Расте поддршката за реформи во ВМРО-ДПМНЕ
17 јули 2017„Огромен број од членството поддржува реформи во ВМРО-ДПМНЕ“, тврдат иницијаторите што го започнаа тој процес минатиот месец. Групата „реформатори“, како што ги нарекуваат, ваквиот впечаток го гради по интензивните активности на терен и бројните средби во партиските комитети, каде темелно ги објаснуваат и презентираат предлозите за демократизација и реформи во партијата.
„Одзивот е одличен, поддршката огромна. Огромен дел од членството ги поддржува предлозите кои водат кон ресетирање и ребрендирање на партијата, со цел таа да стане кредибилен политички субјект во Република Македонија. Промени се нужни, не само заради ВМРО-ДПМНЕ, туку заради јакнење на демократијата во земјата и создавање сериозна алтернатива на власта“, објаснува Александар Михајловски, еден од иницијаторите за реформи во ВМРО-ДПМНЕ.
Тој и неговите колеги од иницијативата, во изминатиот период беа изложени на навреди, омаловажувања и лични дискалификации од страна на лица во раководните органи на ВМРО-ДПМНЕ. Но, таквите методи не ги предомислиле во намерата предлозите за реформи да ги презентираат во комитетите низ цела Македонија. Концептот за демократизација и модернизација на ВМРО-ДПМНЕ, тие официјално ги испратиле во партиското седиште на 25-ти јуни. До денес не добиле одговор.
„Од раководството не игнорираат. Но, на терен е поинаку. Со оглед на стравот и контролата кои владеат во партијата, изненадени сме од огромниот број на членови кои се охрабрија со нашето појавување, и даваат максимална поддршка на нашите предлози. На сите им е јасно дека раководството е централизирано и дека партијата мора да се реформира. На средбите не разговараме за персонални партиски решенија, туку за системски: дали сакаме слободна и демократска, или заробена и едноумна партија“, вели Михајловски.
Без табу-теми
Реформите во ВМРО-ДПМНЕ за кои се залагаат дел од нејзините актуелни членови го привлече вниманието на јавноста, со оглед дека состојбите во партија секогаш беа скриени зад превез на тајноста, лостовите на цврстата дисциплина и огромната контрола околу тоа што смее да излезе во јавноста, а што не, дури и за банални прашања. Членови од партиски комитети со кои разговараше ДВ, велат дека внатрешни промени мора да има, дека членството постепено се ослободува од стравот и дека е време базата да ги избира нејзините претставници во партиските органи, а не како досега - лично лидерот, преку лажни демократски процедури.
„Ако во државата се владеело автократски, тогаш замислете како ни било во партијата“, вели партиски член.
„Но грешката е и во нас, бидејќи предолго ги премолчувавме тие состојби, притиснати и исплашени од разни надгледувања кој што први и како се однесува. Инсталираа голема контрола и страв. И сега се обидуваат да продолжат со истите манири, но тоа е многу потешко, бидејќи ги немаат 'алатките' од позиција на власт со кои досега 'оперираа'“, вели нашиот соговорник.
Според партиски извори, од 40 до 80 лица дневно биле ангажирани да надгледуваат што пишува членството на социјалните мрежи. За даден „лајк“ на „неподобно место“, веднаш стигнувала опомена.
Што се случувало и што сè уште се случува во ВМРО-ДПМНЕ? Кои се намерите и плановите на новите реформатори кои се охрабрија да проговорат? Со што се соочуваат? Има ли вистина во тоа дека се потпишувале бланко меници за партиска лојалност? Ова ќе бидат дел од прашањата на кои реформаторите ќе одговараат на јавна трибина „Реформаторите на ВМРО-ДПМНЕ: Без табу теми!“, организирана од граѓанската организација „Цивил“, со цел да придонесе во развојот на политичката култура и обновувањето на дијалогот во општеството.
Каква демократија
Како изгледала „демократијата“ во ВМРО-ДПМНЕ? И покрај формалните конкурси, изборот на партиски органи бил централизиран,. За избор на претседатели на Општински комитети (ОК), кандидатитe имале кратко интервју пред комисија, која предлагала неколкумина да одат во следна фаза, а се правеле и телефонски анкети. „Финалистите“ имале завршно интервју кај лидерот, кој го давал кадровскиот предлог до Извршниот Комитет, кој формално го избира претседателот на ОК. Сите претседатели на ОК, поставени на предлог од лидерот, се и членови на Централниот Комитет, што значи дека лидерот има целосна контрола над ЦК. Контролата била 100 процентна и врз Извршниот Комитет, чии членови на предлог на лидерот се верификуваат од ЦК. Контролираниот ЦК, со кој целосно управува лидерот, определува дел од составот на делегати за Конгресот, а другиот дел ги избираат ОК, кои исто така се под контрола на лидерот.
„Ако претседателите на ОК, Централниот Комитет, Извршниот Комитет, Генералниот секретар на партијата, пратениците, министрите, директорите, делегатите на Конгресот.., ако сите тие се поставени од претседателот на партијата, тогаш каде овде е демократијата?“, реторички прашуваат реформаторите.
Според нив, раководството се чувствува неприкосновено, бидејќи не одговара пред никого, бидејќи не постои корективен елемент и претседателот има апсолутна моќ. Реформаторите сметаат дека мора да се стави крај на таквиот централизиран систем и веруваат во успех: „Убедени сме дека сме на вистинскиот пат, дека реформите ќе успеат и дека ВМРО-ДПМНЕ ќе биде демократизирана и уште посилна“.
Најавуваат дека наскоро ќе излезат со конкретни податоци за огромната поддршка што ја добиваат за реформи во партијата.