Руската тајна служба добива целосна интернет-контрола?
21 октомври 2013ФСБ од 1 јули 2014 година ќе може да ги контролира сите ИП-адреси и телефонски броеви, како и имејл адреси, а ќе може да надгледува и податоци од социјалните мрежи, телефонирањето преку интернет и од чет-разговорите, пишува „Комерсант“. Понудувачите на телекомуникациски услуги намерата ја критикуваат како кршење на уставот. Во парламентот, освен тоа, има и предлог закон кој дозволува ФСБ во потрагата по организатори на сајбер напади и терористички и екстремистички групи, да смее да ги користи социјалните мрежи.
Експертите предупредуваат дека безбедносните служби ќе ги надгледуваат без знаење на провајдерите телефонските и интернет врските уште во текот на Зимските олимписки игри во Сочи, во февруари 2014 година. Според рускиот експерт, Андреј Солдатов, властите со помош на системот познат под кратенката СОРМ, ќе може да ги надгледуваат спортистите и посетителите. Системот СОРМ беше првично развиен од страна на советската тајна служба КГБ во 1980-тите. Во последно време тој беше модернизиран, со цел, меѓу другото, да се шпионираат руските опозиционери.