Релјиќ: Промените во ЕУ-методологијата се козметички
6 февруари 2020ДВ: Што е всушност ново во новата методологија на ЕУ имајќи предвид дека и досега, двата клучни сегмента: почнување и завршување на преговорите со Поглавјата 23 и 24, и т.н. реверзибилност на процесот, постоеја во слична форма?
Душан Релјиќ: Мислам дека промените се главно од козметичка природа. Сега предложените, уште посложени формулации одошто во претходните документи треба, очигледно, од една страна да ги задоволат француските барања да се измени начинот на кој ЕУ преговара со кандидатите за членство. Од друга страна, треба да овозможат продолжение на постојната повеќедецениска пракса.
Очекувате ли дека оваа реформа ќе биде доволна за Франција и други земји-членки да попуштат за почеток на преговори со Северна Македонија и Албанија?
На претседателот Емануел Макрон многумина му префрлаат дека ја принудил ЕУ да ризикува историска геополитичка грешка со тоа што го блокираше пристапот за тие две држави. Нескриената амбиција на францускиот претседател е да биде предводник на Европа, а во тоа не може да успее доколку повеќето негови политички сојузници во Европа ја оспоруваат исправноста на неговите постапки. Претпоставувам затоа ќе се откаже од блокадата по овие козметички измени во Брисел, и доколку од Скопје и Тирана и натаму доаѓаат адекватни сигнали.
Акцентирањето на можноста земјите-членки да ги блокираат или суспендираат преговорите со земјите-кандидати ја остава можноста, како и досега, одредени земји да ги блокираат преговорите поради некои нерешени соседски прашања или проблеми. Зошто Европската комисија не успеа да ги заштити земјите-кандидати од таа опасност?
Нема да успее ни во иднина. Приемот на новите членки, согласно европските повелби, е во надлежност на земјите-членки, Европската комисија само ја спроведува нивната волја. Периодот пред пристапувањето кон ЕУ е моментот кога земјите-членки можат најмногу да бараат од земјите-кандидати. Тоа е најповолниот момент за соседите надвор од ЕУ да се принудат на отстапки. Најдобри примери се промената на името на државата во сегашната Северна Македонија или барањата Србија да ја признае сецесијата на Косово. Ќе бидеме сведоци на уште многу препирки на подрачјето на поранешна Југославија бидејќи останаа уште многу нерешени прашања, гранични и други.
Во Вашата најнова студија: Избегнување на опасноста од уште хартиена вежба: Зошто на Западниот Балкан му е потребен модел на проширување на ЕУ насочен кон човечкиот развој; препорачувате поинаков пристап кој треба повеќе да се концентрира на човечкиот развој. Зошто е тоа важно, и зошто тоа недостасува во актуелниот пристап на ЕУ кон Западниот Балкан?
При просечни месечни приходи од три до четиристотини евра, владеењето на правото и демократијата не можат да пуштат длабоки корени. Општествата се поделени на огромен сиромашен дел и мал остаток од оние кои стекнуваат големи профити во „заробените држави“. Со тие зборови и Европската комисија во 2018 година ја означи состојбата во регионот во кој политичките одлуки често се производ на личните интереси, по правило и корупција во редовите на власта, а не го одразуваат општиот интерес утврден со демократска постапка.
Граѓаните сфаќаат дека економски и политички се во безизлезна ситуација и затоа заминуваат во странство. Во текот на 2018 година, според податоците на статистичкиот завод на ЕУ, речиси на секои две минути еден граѓанин на Западниот Балкан по првпат стекнувал дозвола за престој во ЕУ- севкупно преку 230 илјади луѓе. Доколку се земе предвид поголемиот број починати од новородени, регионот се празни со приближна брзина од еден човек на секои 90 секунди.
Комесарот Оливер Вархеји најави „голем план“ за економски развој на регионот на самитот во Загреб. Може ли да се очекува да се санираат дел од овие проблеми кои ги набројувате преку тој план?
Нејасно е дали тоа навистина ќе биде некаков Маршалов план кој ќе направи пресврт во актуелното општествено-економско и политичко назадување во регионот. Но, имајќи ги предвид споровите во рамките на ЕУ околу новиот буџет, мали се шансите да настапат промени и Западниот Балкан да ја добие неопходната неповратна помош за вистински напредок. Развојот врз база на задолжување во странство не донесе битен напредок во регионот во текот на последните две децении. Во текот на изминатите 11 години земјите од Западниот Балкан имаа дефицит во трговијата со ЕУ од стотина милијарди евра, а голем е дефицитот и во билансите на плаќањето со странство.
Просечниот економски раст на Западниот Балкан е околу два до четири отсто годишно, а би било неопходно двојно повеќе за тие шест економии да го достигнат просекот на ЕУ- за 30 години. Затоа е неопходен бесплатен капитал за вложување во сообраќајот, телекомуникациите, здравството, школството, истражувањата и другата инфраструктура- доколку ЕУ навистина сака да ја оствари геополитичката цел на изедначување на економските и политичките услови на континентот како долгорочен гарант на мирот.
Комесарот за проширување Вархеји вели дека новата методологија отвора можност кандидатите да ги затвораат поглавјата за една година. Сметате ли дека е тоа реално?
Доколку постои политичка волја, сѐ е можно. Сетете се на забрзувањето на пристапувањето на Хрватска во 2013 година кое почиваше на политичките интереси и на поддршката од голем дел на Унијата.
Душан Релјиќ е шеф на бриселската канцеларија на Германскиот институт за меѓународни односи и безбедност и експерт за Балканот.