Русија „ја мерка“ и Гагаузија
23 март 2015Европа е далеку од автономната територијална единица Гагаузија, на југот на Молдавија. Тоа јасно се покажа на почетокот на минатата година кога на референдум 98 проценти од населението се изјасни за приближување кон Руската федерација. Неодамна спроведена анкета покажа дека едвај два проценти од населението се изјаснува позитивно за Договорот приближување кон ЕУ, додека огромното мнозинство посакува царинска унија со Русија, Белорусија и Казахстан. На тоа подрачје живеат околу 160 илјади луѓе, мнозинството се Гагаузи, православни христијани од турско потекло.
За разлика од Приднестровјето, кое по крвавата граѓанска војна во 1992 година еднострано се отцепи од Молдавија, Гагаузија како автономен регион остана во составот на Молдавија. Но, со оглед на кризата во Украина, и во Гагаузија се видливи засилени сепаратистички тенденции. Не е тајна дека Москва се ангажира во Гагаузија за да го ослабне влијанието на молдавската влада.
Проруски кандидат
На изборите за гувернер на Гагаузија една кандидатка имаше најголеми шанси за победа, тоа е Ирина Влах. Околу 60 проценти од Гагаузите уште во првиот круг би гласале за неа, покажаа анкетите. Првичните резултати од неделните избори ги потврдија резултатите од анкетите. Влах победи убедливо, со освоени околу 53 проценти од гласовите. Оваа социјалистичка политичарка не добива поддршка само од проруските молдавски партии, туку и од Москва. Руските парламентарци повеќе пати доаѓаа во главниот град Комрат и отворено се вклучуваа во изборната кампања. Молдавската проевропски ориентирана влада во тоа гледа јасно мешање на Русија во внатрешните работи на земјата и стравува дека од раст на сепаратистичките тенденции.
За молдавскиот публицист Николае Негруа руската „предизборна помош“ во Гагаузија е јасна провокација. Во разговор за ДВ, Негру тврди дека Москва се обидува да го инструментализира тоа автономно подрачје против владата во Кишињев.
И политикологот Корнелиу Киуреа гледа слична тенденција од Москва, но тој ја критикува и молдавската влада. Вечното ривалство на ткн. проевропски партии во Кишињев и нивната незаинтересираност за регионот, ја уништија довербата на Гагаузите во молдавската влада.
И најновите изјави на рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров не придонесоа за намалување на тензиите. Лавров за руска телевизија изјави дека Москва мора посилно да се насочи кон интересите на некои подрачја во регионот, пред се во Гагаузија, поради Договорот на Молдавија со ЕУ.
Предупредувања од Берлин
Во Германија изборите во Гагаузија беа следени со внимание. Според известувачот на Бундестагот за Молдавија и Украина, Бернд Фабритиус, изборната победа на Ирина Влах може да доведе до радикализација на барањата на автономната област кон Кишињев, и барања за поголема самостојност. „Со тоа што социјалистите се финансираат од Москва, сценариото за анексија станува сѐ пореално“, вели Фабритиус.
Претседателот на германско-молдавскиот форум Манфред Грунд, од друга страна, во настојувањата на Москва да им помогне на проруските сили да дојдат на власт не гледа опасноста за отцепување како во случајот на Приднестровјето.
„Побрзо би можело да се говори за обид да се изврши притисок врз Кишињев и да се дестабилизира земјата“, вели Грунд.