1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Разочарувачките грчки визионери

Спирос Москову / превод: ЕМФ13 јуни 2015

Сириза дојде на власт со намера да ги промени и подобри работите во Грција. Притоа, левичарската влада на Ципрас во изненадувачки многу работи е поконзервативна од претходните, оценува Спирос Москову.

https://p.dw.com/p/1Fgdk
Фотографија: picture-alliance/AP Photo/InTime News/G. Liakos

„Наша највисока цел е среќата на грчкиот народ“, рече висок член на левичарската влада во четвртокот (11.06). „Сакаме луѓето навечер мирно да си легнуваат, без да мора да мислат колку сметки утредента ќе им стигнат во поштенско сандаче, а тие не можат да ги платат.“ На прашањето кој би требало да ги финансира слатките соништа на Грците, човекот од Сириза реагираше со помалку елоквенција. Европските партнери некако нема да ризикуваат излегување на Грција од еврозоната, поради политички причини. Ваквите изјави уште еднаш фрлаат светлина на тоа како екипата на Ципрас ја замислува поделбата на работите во светот: Атина е надлежна за визии блиски до народот, Брисел и Берлин за нивно финансирање.

Државните финансии во драматична состојба

Непосредно пред истекот на актуелната програма за помош, на крајот на јуни, владата на Сириза мора да сфати дека нејзината чудна тактика не успева. Приватното стопанство е на дно, државата мора да собира цент по цент за да ги исплати платите и пензиите. По Замбија, сега и Грција го замоли ММФ да ги окрупни ратите, односно да ги спои двете јунски рати од долгот што земјата го има кон оваа институција. Состојбата се чини уште подраматична од онаа во 2010 година, кога тогашниот премиер Јоргос Папандреу од пристаништето на еден прекрасен остров официјално ги замоли партнерите за спас на банкротираната земја. Пет години потоа, администрацијата на Ципрас го вади наводно своето последно оружје во случај на нужда: „крах со партнерите“, доколку тие не се подготвени да се согласат со ублажување на мерките за штедење.

Грците пак, притоа, имаат сосема поинакво мислење. Според најновото истражување на јавното мислење, 77 проценти од испитаниците не сакаат прекин со партнерите, туку постигнување согласност со нив! Исто така 77% се на мислење дека земјата треба да остане во еврозоната, а дури секој втор Грк е за постигнување согласност под условите кои ги поставуваат доверителите. Со оглед на ваквите бројки и независно од сите закани во Атина, најверојатното сценарио е сепак постигнување согласност до крајот на претстојната недела, со што би се ублажила потребата на Атина од пари.

Но со тоа ни оддалеку не е решен грчкиот проблем. И претходните влади во изминатите години од кризата постигнуваа согласност со парнерите и потпишуваа договори, но од тоа во пракса спроведуваа само дел, а и тоа го правеа со половина срце.

Moskovou Spiros Kommentarbild App
Спирос Москову, автор на коментарот

Драматиката на грчкиот случај се должи на истовремено настапување на повеќе аномалии. Прво, еврозоната како целина - значи простор со заедничка силна валута, но беа заедничка финансиска политика - има структурен проблем, кој се манифестира во целиот слаб југ на Европа. Второ, грчките влади во изминатите години пред очите на своите европски партнери ја доведоа земјата во денешниот ќорсокак со својата недисциплинирана финансиска политика која нема мерка. И трето, Атина има тешко структурни проблеми и проблеми со модернизација кои се влечат со години. Всушност и не требаше да се чека на омразените технократи од ММФ - одамна се знаеше дека грчките пензиски и осигурителни системи не можат да го поднесат товарот, зашто многу Грци едноставно прерано заминуваат во пензија. Земјата е на дното на листата според приходите од данокот на додадена вредност, затоа што не може да си го прибере данокот, а тоа е нешто што во другите евро-држави се подразбира само по себе.

Сириза не ги решава проблемите

Модерна и ефикасна левица би се зафатила и би ги решила за добробит на земјата барем овие, внатрешно произведени проблеми. А што прави дома Сириза, која се нафаќа во името на народите на цела Европа да ја промени финансиската политика на еврозоната? „Кон иднината ориeнтираната“ влада на Ципрас повторно вработува луѓе во безнадежно надуениот јавен сектор - менталитет од 19. век, според кој мајката држава би морала да се грижи по можност за сите свои деца. „Левичарската“ влада на Сириза договори закон за регулирање на даночните долгови. Заостанатиот долг може да се плати на 100 рати, а сите казни ќе бидат избришани. Проблемот во сето тоа е што од оваа амнестија ќе профитираат и 6.500 даночни грешници кои должат по поваќа од еден милион евра. Дури и конзервативната влада на Самарас сакаше од ваквото правило да ги исклучи тие 6.500 големи должници. Новата грчка левица меѓутоа наводно сака еднакво да ги третира сите граѓани. И, веројатно сака во својата имагинарна револуција да победи со маслинови гранчиња. Само да нема крах со олигарсите!