1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Автомобили и мобилност

Решението на проблемот со дизелот го нуди човековото тело?

Клаус Улрих
31 јули 2017

Скандалот со прикривање на вистинските вредности на издувни гасови од дизел-моторите повторно ја разгоре дискусијата за мобилноста во иднина. Дали електромоторите навистина ќе ги заменат моторите со внатрешно согорување?

https://p.dw.com/p/2hRrf
Symbolbild Dieselskandal
Фотографија: picture-alliance/dpa/J. Stratenschulte

Политиката врши притисок. Во Велика Британија од 2040 година ќе биде забранета продажба на нови возила со дизел и бензински мотори. Непожелни ќе бидат и хибридните мотори со комбинација на електро мотор и мотор со внатрешно согорување. Во Франција и Норвешка има слични заклучоци. Во Кина, најголемиот автомобилски пазар во светот, наскоро треба да има квота за електромобили. Во Германија сѐ почесто се слушаат барања на одделни партии и политичари кои одат во иста насока, но (сѐ уште) нема заклучоци. Сепак, обрачот околу конвенционалните автомобилски мотори сѐ повеќе се стеснува.

„Мислам дека на подолг рок ќе биде неизбежно откажувањето од мотори со внатрешно согорување, затоа што во спротивно не можеме да се справиме со проблемите за животната средина“, вели Клаус Дол од одделот за системи и иновативни истражувања на институтот Фраунхофер. Експертите, меѓу другото и по налог на владата во Берлин, работат на истражување на концепти за мобилност во иднина.

Незначителна редукција на штетни материи

Сообраќајот е единствен сектор кој во последните години не успеа да ја намали значително емисијата на ЦО2, вели Дол. Тука мора нешто да се преземе. Експертот за мобилност меѓутоа нагласува дека доколку струјата не е чиста, ниту електромобилите не би донесле којзнае какво подобрување на еко-билансот. Сложеното производство на батеријата и специјалните суровини кои се за тоа неопходни, се „еколошки товар“, нагласува Дол за ДВ.„Ако згора на тоа се врши полнење со електрична енергија произведена во термоцентрали, тогаш биланост е сличен како и да возите мал, чист бензин-автомобил“, нагласува експертот.

Со еко-струјата ситуацијата е поинаква, но таа прво мора да се произведе. „Се разбира дека може да се каже оти сега ќе се земе целата еко-струја која стои на располагање и таа ќе се впумпа во сообраќајот“, додава Дол. Но, на крајот мора да види каков е вкупниот биланс. „Тоа значи, да се види колку струја вкупно имам на располагање и како нејзините еколошки компоненти ќе ги распределам на сите економски сфери?“

Дол укажува дека еко-струјата е скапа, а изградбата на неопходните далноводи и огромните ветерни централи е спорна. Оттука, прашањето мора да гласи: „Што сакам? Ќе работам на заштита на земјиштето или на енергетски пресврт и промена на мобилноста?“ И префрлањето на товарниот сообраќај на шини чини пари. „Секогаш мора да се одмерува каква е ползата, а какви трошоците?“ Кога ќе се земат предвид сите работи, експертот Дол доаѓа до заклучок дека „откажување од моторот со внатрешно соговорување е потребно за да се заштити климата“.

Symbolbild Dieselskandal
Фотографија: picture-alliance/dpa/P. Pleul

„Моторот со внатрешно согорување ќе нѐ надживее сите“

Сосема поинакво е мислењето на Роланд Бар од Техничкиот Универзитет во Берлин. „Моторот со внатрешно согорување ќе нѐ надживее сите“, уверен е професор Бар. Тој нагласува дека во актуелната дискусија за енергија недостасува „поглед врз целината“. Од вкупното количество издувни гасови кои ги предизвикува човекот, само 4% доаѓаат од сообраќајот. Најголемиот дел е од други сфери, пред сѐ земјоделството, односно - емисии на метан. Најновите дизел-мотори испуштаат само „многу малку азотни оксиди“ и, поради филтерот за тврди честички, произведуваат дури и помалку саѓи отколку нормалните бензински мотори, потенцира експертот за ДВ.

Symbolbild Dieselskandal
Фотографија: picture-alliance/dpa/M. Murat

Оттука, нагласува тој, преориентирањето кон електромобилност не е решение, особено ако се има и предвид дека енергетскиот пресврт нема да се случи уште долго време. „Сѐ уште не сме ги решиле централните проблеми за енергетски пресврт, а сакаме да се збогуваме од моторот со внатрешно согорување, притоа немајќи друга алтернатива“, предупредува Бар. 

Идеални резервоари на енергија

„Ако сакаме транспортот на германските патишта, кој денес се одвива на бензин и дизел, да го вршиме на електро-погон, тогаш ни е потребна централа голема како Саарланд (германска покраина, н.з.)“, потенцира експертот.

Тој можното решение го гледа во нешто слично како феноменот во човековото тело, кој на многумина им создава проблеми - складирањето масти на колковите. „Господ ни дал место за складирање јаглеводороди. Тоа се забележува на колковите, каде складираме масти. Тоа се јаглеводороди. Тоа ни е со раѓањето дадено како можност за складирање енергија“, објаснува Бар. Според него, тоа е многу добра можност за складирање, затоа што обезбедува голема енергетска густина, како впрочем и нафтените продукти. Заклучокот на Бар, затоа, гласи: проблемот со енергија во иднина може да се реши со развој на синтетички горива врз база на јаглеводороди. Тоа е скапо, но функционира. На тој начин енергијата може добро да се складира и да биде долготрајно решение за сообраќајот.