1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

ЕУ ќе мора повеќе да се ангажира во Македонија

Зоран Јордановски21 мај 2015

Секоја варијанта што ќе ја произведат самите Македонци е попозитивна за демократијата и за институциите во таа земја, отколку наметнување однадвор. Не е само ЕУ одговорна за земјата, вели во разговор за ДВ, Душан Рељиќ

https://p.dw.com/p/1FTUV
Dusan Reljic
Фотографија: DW

ДВ: Пред два дена во Брисел учествувавте на трибина посветена на состојбата во Македонија, заедно со Никола Димитров (поранешен амбасадор и македонски преговарач во спорот со Грција околу името) и Ерван Фуере (поранешен претставник на ЕУ во Македонија). Какви ставови доминираа?

Д. Рељиќ: Во европските институции и во претставништвата на други држави во Брисел има зголемено интересирање за случувањата во Македонија. Она што најмногу ги интересираше луѓето на трибината во Центарот за истражување на европската политика во Брисел (ТЕБС) е дали може да се очекува пораст на насилството во Македонија и дали може да се очекува промена на режимот. Добив впечаток дека повеќето од учесниците во расправата не очекуваат пораст на насилството, не веруваат оти може да дојде до повторно избивање на албанско-македонски оружен судир, но и дека постои сомневање во брз расплет на кризата на власта во Македонија. И, постои секако очекување дека ЕУ мора повеќе да се ангажира на лице место за работите да не тргнат по некој хаотичен тек.

ДВ: Каков е Вашиот став, дали меѓународната заедница требаше порано да се ангажира околу Македонија, оти работите таму не тргнаа од вчера во погрешна насока?

Д. Рељиќ: Тука проблематичен аспект е дека сите држави сакаат да бидат суверени и преку своите политички институции, пред се’ парламентот, да водат политика со што помалку мешање од страна. Се разбира, ЕУ и Западот мораат да го уважуваат тој темелен факт. Од друга страна, во постјугословенскиот простор ретко која држава може да каже за себе дека има целосен внатрешен и надворешен суверенитет. Тоа го нема никој на светот, но посебно во тој регион сите решенија за судирите произлегоа од силното мешање однадвор, како Охридскиот рамковен договор во Македонија во 2001, и оттогаш натаму секое внатрешно прашање истиот момент станува и надворешно, поради присуството на меѓународниот фактор. Имам впечаток дека мнозинството во Брисел смета оти е недоволно посредувањето меѓу скараните страни во Скопје да му се препушти само на Европскиот парламент, на тројцата пратеници во ЕП. Веројатно сега дојде моментот кога повереникот на ЕУ за надворешно-политички прашања госпоѓа Могерини би требало да ја преземе работата во свои раце и многу повеќе да се ангажира отколку до сега.

ДВ: Европската комисија и досега во извештаите за напредокот на Македонија предупредуваше на негативните тенденции и состојби во некои клучни области: медиуми, правосудство и сл. Значи, и во Брисел одамна се свесни дека Македонија де факто назадува во процесот за евроинтеграција. Дали Комисијата немаше средства на располагање за порано да ги запре тие негативни тенденции?

Д. Рељиќ: Не верувам, од две причини. Извештаи се производ на бирократско усогласување меѓу разни тела на Европската комисија, од кои произлегува документ со бирократски речник што обичен смртник тешко може да го разбере. Извештајот е инструмент кој треба да ги поттикнува земјите, но честопати се покажа како неефикасен. Македонија шест пати добиваше препораки од Европската комисија за почеток на преговори за членство, но Европскиот совет, значи земјите-членки, не ги уважи поради ветото на Грција во спорот околу името. Од друга страна, во Македонија веќе неколку години има тенденција на слабеење на институциите - пред се’ парламентот, но и правосудството и се’ друго што сочинува една функционирачка демократија. Дали е тоа производ само на оддалечувањето од ЕУ и НАТО, или и на лошата економска состојба и јакнењето на власта на една партија, на еден човек - за тоа може да се расправа. Но, не е само ЕУ одговорна за околностите во Македонија. На прво место се одговорни самите Македонци.

ДВ: Негативните тенденции во Македонија започнуваат по 2008. година и самитит на НАТО во Букурешт, кога беше речиси готова работа приемот на земјата, но тоа изостана поради грчкото вето. Во меѓувреме меѓународната заедница ја игнорира и јасната пресуда на Меѓународниот суд на правдата во полза на Македонија во спорот со Грција. Не беше ли грешка толку да се застане на страната на својот сојузник, а против одлуката на сопствената највисока судска инстанца?

Д. Рељиќ: Во меѓународните односи ретко владее правда или чувство за тоа што е праведно, па дури ни меѓународното право не доаѓа толку често до израз. Меѓународните односи и натаму се пред се’ одраз на моќта на поедини држави или на констелацијата на односите меѓу државите. Со самото тоа мислам дека е сега доцна да се жалиме на тоа што било порано. Треба да се види како Македонија ќе излезе од сегашнава криза, а клучно прашање е дали политичките сили во Македонија - македонските и албанските, имаат доволно способност и волја да изнајдат компромис или повторно, како во 2001, ќе биде потребно тој да се наметне однадвор. Секоја варијанта што ќе ја произведат самите Македонци е попозитивна за демократијата и за институциите во таа земја, отколку наметнување однадвор, и треба да се бараат нови облици на соживот и нови облици на делење на демократската власт. Вртење само кон надворешен фактор нема да придонесе работите да бидат подобри.

EU-Außenbeauftragte Federica Mogherini bei den UN in New York
Рељиќ смета дека Федерика Могерини и ЕУ ќе треба засилено да се ангажираат во МакедонијаФотографија: picture-alliance/dpa/Bilgin S. Sasmaz

ДВ: Последните две големи демонстрации во Македонија покажаа дека поделбите веќе не одат толку долж етнички линии. Сите заедно - дали е тоа според Ваша проценка почеток на будење на граѓанска свест и дали таа треба да биде вистинскиот коректив за сите погрешни однесувања на луѓето во политиката?

Д. Рељиќ: Во Македонија и натаму постои коалициона влада на македонска и на албанска партија. Во овој момент не се гледа нејзина подготвеност да прифаќа решенија во смисла на преодна влада или за градење на национално единство околу организирање нови избори, кои би биле подобро надгледувани, поправедни и поисправни отколку порано и кои би произвеле некој нов политички квалитет во земјата. Митинзите се демократска работа, но тие служат само да се создадат демократски кулиси, кои на крајот треба да произведат политички договор. Тој договор повторно ќе биде работа на политичката елита во Македонија. Јас немам впечаток дека албанската политичка елита во Македонија во овој момент има желба премногу да се експонира, туку забележувам една прилична воздржаност, а сега дали од масовната демонстрација на опозицијата ќе се создаде притисок од јавноста до таа мера, за да влијае на политичката елита, посебно на Албанците во власта да излезат од оваа коалиција, мислам дека е тоа прерано и дека, за жал, повторно ќе зависи од надворешни фактори - од мерата во која САД, ЕУ и околните држави, првенствено Албанија, ќе имаат влијание врз играчите во Скопје.

ДВ: Значи, тешко Ви е да предвидите каков ќе биде развојот во Македонија во наредниов период, но клучна улога во сето тоа ќе игра меѓународната заедница?

Д. Рељиќ: Знаете, некој пред еден месец да ги прашаше најголемите стручњаци за внатрешна политика во регионот дали очекуваат таков трагичен настан, како што беше во Куманово, веројатно никој тоа не би можел да го предвиди. Исто така секое политичко предвидување во овој момент на нестабилност би било преурането. Основен факт е дека се добива впечаток оти внатре во Македонија и натаму постои рамнотежа на двете политички опции, и дека во овој момент албанските партии се тие, кои можат да го променат односот на силите и да ја соборат владата - доколку го сакаат тоа.

ДВ: Колку настаните во Македонија можат, негативно или позитивно, да влијаат врз соседството и врз целото балканско опкружување?

Д. Рељиќ: Па, во овој момент никој од соседите нема некоја голема политичка корист од заострување на односите во Македонија. Негативните случувања во Македонија би влијаеле негативно на преговорите на Србија со ЕУ. Лош развој во Македонија би барал од Албанија некое поинакво политичко однесување и би ја довел во неприлики, исто така и спрема Косово. Значи, ако во првиот момент кога се случи судирот во Куманово изгледаше дека најголема штета претрпеа опозиционите партии, оти во моментот кога е земјата загрозена опозицијата тешко може да бара промена на владата, кога работите околу Куманово малку се разјаснија, кога се покажа дека македонската држава тука не реагираше ефикасно - сепак тројца многу важни луѓе си дадоа оставки, тогаш ситуацијата дојде до таму, што во овој момент до ѕид е притисната владата во Скопје. Тоа покажува дека надворешните фактори во целата таа приказна всушност немаа некој претерано силен интерес или аргумент за да ја заоструваат таа работа. Како ќе се реши односот на власта и опозицијата во Македонија? Мене ми се чини дека тука се посебно важни два фактора: едниот е како ќе се постават САД и ЕУ и второ, каков став ќе заземе албанскиот политички фактор во Македонија.

ДВ: Значи сите оние, речиси хистерични реакции - подигање на борбената готовност, испраќање трупи на границата кон Македонија - фактички беа претерани и можеби повеќе за домашна употреба?

Д. Рељиќ: Па, да Ви кажам, претпазливост никогаш не е одвишна. Но само со анализи од временска дистанца може да се види дали нешто било одмерено или претерано. Во секој случај, никому не му наштети да го подигне степенот на готовност - токму за да се превенираат можни инциденти. Јас немам впечаток дека работата оди кон заострување на кризата во смисла на односот кон соседите.

Душан Рељиќ e раководител на бирото во Брисел на реномираната германска фондација „Наука и политика“ од Берлин.