1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Рикер: Никој друг не може да го решава спорот за името

2 декември 2011

Македонија и Грција се страните што треба да работат на надминување на спорот со името, изјави Филип Рикер, заменик-помошник државен секретар на САД, јавува Гласот на Америка на македонски јазик.

https://p.dw.com/p/13LIp
Филип Рикер како амбасадор на САД во Македонија во 2009 годинаФотографија: Petr Stojanovski

На средба со новинарите во Вашингтон, поранешниот амбасадор на САД во Македонија Рикер рече дека решавањето на проблемот не е нешто што некој друг може да го направи.
„ Ние тоа не можеме да го сториме за двете земји. Веќе повеќе години ги
поттикнуваме. Аплаудиравме на напорите на сега веќе поранешниот премиер
Папандреу и премиерот Груевски да се среќаваат и да дискутираат за
прашањето, а секако продолжуваме да ги поддржуваме напорите на посредникот на ОН Метју Нимиц“, рече Рикер, јавува Гласот на Америка на македонски јазик.

Одлуката на судот во Хаг нема да промени многу

Пред две недели, на конгресен распит за состојбите на Балканот, поранешниот
амбасадор во НАТО Курт Вокер предложи САД и ЕУ координирано да извршат
притисок и да ја реафирмираат валидноста на Времената спогодба, со што
Македонија најпрвин би влегла во НАТО под референцата БЈРМ, а потоа би се
решавал спорот околу името.
Запрашан за ваквата варијанта, особено во контекст на претстојната пресуда
на Меѓународниот суд на правдата, Рикер потсети на условот на НАТО – прво
решение за името, па потоа покана за членство.
„ За Меѓународниот суд на правдата, не би сакал да прејудицирам за одлуката.
Но, основната ситуација е иста: НАТО мошне јасно наведе и во бројни прилики
повтори дека Македонија ќе добие покана да се приклучи по решавањето на
прашањето со името. Ние ќе продолжиме да ги охрабруваме Македонија и Грција да соработуваат за да најдат решение што одговара на обете страни, а ние тоа ќе го прифатиме“, рече Рикер.

Автор:СН/ЖА/воа/мф

Редактор: Симе Недевски