиска Арабија: Вистински напредок или мегаломанија?

Надер Алсарас
6 ноември 2017

Саудискиот престолонаследник планира својата држава да ја промени од темел. Реформските планови на неискусниот Мохамед бин Салман, познат и по импулсивноста, се сепак можеби преамбициозни, смета Надер Алсарас.

https://p.dw.com/p/2n5tO
Saudi Arabien Kronprinz Mohammed bin Salman
Фотографија: Getty Images/AFP/F. Nureldine

На Блиски Исток би требало да се гради нов град со футуристичко име - Неом, еден од најголемите проекти во регионот. Тоа го најави неодамна саудискиот престолонаследник Мохамед бин Салман. Сето звучи фантастично: новиот, модерен град ќе биде изграден во пустината во северозападниот дел од кралството и би требало да биде населен повеќе од роботи отколку од луѓе. Неговата изградба би чинела околу 500 милијарди американски долари, но без вклучување „традиционални“ инвеститори, туку само „визионери, кои сакаат да создадат нешто сосем ново.“

32-годишниот принц се смета за најмоќен човек во Ријад и решен е во своите настојувања да го модернизира конзервативното кралство. Не само економски, туку и општествено. Колку и да е планот за градење на Неом спектакуларен, уште поспектакуларна е неговата изјава дека  Саудиска Арабија ќе се врати кон поумерен ислам,  оној кој е отворен и за другите религии.

Неверојатни изјави

За заливското кралство, ова се сепак сосем нови изјави. Државата се смета за исклучително затворена. Таму веќе долго владее ултраконзервативно толкување на исламот - вахабизам. Оваа идеологија, благодарение на обилните нафтени приходи, кралството успешно ја извезуваше ширум светот. Меѓутоа, сега некои работи би требало да бидат олабавени. На пример,  жените наскоро ќе смеат да возат автомобил.  Престолонаследникот планира и изградба на туристички луксузен комплекс на Црвено Море, според меѓународни стандарди. Тоа значи - жените таму ќе смеат да носат бикини и ќе биде дозволено пиење алкохол. Сетоа ова претходно беше апсолутно незамисливо. 

Мохамед бин Салман сака да ѝ даде модерна физиономија на својата земја. Но, тоа иритира бројни скептици и критичари, кои во неговите планови гледаат само маркетинг-стратегија за привлекување повеќе инвеститори во земјата. Други во неговите намери за борба против верските екстремисти гледаат само изговор за отстранување на дисидентите и политичките противници. Неодамна беа уапсени бројни верски водачи, кои се сметаа за противници на режимот. 

Критиката упатена кон Салман не е целосно неоправдана. Вистинските промени мора да одат паралелно со многу други реформи, а тоа не е случај. Земјата е далеку од демократија и дом за човекови права. Со неговото брзо реформско темпо, саудиските власти се во опасност да ги свртат против себе конзервативните клерици и хардлајнерите, односно оние кои досега беа гаранти на неограничената моќ на кралството. Пред сѐ, намалувањето на влијанието на верската полиција, која до лани делуваше како самостоен полициски апарат и поседувше широки овластувања, би ги вознемирило конзервативните кругови во земјата.

Alsarras Nader Kommentarbild App
Надер Алсарас

Невозможно репрограмирање на менталитетот

Саудиското општество уште е многу конзервативно. Неговото отворање, наредено одозгора, би можело во краток период да предизвика социјални немири и да го доведе престолонаследникот во опасност. Луѓето не се роботи, оние кои би го населиле неговиот мега-град Неом. Менталитетот не може да се репрограмира со притискање на едно копче. И алудирањето на Бин Салман на исламската револуција во Иран, која ја обвинува за религиозен екстремизам во регионот, нуди сомнеж во неговите намери: дали навистина тој има доволно волја од Саудиска Арабија да направи толерантна и отворена држава или е сето само реторика за контрирање на заколнатиот непријател - Иран? За многумина набљудувачи, Мохамад, кој од својот татко, кралот Салман, доби широки овластувања, и натаму останува неискусен политички почетник, кој се преценил себе си, како на пример во војната против Хутите во Јемен, која ја предизвика во 2015. година како новоизбран министер за одбрана. Војната ја фрли оваа најсиромашна арапска држава во уште поголема беда, наместо „да ѝ ја врати надежта“, како што сугерираше името на воената акција.

Дали е во прашање самопреценување?

Активностите на Бил Салман би можеле да имаат и контрапоследици. За модернизација на една земја  потребно е повеќе отколку мегаломански проекти и неможно е нејзино спроведување во само неколку години. Желбата на Саудиска Арабија да стане независна од нафтата има смисла, но кон тоа стремеа и претходните владетели на оваа држава, речиси 40 години.

Останува неодговорено прашањето: дали мега-проектите на принцот воопшто е можно да се финансираат во време на стагнација на цената на нафтата, а растеж на дефицитот на кралството. Мохамед бин Салман и натаму ќе држи во тајност на каков начин планира „веднаш да ја уништи“ екстремната идеологија во Саудиска Арабија. Конкретни одговори нема. Токму затоа, храбрите зборови не звучат само политички наивно, туку даваат изглед на претерана самодоверба. Ни едното, ниту другото во политиката никогаш не проаѓале добро.