Добро пресметано во апокалипса?
14 април 2017Кој би го помислил тоа? Токму на Велики Четврток на почестокот на Велигденските празнувања, САД како "God's own country" и како самонаречен чувар на христијанските вредности за првпат ја употребија својата најголема не-нуклеарна бомба. Експлозијата на „мајката на сите бомби“ во источен Авганистан била гигантска, велат очевидци. Вистинските причини за ваквиот потег сѐ уште не се целосно јасни. Но, она што на прв поглед изгледа како натамошно посегање во мистериозниот ковчег со изненадувања на американскиот претседател Доналд Трамп, овојпат сепак би можело да следи една воено-политичка логика.
Зашто целта е промислено избрана. Мега-бомбата погоди вкопани бункери и пештерски-позиции на терористичката милиција Исламска држава во граничниот регион кон Пакистан- појдовна точка за најкрвавите напади кои во моментов го потресуваат Авганистан. Кој тука би кажал, дека погодени се погрешни? Согласно тоа, американската војска нема да се соочи со голема меѓународна критика за овој потег, дури и ако тој е само на еден чекор под нуклеарниот праг- што всушност би требало да биде шокирачки!. И токму затоа „мајката на сите бомби“ испраќа наполно пресметан сигнал на сурова сила и решителност. Пред сѐ Северна Кореја и Русија би морале да се чувствуваат засегнати.
Предупредување до Москва и Пјонгјанг
Во Москва на денешен Велики Петок се одржува меѓународна конференција, која конечно би требала да донесе мир во од војна опустошениот Авганистан. Но поинако отколку на поранешните, слични средби на други места, на оваа конференција не учествуваат ни САД ниту останатите НАТО-држави кои имаат стационирано војници во Авганистан. Русија изгледа како да ја презема иницијативата во закочените преговори- поради добра причина: Авганистан се наоѓа опасно блиску до нејзините порти. Тоа веројатно многу го нервира Вашингтон. Употребата на мега-бомбата сигурно важи како соодветно средство, да им се покаже како на Москва, така и на властодржците во Кабул дека САД не се подготвени да се откажат од позициите на Хиндукуш.
Уште понатаму на истокот на Азија, облакот над местото на детонацијата на бомбата би можел да биде виден како предвесник на една уште поголема криза. САД веќе испратија воени бродови во водите околу Северна Кореја, додека Пјонгјанг се заканува со нов атомски тест. Трамп контрира со нему својствената куса реторика: САД ќе се справат со Северна Кореја.
Играње со оган?
„Мајката на сите бомби“ како заканувачка кулиса за воена размена на удари со нуклеарна сила како Северна Кореја? Реакцијата на некои високи американски генерали покажува дека челниците на американската војска стравуваат токму од вакви интерпретации. Тие не сакаат на потегот да му се дава толку високо значење. Мега-бомбата е само најсоодветното средство за делостворно справување со исламистичкото упориште. Погледнато од чисто воена логика, тие сигурно се во право. И владата во Кабул може да се радува за поддршката од Вашингтон, без оглед на тоа што најголемата опасност за неа не доаѓа од борците на ИД во источен Авганистан, туку од талибанците, кои се активни речиси насекаде во земјата. Така останува само да се заклучи дека по експлозијата на мега-бомбата, патот кон употреба на нуклеарни боеви глави како следен степен на ескалација ниту од далеку не е отворен, или уште подобро во моментов речиси незамислив. Преостанат ризик меѓутоа и натаму постои. Имено кој може 100-процентно да гарантира дека никој натамошно нема границата да ја помести нагоре и на еден напад ќе одговори со уште поголеми бомби, ако има средства и волја за тоа? Тогаш опасноста од апокалиптични размери е непосредна.