1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Наука

Нобелова награда за физика за тројца истражувачи на климата

ЖА / агенции
5 октомври 2021

Нобеловата награда за физика е доделена на тројца научници, меѓу кои и еден германски, за придонесот во истражување на климата и други физички комплексни системи.

https://p.dw.com/p/41HYR
Nobelpreis für Physik 2021 | Syukuro Manabe, Klaus Hasselmann and Giorgio Parisi
Фотографија: Pontus Lundahl/TT NEWS AGENCY/picture alliance

ГерманецотКлаус Хаселман и Јапонецот Сукуро Манабе ја делат едната половина на годинешната Нобелова награда за физика, а другата му припадна на Италијанецот Џорџо Париси. Сите тројца решавачки придонесле во разјаснувањето на земјината клима и други комплексни системи, соопшти во образложението Шведската кралска академија на науки денеска во Стокхолм.

Хаселман, роден во 1931 година во Хамбург, работи како метеоролог на тамошниот Институт Макс Планк. Тој разви методи кои овозможуваат докажување на трагите на човечката активност врз климата.

Јапонецот Манабе работи на Унверзитетот Принстон во САД, а преку својата работа покажал дека зголемената концентрација на јаглероден диоксид во атмосферата за последица има зголемување на температурата на земјината површина. Неговите трудови се база за развој на климатските модели.

Манабе и Хаселман имаат огромен придонес во корист на човештвото, во духот на Алфред Нобел, со тоа што создадоа солиден темел за нашето знаење за климата, истакна Комитетот за доделување на Нобеловата награда.

Институтот Макс Планк реагираше со низа „смајли“ на објавувањето на „нивниот“ добитник, „без зборови сме“, твитна кратко Институтот.

Физичарот Џорџо Париси, роден во 1948 година во Рим, работи на тамошниот Универзитет Сапиенза на истражување на комплексните системи. Тој открил дека во комплексните материјали „постои скриена мустра, што овозможува разбирање и опис на бројни навидум целосно случајни материјали и феномени, не само во физиката, туку и во други различни области како математика, биологија, невронауките," стои во образложението на Комитетот за доделување на наградата.

Нобеловата награда за физика годинава е дотирана со околу 980.000 евра, а од почетокот на нејзиното доделување во 1901. година, досега ја добиле 215 научници, меѓу кои само четири жени.