Руската корона-вакцина: успех или ризик?
11 август 2020Повеќе од 170 проекти ширум светот интензивно работат на изнаоѓање на соодветна вакцина против коронавирусот САРС-КоВ-2. Според списокот на СЗО од јули, шест кандидати за вакцини веќе ја достигнале одлучувачката трета фаза на студиите или веќе се среде таа фаза.
Но, дури и ако сите процедури екстремно се забрзаат, нова вакцина не се очекува до крајот на годината или на почетокот на 2021.
Што планира Русија?
И покрај бројни неизвесности во врска со безбедноста, Русија во забрзан процес на одобрување, едноставно ја прескокна одлучувачката проверка на безбедноста и ја одобри првата вакцина за коронавирусот.
Веднаш по одобрението, Русија планира да ја тестира вакцината кај поголема група луѓе.
Според руското министерство за здравство, тестовите на околу 800 луѓе треба да ги потврдат резултатите од првите студии.
Нормално, постапката за одобрување предвидува кандидатите за вакцини да добиваат одобрение само по помината трета фаза на студиите. Во таа фаза вакцината се тестира на илјадници испитаници, затоа што ова е единствениот начин да се забележат и поретките несакани ефекти.
Повеќе:Русија сака да започне со масовно вакцинирање во октомври
Од октомври, според руското министерство за здравство, најнапред ќе бидат вакцинирани лекарите и наставниците а потоа постепено и остатокот од населението. На почетокот на годината, според руското министерството за индустрија, месечно на расплоагање ќе стојат „неколку милиони“ дози на вакцината.
Според официјалните бројки, Русија досега има регистрирани 900.000 случаи на Ковид-19, 15,000 Руси починале од болеста - односот на стапката на смртност и бројот на инфекции останува забележливо низок.
Каква вакцина одобри Русија?
Вакцината „Гам-КОВИД-Вац Лио“ е таканаречена векторска вакцина, изработена во московскиот институт за епидемиологија „Гамалеја“.
За ваквата векторска вакцина, опасните гени на болест се отстрануваат од вирусите, а она што преостанува е еден вид возило за транспорт на вирусите, кое лекарите го нарекуваат „вирусен вектор“.
Овие безопасни вектори потоа дополнително го содржат и генетскиот материјал на вирусот со соодветни упатства за склопување: Ако вакцината треба да биде насочена против сипаници, во геномот на вирусниот вектор се додава ген на сипаници; кај вакцини за САРС-КоВ-2, се додава соодветниот ген на коронавирусот.
Повеќе:
-СЗО очекува вакцина за коронавирусот на почетокот на 2021
-Забрзува трката по вакцина против коронавирус
Телото на вакцинираната личност го препознава вметнатиот генетски материјал и создава антитела и специфични Т-клетки против овој антиген. Значи вакцинскиот антиген се произведува од сопствените клетки на вакцинираната личност.
Користењето на веќе познати вектори, како што е сега случајот во Русија, заштедува време бидејќи нивната безбедност е веќе тестирана. Сепак, секогаш може да има несакани ефекти кај векторски вакцини, на пример, ако имунолошкиот систем ги напаѓа и векторите.
Дали руската вакцина е безбедна?
Нетранспарентната информативна политика на Русија при справувањето со коронавирусот, не изгради голема доверба, барем во странство.
Доверливи резултати од истражувањата при клиничките тестирања на луѓе не беа објавени. Познато е само дека вакцината е тестирана на 38 лица од јуни наваму и оти официјално нема никакви несакани ефекти. Што всушност би било неверојатно, бидејќи кај сите вакцини всушност се појавуваат некакви несакани ефекти, дури и ако тоа е само оток на местото на инјектирање.
Исто така не може вистински да се каже дали, на пример, пациенти со претходни заболувања добро ја поднесуваат вакцината и дали таа всушност е ефекикасна. За да ја потенцираат довербата во новоразвиената вакцина, покрај 38-те тестирани доброволци се вакцинираа и некои познати лица и функционери во Русија - меѓу нив и развивачот на вакцината Александар Гинзбург и една од ќерките на претседателот Путин.
Како реагираат странските експерти на брзото одобрение за руската вакцина?
Постојат големи стравувања дека Русија презема преголем ризик со забрзаниот процес на одобрување на вакцината.
Согласно тоа, Светската здравствена организација (СЗО) побара од Русија да се придржува кон утврдените упатства за производство на безбедни и ефикасни лекови. „Секоја вакцина треба секако да помине низ сите различни испитувања и тестови пред да биде одобрена за воведување на пазарот“, рече портпаролот на СЗО Кристијан Линдмајер во Женева.
Повеќе:Германија: Тест-вакцина против Ковид-19, резултати во август
Постои разлика меѓу тоа дали навистина е најдена функционирачка вакцина која поминала низ сите пропишани фази на тестирање, или дали има само претпоставка оти е пронајдена таква вакцина, истакна Линдмајер.
Доколку вакцината, која е одобрена без сеопфатни тестови за безбедност, предизвика сериозни несакани ефекти или се покаже како неефикасна, тоа би можело тешко да го погоди не само руското население.
Имено неуспехот на вакцината би можел да ги зголеми и задршките на луѓето кон други вакцини и генерално масовно да му наштети на прифаќањето на вакцинацијата против Сарс-Ков-2.