1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Религија

Руската православна црква ќе му одговори на Вартоломеј

ЕМФ / кна
15 октомври 2018

Светиот синод на Руската православна црква денеска во Минск ќе го даде својот одговор на иницијативата на вселенскиот патријарх Вартоломеј за создавање самостојна украинска црква.

https://p.dw.com/p/36Xlt
Russland Flagge neben Kreml-Kirche
Фотографија: picture-alliance/dpa

Од сребата на Светиот синод на Руската православна црква во Минск се очекува заострување на санкциите на РПЦ против Константинопол кои беа донесени во септември.

Рускиот патријарх Кирил изјави дека очекува добар исход за својата црква. „Ние сметаме дека ниту една секуларна сила која се обидува да ја уништи црквата нема да има успех“, изјави црковниот поглавар во текот на викендот. Според него, ситуацијата во Украина е тешка, но црквата ќе го преживее и овој „тежок испит“ , како и други во минатото.

Рускиот митрополит Иларион веќе зборува за расцеп на црквата. Признавањето од страна на Константинопол на двајца украински црковни лидери кои се одговорни за расцепот „не ни остава простор да бидеме обединети со патријархатот од Константинопол“, изјави митрополитот за руската телевизија.

Во украинскиот главен град Киев, пак, вчера се собраа илјадници луѓе за да му заблагодарат на Константинопол за одлуката. Тие ја славеа одлуката на Константинопол за основање обединета, самостојна православна црква во Украина.

Paris Weihe russisch-orthodoxe Kirche Patriarch Kyrill I.
Рускиот патријарх Кирил очекува добар исход за својата цркваФотографија: picture-alliance/dpa/C. Petit Tesson

Светиот синод, под раководство на почесниот поглавар на светското православие, патријархот Вартоломеј Први од Константинопол, во четвртокот во Истанбул призна две од православниот московски патријархат отцепени цркви во Украина. Беше укината црковната забрана што Руската православна црква ја имаше изречено против украинскиот патријарх Филарет од Киев и првиот човек на помалата, уште во 1920 година основана „Украинска автокефална православна црква“, митрополитот Макариј.

Вселенскиот патријарх Вартоломеј дава поддршка за создавање автокефална украинска црква. Руската православна црква, пак, сака да ја задржи јурисдикцијата врз црквата во Украина. Московскиот патријархат ја смета источноверопската земја за своја канонска територија.

На средината од септември руската црква првпат во поновата црковна историја се закани официјално со целосен прекин на односите со Константинопол. „Во случај патријархатот од Константинопол да продолжи со своите противправни активности на територија на украинската православна црква, ќе бидеме принудени целосно да ја прекинеме евхаристичката заедница со патријархатот од Константинопол“, беше соопштено од страна на Светиот синод на РПЦ.