1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

САД во шок по трагедијата во Тусон

9 јануари 2011

Американска конгресменка Габриел Гифордс се бори за живот во болницата во Тусон по вооружениот нападот во кој беа убиени 6 а повредени уште 12 лица . Полицијата се сомнева дека младиот напаѓач не дејствувал сам.

https://p.dw.com/p/zvNZ
Фотографија: AP

На паркингот пред трговскиот центар во Тусон беа собрани десетици луѓе на средбата на која ги покани конгресменката од редовите на Демократската партија Габриел Гифордс. Нешто по десет часот по локално време се појави млад човек со пиштол и она што се случуваше потоа го опишува очевидецот Стивен Рајл:

Anschlag Arizona USA Gabrielle Giffords
Фотографија: AP

„Погледнав нагоре токму кога напаѓачот пукаше во конгресменката Гифордс. Тоа беше нереален момент.“

Напаѓачот ја погоди 40 годишната политичарка во главата, а потоа започна да пука околу себе во насобраните луѓе, притоа повредувајќи 18 лица од нив шестмина смртно. Конечно две лица го совладале 22 годишниот пукач. Во спротивно, тој ќе застрелал уште повеќе луѓе, соопшти полицијата.

Обама: Трагедија за целата земја

Со часови потоа не беше јасно дали пратеничката Гифордс е мртва или го преживеала нападот. Надлежниот лекар во универзитетската клиника во Тусон, Питер Ре подоцна им стави крај на шпекулациите:

„Состојбата е критична. Неврохирурзите ја завршија операцијата. Јас сум воздржано оптимистичен дека ќе преживее.“

Габриел Гифордс е меѓу дванаесетте тешко повредени лица во нападот. Шестмина загинаа, меѓу нив едно деветгодишно девојче и најважниот сојузен судија во Аризона. Попладнето во Белата Куќа, видно потресен пред новинарите се појави претседателот Барак Обама, инаку партиски колега на повредената конгресменка: „Ова е трагедија за Аризона и трагедија за целата земја“, рече Обама.Тој во Тусон веднаш го испрати шефот на сојузната полиција ФБИ.

Напаѓачот не дејствувал сам?

Anschlag Arizona USA Gabrielle Giffords
Габриел ГифордсФотографија: dapd

Џеред Ли Лофнер, 22 годишниот напаѓач, се наоѓа во притвор во градот. Надлежниот шериф Кларенс Дупник смета дека тој бил психички нестабилен:

„Тој имал проблематично минато. Но, сметаме дека не дејствувал сам. Има укажувања дека на местото на злосторството дошол со друго лице.“

Полцијата сега трага по тоа лице, за кое се верува дека е белец на возраст од околу 50 години. Напаѓачот Лофнер молчи и досега го нема откриено зошто сакал да ја убие конгерсменката од Демократската партија Гифордс , која е многу ценета и од Републиканците. Шерифот Дупник смета дека една од причините за злосторството е вжештената политичката клима во земјата. Во Аризона минатата година во сила стапи особено остриот закон за доселување и спорот околу него длабоко ја подели сојузната држава.

Како реакција на нападот во Тусон , републиканците најавија дека наредната недела во Претставничкиот дом на Конгресот нема да гласаат за повлекување на здравствената реформа на претседателот Обама, како што претходно беше планирано.

Автор: Ана Енгелке/ Симе Недевски

Редактор: Трајче Тосев