1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Револуционерната „Медена земја“ и хероизмот на Атиџе

БГ /АП
5 февруари 2020

Малкумина од оние кои ќе дојдат на годинешното доделување на Оскарите можат „да ѝ носат вода“ на Атиџе Муратова, пишува агенцијата Асосиејтед прес во текстот посветен на филмот „Медена земја“.

https://p.dw.com/p/3XI6t
Film Honeyland | Land des Honigs
Фотографија: picture-alliance/Everet Collection/L. Stefanov

Љубомир Стефанов и Тамара Котевска се најдоа во непристапен предел на Северна Македонија - на огромно растојание од Оскарите - кога ја пронајдоа пчеларката која ќе стане главен лик на нивниот реномиран документарец „Медена земја“.

Работејќи на кусо видео посветено на проект за заштита на природата, режисерите ја запознаа Атиџе Муратова, средовечна жена која преживува во осаменост, собирајќи мед со стари, одржливи методи во планинските предели на поранешната југословенска република, додека истовремено се грижи за нејзината полуслепа и неподвижна мајка во скромниот дом без струја.

Во Муратова тие препознаа не само благородна, речиси безвременска фигура на еколошкиот симболизам, туку и инспиративна личност која заслужува внимание. Муратова не тргна да живее во изолација; додека нејзиното село замира, таа останува за да се грижи за својата мајка. „Медена земја“ е, на некој начин, нејзиното ослободување.

„Оваа жена е вистински талент и голем љубител на луѓето“, вели Котевска во телефонско интервју со Стефанов до неа.

„Таа е екстровертна. Но животните услови ја довеле таму каде што е. Таа била заробена во тој живот. Кога се појавивме, тоа беше ослободување за неа. Тоа беше нејзиниот начин да ни ги раскаже својот живот и својата приказна“.

Од сите личности кои ќе дојдат на Наградите на Академијата в недела, малкумина можат „да ѝ носат вода“ на Атиџе. Таа ќе биде таму, велат режисерите, на настан кој истовремено ветува да биде восхитувачки судир на културите и момент на триумф за скромната хероина која никогаш не бараше да биде во центарот на вниманието.

Во Македонија, вели Котевска, таа живее во улогата на „национална хероина“. „Луѓето се очигледно заморени од лажни херои кои се над сите“, вели Котевска.

„Медена земја“ веќе испиша историја. Тоа е првиот филм во историјата номиниран и за најдобар документарец и за најдобар меѓународен филм, категорија која порано се нарекуваше најдобар филм на странски јазик. Двојните почести од „Медена земја“ создаваат навистина револуционерен кандидат за Оскар; филм што ги опфаќа и бескрајната природа на правењето документарни филмови, но и специфичната величина на „Медената земја“.

Film Honeyland | Land des Honigs
Инсерт од филмот Медена земјаФотографија: picture-alliance/Everet Collection/L. Stefanov

Филмот го следи животот на Муратова, вклучително и потресните интимни сцени со нејзината мајка, Назифе, и нејзините одржливи методи во пчеларството. Муратова зема половина од медот, а другата половина им ја остава на пчелите, рамнотежа која овозможува пчеларникот да расте и да се развива. Но кога едно хаотично деветчлено семејство ќе се досели во соседството и ќе се зафати со пчеларството со помалку трпение, „Медена земја“ станува впечатливо силна еколошка алегорија.

Стефанов верува дека овој основен конфликт е причината што нивниот филм, кој веќе освои врвни награди минатата година, има толкава резонанца. Соседите, Хусеин Сам и сопругата со нивните седум деца, не се класични негативци; тие само се обидуваат да преживеат оптоварени со долгови и со усти за хранење.

„Тоа покажува како алчноста функционира на многу основно ниво“, вели Стефанов. „Тоа е заедница на тројца луѓе. Исто ќе беше да имавте и илјада со оптимирани животни приходи и некој да дојде и да рече: ’Јас ќе ви дадам повеќе’. Таа реченица е најголемата причина зошто денес се соочуваме со оваа ситуација“.

„Она што го најдовме во оваа заедница е нешто што го има насекаде низ светот“, вели Стефанов.

Потребна беше голема посветеност за да се долови таа заедница. Стефанов и Котевска до домот на Муратова стигнувале со теренско возило, и преноќувале во шатори во периоди од 2-3 дена додека снимале. Зиме било премногу студено за да се ноќева на отворено. Севкупно, снимале цели три години и собрале повеќе од 400 часови снимки.

Nord-Mazedonien l Dokumentarfilm, Filmemacher des "Land des Honigs"
Режисерите Стефанов и Котевска и Атиџе МуратоваФотографија: Petr Stojanovski

Најзадучувачки, Муратова често зборувала турски, особено во сцените со нејзината мајка, јазик кој двајцата македонски режисери не го зборувале. Честопати снимале само заради визуелниот момент. Дури подоцна, кога ги добиле транскриптите од тие разговори сфатиле што снимиле. Изненадувачки, не биле потребни речиси никакви промени.

Дел од успехот на „Медена земја“ сега се враќа кон неговите главни ликови. Се продаваат тегли со мед, а средствата одат кај Муратова и кај десетчленото семејство на Сам (во меѓувреме семејството се прошири за уште еден член).

Модерниот живот не беше многу застапен во „Медена земја“, иако одвреме навреме се појавува. Како кога Муратова оди во Скопје да го продаде медот и да купи некои потребштини, како боја за коса. Но Оскарите ќе бидат далеку поголем наплив на модерност за Муратова.

Режисерите, кои пристигнаа во Лос Анџелес минатата недела, не можат да го дочекаат моментот.
„Ќе биде многу возбудливо за сите“, вели Котевска.

„Медена земја“, се надеваат, е сигнал за уривање на старите граници.
„Добра приказна е добра приказна без оглед од каде доаѓа. Најважно е дека ќе можеме да ја видиме“, вели Котевска.

„Номинацијата на „Медена земја“ во две категории само покажува дека филмската форма се менува. Жанрот веќе не е толку важен, туку слободното раскажување на приказната“.

(Асосиејтед прес)