1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Самит на ЕУ: Со заедничко задолжување против коронавирусот?

Бернд Ригерт
26 март 2020

Досега во ЕУ не постоеа заеднички долгови. Германија секогаш била категорично против тоа. Ќе го смени ли ова корона-кризата? Денешниот самит на ЕУ (26.03) е во знак на потрага по пари.

https://p.dw.com/p/3a3vg
Symbolbild Eurobonds
Фотографија: picture alliance/dpa/J. Büttner

Третиот по ред вонреден самит на шефовите на држави или на влади на ЕУ веројатно ќе помине во контроверзна расправа. На првите два видео-конференциски состаноци се дебатираше околу конкретни мерки против ширење на коронавирусот, затворање на границите и солидарноста. Овој четврток (26.03) главна тема се парите. Станува збор за стотици милијарди евра за спас на работните места кои 27те земји членки на ЕУ им ги ветија на своите граѓани.

Девет земји сакаат еврообврзници

Италија, Франција, Шпанија и шест други земји се залагаат за заедничко задолжување со цел ублажување на до сега најголемата економска криза. Предноста на тие еврообврници или корона-обрзници, како што ги нарекува италијанскиот премиер Џузепе Конте, е за помалку солвентните држави и ќе значи дека би ги позајмиле од кредитно способните држави како Германија и Холандија. На овој начин, загрозените држави би добиле просечно ниска каматна стапка, но од друга страна Германија за ново задолжување во вид на обврзници би требала да плати повеќе од до сега. Германскиот министер за финансии Олаф Шолц од СПД, уште пред избивање на корона – кризата отфрли ваков вид на заедничко задолжување. Сега тој фронт може да се урне со оглед на огромната финансиска потреба на земјите од ЕУ.

Euroscheine
Фотографија: picture-alliance/dpa/U. Baumgarten

Има ли напредок?

Во меѓувреме, од владини кругови во Берлин пристигна пораката дека мора да се размислува за сите можни инструменти на финансирање, и дека веќе ништо не е исклучено. Берлин смета дека сѐ уште е рано да се одлучува околу еврообврзниците бидејќи мора да се исцрпат сите други извори на финансирање. Демохристијанските партии ЦДУ и ЦСУ кои заедно со социјалдемократите се дел од владината коалиција во Германија, во принцип се против заедничко задолжување бидејќи контролата на новиот долг и расходи станува многу потешка. „Никому не му ја давам својата кредитна картичка бидејќи не знам што сѐ може да направи со неа," го опиша проблемот еден дипломат во Брисел.

Повеќе:

-Германија ќе се брани од Ковид-19 со пакет од 1,100 милијарди евра

-Поради коронавирусот привремено суспендирана границата на задолжување во ЕУ

-ЕУ ќе ја поддржи економијата со сите средства 

Германскиот министер за економија Петер Алтмајер од ЦДУ натегањето околу заедничкото задолжување го нарече “нереална дебата“. Истовремено социјалдемократите во Бундестагот соопштија дека можат да замислат воведување на еврообврзници, но под одредени услови.

Кредитните линии од пакетот за спас?

Министрите за финансии во еврозоната не можеа да се договорат околу еврообврзниците до почетокот на самитот. Но, во вторникот навечер утврдија дека Европскиот механизам за стабилност (ЕСМ) – познат како пакет за спас на банките - може да се активира под одредени околности. Тешко погодените држави како Италија би требало како мерка на претпазливост да добијат кредитни линии кои би можеле да ги користатат тогаш кога каматните стапки на приватните финансиски пазари ќе станат превисоки за нив и кога ќе се соочат со опасност дека може не добијат нови заеми. Во ЕСМ пакетот се достапни 430 милијарди евра. Така на Италија, доколку не добие кредити на слободниот пазар, може да и бидат одобрени до 36 милијарди евра.

Италијанските економисти очекуваат дека длабоката рецесија како последица на коронавирусот ќе ги потресе банките на кои исто така ќе им треба финансиска помош од пакетот за спас. Холандскиот министер за финансии Вопке Хоекстра поради тоа предупредува да не се користи прерано ЕСМ. "Се возиме низ магла и не знам како ќе изгледа следниот дел од патот," рече министерот Хоекстра.

Пари од Европската централна банка

Шефовите на држави и влади на видео-самитот во четврток веројатно нема да донесат никаква одлука, проценуваат дипломати во Брисел. Тие само ќе им ја вратат топката назад на министрите за финансии во еврозоната. Сега државите смеат да прават нови задолжувања поголеми од 3% од нивиот годишен БДП. Европската комисија веќе ја активираше клаузулата за случај на опасност од пактот за стабилност на еврозоната. Европската централна банка најави дека и ќе печати пари и ќе купи нови државни и корпоративни обврзници за 750 милијарди евра. Тоа на земјите од еврозоната, барем за почеток, ќе им даде барем малку простор за делување.

Europäische Flagge mit Euro Münzen
Фотографија: picture-alliance/dpa/K. Ohlenschläger

Потребен план за излез од кризата

Нејасно е колку долго членките на ЕУ ќе може да држат чекор со драстичните мерки за сузбивање на коронавирусот. За тоа се шпекулира веќе со недели, па и месеци. „Немаме временска рамка“, вели еден ЕУ дипломат во Брисел. Судејќи по содржината на нацрт заклучоците во декларацијата, шефовите на држави и влади ќе се повлечат од целата приказна и ќе и ја префрлат топката на Европската комисија. Сакаат да и дадат задача да развие стратегија за излез од корона-модусот.

Кога повторно ќе се отворат границите, кога повторно ќе може да се патува, кога ќе се врати секојдневието за учениците, студентите и работниците? Можен одговор на ова прашање даваат евро-дипломати: „Најпрвин мора да одредиме кој ќе биде степенот на инфекција на кој ќе можеме да го вратиме животот во нормала."

Во нацрт соопштението од денешниот самит стои ветување на шефовите на држави и влади на ЕУ: „Ќе сториме сѐ што е потребно за да ги заштитиме нашите граѓани и да ја надминеме кризата. Сметаме и на чуството за одговорност на сите граѓани на ЕУ во овие тешки моменти."

Сите други теми се одложени за наредниот самит. На денешната видео-конференција (26.04) , шефовите на држави и влади на ЕУ нема да се договорат ниту околу најавениот почеток на пристапни преговори со Северна Македонија и Албанија, ниту за буџетот за периодот од 2021 – 2027 година. Германската канцеларка Ангела Меркел која е во карантин на видео-конференцијата ќе се вклучи од нејзиниот дом во Берлин.

 

Riegert Bernd Kommentarbild App
Бернд Ригерт Дописник од Брисел со фокус на луѓето, приказните и политиката на Европската Унија