Разнишан митот за мултиетничка Војводина
15 јуни 2011Политичарите од Војводина постојано се колнат во нејзиниот мултиетнички и мултикултурен карактер. Досега беа ретки оние, кои се занимаваа со прашањето за меѓусебната комуникација меѓу различните етнички групи, како и со прашањето - дали и колку и’ наштетиле на таа комуникација меѓу групите судирите во поранешна Југославија.
Жужана Серенчеш, која се занимава со анализа на медиумите во Војводина, оценува:
„На формално ниво постои разбирање и почит за другите етнички групи. Меѓутоа, недостасува суштинско познавање и суштинска присутност на проблемот на разните етнички групи. Исто така недостасува и меѓусебна комуникација. Не постои струење меѓу нив, нема комуникација, размена на идеи и мислења.“
Аналитичарката Серенчеш како пример ја наведува состојбата во јавниот сервис на Војводина, кој емитува радио и телевизиска програма дури на 10 јазици. Но, тие програми се затворени во себе, редакциите се одвоени една од друга и нема никаква комуникација меѓу нив, оценува Жужана Серенчеш.
Изменети времиња
Далибор Ступар, пак, е автор на документарниот филм „Живот покрај“, кој е снимен во рамките на поширок проект на повеќе невладини организации и независни телевизиски продукции под заеднички наслов „Дијалози на културите од Војводина“. Тој е роден во градот Темерин, кој последните години стана токму познат по меѓуетнички инциденти.
„Ние кога бевме мали не се гледаше воопшто на тоа кој е од која нација. А сега, кога одам на гости кај родителите и брат ми, гледам дека луѓето се поделени. Секој си ја гледа својата работа и се дружи само со оние од неговата етничка група.“
Ступар уште нагласува дека постарите генерации се чини дека се многу потолерантни што се однесува до другите етнички групи, додека кај помладите постои порезервиран став.
Автор: Динко Грухоњиќ / Горан Чутаноски
Редактор: Симе Недевски