Рускиот воен крстосувач „Москва“ сериозно оштетен
14 април 2022Најважниот брод на руската црноморска флота, ракетниот крстосувач „Москва“ е тешко оштетен по експлозија на него. Новинската агенција Интерфакс, повикувајќи се на информации од руското Министерство за одбрана, пренесува дека експлодирала муниција на бродот по претходно избиен пожар. Целокупната посада била спасена, а во меѓувреме се истражуваат причините за пожарот и есплозијата.
Неколку часа претходно Киев објави дека рускиот ракетен крстосувач е погоден од ракетна батерија на украинската морнарица. Воениот брод „Москва“ има посада од преку 500 морнари, изјави советникот на украинскиот претседател, Олексиј Арестович вчера во едно интервју. Бродот учествувал меѓу другото во освојувањето на украинскиот Остров на змиите во Црното Море на почетокот на руската инвазија врз Украина пред околу седум недели, при што беа заробени 19 припадници на украинската морнарица кои подоцна беа разменети за руски затвореници.
Советникот на украинскиот министер за внатрешни работи, Антон Херашченко, во објава на социјалните мрежи навести дека рускиот ракетен крстосувач бил погоден од ракета од типот Нептун, украински сопствен модел со акционен радиус од 280 километри.