Самит во Сингапур: Големото исчекување
11 јуни 2018Прво стигнаа колоните возила, потоа пристигна храната за Ким Јонг Ун, потоа диктаторот лично и на крајот Трамп. Наместо со својот Иљушин, Ким пристигна со авион на Ер Чајна, а од аеродромот до хотелот неговата лимузина беше придружувана од познатиот кордон телохранители кои трчаат покрај возилото.
Улиците околу хотелите каде што се сместени лидерите на САД и на Северна Кореја се блокирани, безбедносните мерки во Сингапур, кои и онака се навистина големи, се дополнително заострени. „Полицијата, воените сили и сите припадници на безбедносните служби се во акција“, изјави претставник на сингапурските безбедносни сили, наведувајќи дека подготовките се направени во тесна соработка со безбедносните тимови на САД и на Северна Кореја.
Денешниот ден е време за средби пред големата средба. Американскиот претседател Трамп разговараше со сингапурскиот премиер Ли Хсиен Лунг. „Извонредно е да се биде во Сингапур. Во воздухот лебди возбуда“, напиша Трамп на Твитер. Севернокорејскиот властодржец Ким со Ли Хсиен Лунг разговараше претходно, веднаш по своето пристигнување во Сингапур.
Повеќе:Што би можеле да се договорат Трамп и Ким?
Делегациите на САД и Северна Кореја имаа уште една, последна средба пред големиот самит. Американската делегација ја предводеше амбасадорот на Филипините, Сунг Ким, кој важи за докажан експерт за Корејскиот Полуостров. Тој во 2008 година беше именуван за специјален пратеник за Северна Кореја и, меѓу другото, има работено и како амбасадор во Јужна Кореја.
Шефот на американската дипломатија Мајк Помпео, зборувајќи за ставот на САД, на Твитер напиша: „И натаму се залагаме за целосна и неповратна денуклеаризација на Корејскиот Полуостров, која ќе може да се докаже“. Двете страни различно го дефинираат поимот денуклеаризација. Пјонгјанг смета дека тоа е процес кој треба да оди во фази.