Рохани го критикува популизмот на Ахмадинеџад
17 август 2013Сите официјални претставници на Иран би требало да бидат претпазливи во своите надворешнополитички изјави, бара новиот ирански претседател Хасан Рохани. „Секоја, макар и мала грешка во надворешната политика би можела да не‘ чини скапо“, изјави денеска (17.08) Рохани при претставувањето на својот нов министер за надворешни работи, Мохамед Џавад Зариф.
Рохани го критикуваше популизмот на својот претходник Махдмуд Ахмадинеџад на полето на надворешната политика. Аплаузот што толку многу сакаше да го добие, Ахмадинеџад можеше да го ожнее на друго место, рече Рохани: „Надворешната политика, во секој случај, не е терен за популистички слогани, туку за промислени изјави“, ја пренесува новинската агенција Мехр изјавата на Рохани.
Според новиот ирански претседател, во Иран не би смеело секој што извршува некаква функција да се изјаснува за надворешнополитички прашања. „Цената за тоа не ја плаќаат тие, туку народот“, вели Рохани, кој уште на својата прва прес-конференција по стапувањето на функцијата се покажа помирлив и рече дека сака бргу да стави крај на спорот со Западот околу нуклеарната програма на неговата земја.