1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Реформа на МАНУ заради подобар соживот

28 октомври 2009

Зголемување на бројот академици – Албанци, формирање посебен оддел за албанска историја, култура и уметност, или оваа етничка заедница ќе се реши за конституирање посебна Албанска академија на науките и уметностите?

https://p.dw.com/p/KHMu
МАНУ во СкопјеФотографија: Petr Stojanovski

Напоредно со интензивираните експертизи во одделите на Македонската академија на науките и уметностите во врска со оспорените одредници на Енциклопедијата, се бара разрешување и на уште едно прашање, многу подлабоко и посуштинско: функционирањето на самата академија. Опозиционата Демократска партија на Албанците веќе неколку години промовира свој проект за некаква „Албанска академија на науки и уметности во Македонија“. Меѓу албанската интелигенција во земјата е многу позастапена идејата за темелни, а не „козметички“ реформи на Македонската академија на науките и уметностите, а и за формирање посебен албански оддел во нејзината организациона структура.

„Наместо посебна албанска академија и паралелни институции – ’албански оддел’ во МАНУ“

Akademiker Alajdin Abazi
Академик Алајдин АбазиФотографија: Sveto Toevski

Промоторот на оваа, последнава идеја, академикот Алајдин Абази има речено: „Стојам и ден – денес на ставот дека треба да се формира посебен оддел за историјата, културата и науката на Албанците. Не може да не ни биде јасно дека ’албанскиот дел’ во овој поглед заостанува институциски.“

Дописниот член на МАНУ Али Алиу е категоричен: „Формирањето ваков оддел не би значело албанизирање, ниту окупирање на академијата“. Тој посочува: „ Потребно е да постои центар, оддел, или не знам како би се нарекувало тоа, а не посебна албанска академија, која е нереална. Јас сум против некои паралелни организации и институции. Но, во МАНУ треба и да престане да се продуцираат политика и омраза, оти една омраза предизвикува друга омраза. Енциклопедијата направи голема штета и таа штета треба да се отстрани.“

Во заедничката држава -заеднички решенија

Еден од неколкуте бардови на македонската книжевност и култура, академикот Матеја Матевски е дециден: „Ја градиме заедничката држава и во таа концепција треба да се бараат сите решенија, кои се во интерес на науката, културата и на земјата. Ние треба да се доближуваме уште повеќе и да се интегрираме, а не да се делиме и да се одалечуваме едни од други.“

Универзитетскиот професор и претседател на Унијата на албанската интелигенција во Македонија Хавзи Мемети дополнува: „Не сметам дека е потребно да постои посебна албанска академија, бидејќи ние живееме во Македонија. Но, МАНУ треба да ги отвори вратите и за научниците – Албанци. Ова е мислење мое и на мнозинството интелектуалци – Албанци. Во последниве години, иако имаме добри научници и од албанскиот етникум, тие не се примаат во редовите на Македонската академија, бидејќи не добиваат гласови во постапката за гласање за приемот.“

Дневната политика – надвор од МАНУ

Akadamiker Mateja Matevski
Академик Матеја МатевскиФотографија: Sveto Toevski

Значи, доминантно е прашањето за реформите во МАНУ. Меѓутоа, какви?

Академикот Матевски истакнува: „Веќе се работи во телата на академијата. Во тоа спаѓа и разгледувањето на нејзините досегашни центри, на нивната содржина, па и на изнесените идеи за вклучување научни дејности, кои постојат, но кои не се во нив опфатени поцелосно.“

Професорот Мехмети вака одговара на претходното прашање: „Кога е потребно да се развиваат науката и културата на Албанците, треба покрај научниците – Македонци да се вклучуваат и научниците од албанскиот етникум во тие области и проекти.“

Пред три години Матеја Матевски во едно интервју на прашањето: дали се согласува со тезата за „шминкање“ на историските факти во интерес на едно пристојно заедничко живеење, одговори: „Историјата бара објективно научно – емпириско толкување и не треба кај никого да се создаваат нервоза и возбудување, ако се применува доследно тоа толкување.“

Останува да се види што ќе биде дефинирано како „објективна научна вистина“, што се однесува до енциклопедијата и нејзините одредници за Албанците. Во секој случај, остануваат како постојано актуелни зборовите на Матевски, кои ги кажа уште пред осум години, кога беше избран како претседател на МАНУ: „Академијата не треба воопшто да се занимава со дневна политика, на таа политика не и е местото во оваа институција“.

Автор: Свето Тоевски

Редактор: Жана Ацеска